Numbers 27
1 И дојдоа ќерките на Салпаад, син на Хефер, кој беше син на Галаад, а тој — син на Махир, од поколението на Манасија, син Јосифов; и еве ги имињата на ќерките негови: Махла, Ноа, Хогла, Милка и Тирца;
2 и откако застанаа пред Мојсеј, пред свештеникот Елеазар, пред кнезовите и пред целото општество, при влезот од скинијата на собранието, рекоа:
3 „Таткото наш умре во пустината, и тој не беше меѓу соучесниците што станаа против Господ заедно со луѓето на Кореј, туку умре поради свој грев, без синови.
4 Зошто да се загуби името на таткото наш меѓу племето негово поради тоа што нема син? Дајте ни дел меѓу браќата на таткото наш!“
5 И Мојсеј го изнесе прашањето нивно пред Господ.
6 А Господ му рече на Мојсеј:
7 „Право велат Салпаадовите ќерки; дај им наследствен дел меѓу браќата на таткото нивни и предај им го ним делот на нивниот татко,
8 а на синовите на Израел јави им и кажи: ако некој умре, и не остави син, предавајте го наследството негово на ќерките негови;
9 ако, пак, тој нема ќерки, давајте го неговиот дел на браќата негови;
10 ако нема браќа, дајте го неговиот дел на стриковците негови;
11 ако, пак, нема ни стриковци, дајте му го неговиот дел на најблискиот негов роднина од неговиот род; и нека биде тоа закон за синовите израелски, како што му заповедал Господ на Мојсеј!“
12 И му рече Господ на Мојсеј: „Излези на планината Аварим и погледај ја земјата што им ја давам на синовите израелски;
13 и откако ќе ја погледаш, прибери се и ти при народот свој, како што се прибра Арон, братот твој;
14 зашто вие не ја послушавте заповедта Моја во пустината Син, кога меѓу општеството се појави расправија, да ја покажете пред очите нивни Мојата светост при водата. Тоа е водата Мерива кај Кадис, во пустината Син.“
15 И Му рече Мојсеј на Господ, велејќи:
16 „Господ, Бог на духовите во сите тела, нека одреди над овој народ човек,
17 кој ќе ги управува, и кој ќе ги предводи во сите можни околности, та да не остане народот Господов како стадо без пастир.“
18 И му рече Господ на Мојсеј: „Земи го Исус, Навиновиот син, човек, во кого има Дух, и положи ја врз него раката своја.
19 Претстави го пред свештеникот Елеазар и пред целото општество, и дај му наредби пред целиот народ,
20 и дај му од славата твоја за да го слуша сиот народ на синовите израелски;
21 а тој да се обраќа до свештеникот Елеазар и да се допрашува до него за решенија преку урим пред Господ; и според зборот негов секогаш да постапуваат: тој и сите синови на Израел со него, и целото општество.“
22 И направи Мојсеј како што му заповеда Господ Бог, и го зеде Исуса, па го претстави пред свештеникот Елеазар и пред целото општество;
23 и ги положи врз него рацете свои и му даде совет, како што заповеда Господ преку Мојсеј.