Nehemiah 92006

1На дваесет и четвртиот ден од тој месец се собраа сите синови Из­раелови, постејќи, во вреќишта и со пепел на главите свои.

2И се оддели Израеловото семе од сите туѓинци, станаа, па ги исповедаа гревовите свои и престапите на тат­ковците свои.

3И стоеја на местата свои, и четврт ден читаа од книгата на законот Господов, својот Бог, а во другата четвртина се исповедаа и Му се поклонуваа на Господ, својот Бог.

4А тогаш левитите Јешуа, Ваниј, Кадмиел, Шеванија, Буниј, Шеревија, Ваниј и Кенаниј се искачија на повисоко место, наменето за левити, и силно повикаа кон Господ, својот Бог.

5Потоа левитите Јешуа, Кадмиел, Ваниј, Хашавнеја, Шеревија, Ходија, Шеванија и Петахија рекоа: „Станете, славете Го Господа, вашиот Бог, одвека довека, и нека се славослови преслав­ното Твое име, кое е повисоко од секое славословие и похвала!“

6И рече Ездра: „Ти, Господи, Кој си еден, Ти го создаде небото, небесата на небесата и сета нивна војска, земјата и сѐ што е по неа, морињата и сѐ што е во нив, и Ти го оживуваш сето тоа, и небесните воинства Ти се поклонуваат.

7Ти сам, Господи Боже, го избра Аврам, го изведе од Ур Халдејски и му даде име Авраам,

8и го најде срцето негово верно пред Тебе, и склучи со него завет за да му ја дадеш нему и на семето негово земјата на Хананците, Хитијците, Аморејците, Перизијците, Јевусиј­ците и Гергесеј­ците. И Ти го исполни зборот Свој, заш­то си справедлив.

9Бидејќи Ти ја виде маката на предците наши во Египет и ја слушна нивната поплака кај Црвеното Море,

10и покажа знаци и чудеса над фараонот и над сите негови служи­тели и над сиот народ од земјата негова, бидејќи Ти знаеше, зашто тие постапија горделиво со нив, и Ти си создаде име до денес.

11Ти го пресече пред нив морето, и тие минаа среде море како по суво, а оние што те гонеа, Ти ги фрли во длабочините како камен во силни води.

12Во облачен столб Ти ги водеше дење и во огнен столб — ноќе, за да им го осветлуваш патот, по кој требаше да одат.

13И слезе Ти на гората Синај и го­вореше со нив од небото, им даде пра­веден суд, вистински закони, наредби и добри заповеди.

14И им ја покажа Твојата света сабота и преку Твојот слуга Мојсеј им даде заповеди, наредби и закон.

15И кога гладуваа, Ти им даваше леб од небото, а кога беа жедни, им извади вода од камен, и им рече да одат и да ја завладеат земјата, која Ти, откога ја крена раката, се заколна дека ќе им ја дадеш.

16Но тие, нашите татковци, беа упорни, се покажаа тврдоглави и не ги послушаа Твоите заповеди;

17не сакаа да се покоруваат и не се сетија на Твоите чудесни дела што ги беше направил со нив, станаа тврдо­глави и со својата упорност поста­вија над себеси водач за да се вратат во ропството свое. Но Ти си Бог, Кој сака да проштева, добар и милостив, долготрпелив и многумилостив, и Ти не ги остави.

18И макар што беа излеале теле и беа рекле: ‚ете го твојот бог што те изведе од Египет‘ — и макар што правеа големи сквернавења,

19Ти, поради големото Свое милоср­дие, не ги остави во пустината; об­лачниот столб не се одлепуваше од нив дење, за да ги води по патот, и огнениот столб — ноќе за да им свети по патот, по кој требаше да одат.

20Ти им го даде Твојот благ Дух за да ги поучува, и не ја одземаше маната Своја од устата нивна, па и вода им даваше за гаснење на жедта нивна.

21Четириесет години ги хранеше во пустината; но ништо не им недостасуваше, облеката не им оветвуваше, нозете не им потекуваа.

22И Ти им даде царства и народи и им ги раздели, и тие ја завладеаја земјата на Сихон, царот на Есевон, и земјата на Ог, царот на Башан.

23И им ги умножи синовите нивни како небесните ѕвезди и ги воведе во земјата, за која им беше говорел на татковците нивни дека ќе дојдат да ја владеат.

24И синовите нивни влегоа и ја завладеаја земјата. И Ти им ги пот­чини жителите на таа земја — Ханан­ците, и ги предаде во рацете нивни со царевите и народите на земјата за да постапуваат со нив според волјата своја.

25И тие ги зазедоа утврдените градо­ви и плодната земја, и завладеаја куќи, полни со секаков имот, на­правени из­вори во камен, лозја и маслинови градини и многу плодни дрвја за храна. Тие јадеа, се наситуваа, се дебелеа и се на­сладуваа од Твојата голема добрина;

26и тие станаа непокорни и се креваа против Тебе, го презреа Твојот закон, ги убиваа Твоите пророци, кои сведочеа да се обратат кон Тебе, и премногу хулеа.

27И Ти затоа ги предаде во рацете на непријателите нивни, кои ги угнетуваа. Но секогаш кога, во тешко време за нив, ќе повикаа кон Тебе, Ти ги слу­шаше од небесата и, по големото Свое милосрдие, им даваше спасители што ги спасуваа од рацете на непријателите нивни.

28А кога се успокојуваа, пак поч­нуваа да прават зло пред Твоето лице, и Ти ги предаваше во рацете на непријателите нивни, и тие владееја со нив. Но кога пак ќе повикаа кон Тебе, Ти ги слу­шаше од небесата и, според големото Свое милосрдие, многупати ги спасуваше.

29Ти им напомнуваше да се свртат кон Твојот закон, но тие беа тврдоглави и не ги слушаа Твоите запо­веди, се от­странуваа од Твоите зако­ни, преку кои би живеел човек, ако ги исполнуваше, го свиткаа грбот, се по­кажаа тврдокор­ни и не слушаа.

30Чекајќи да се обратат, Ти ги трпе­ше многу години и им напомнуваше со Твојот Дух преку пророците Свои, но тие не слушаа. Тогаш ги предаде во рацете на туѓи народи.

31Но, по големото Свое милосрдие, Ти не ги истреби докрај и не ги оставаше, бидејќи Ти си Бог добар и милос­тив.

32И сега, Боже наш, Боже величес­твен, силен, страшен, Кој го пази заветот и милоста, нека не биде мало пред лицето Твое сето страдање што нѐ снај­де нас, царевите наши, кнезовите наши, свештениците наши, татковците наши и сиот Твој народ од дните на асирските цареви до денес.

33Во сѐ што нѐ снајде, Ти си праведен, зашто Ти постапуваш според правдата, а ние сме виновни.

34Царевите наши, кнезовите наши, свештениците наши и татковците наши не го извршуваа Твојот закон и не им посветуваа внимание на Твоите заповеди и Твоите удари, со кои ги потсетуваше.

35И во своето царство, при Твојата голема добрина што им ја укажуваше, и во широката и плодородна земја што им ја оддели, тие не Ти служеа и не се одвратуваа од своите лоши дела.

36И, еве, сега сме робови; во таа земја што Ти им ја даде на татковците наши за да се хранат од плодовите нејзини и од благата нејзини, еве, сега ние ѝ робуваме.

37И своите плодови таа изобилно ги принесува за царевите, на кои нѐ пот­чини заради гревовите наши. И тие по своја волја владеат над телата наши, и над добитокот наш, и ние сме во голема мака.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for Nehemiah 9.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.