1Кога слушнаа Санавалат, Товија и Гешем, Арабјанецот и другите наши непријатели дека јас го изѕидав ѕидот, и дека на него не остана ниту една пукнатина — до тоа време, меѓутоа, не бев поставил уште врати на портите, —
2тогаш Санавалат и Гешем испратија луѓе да ми кажат: „Дојди да се сретнеме во Кефирим, во долината Оно!“ Тие намислиле да ми направат зло.
3Но јас испратив пратеници да им кажат: „Зафатен сум со голема работа, не можам да слезам; работата ќе запре, ако ја оставам и слезам кај вас.“
4Четирипати тие ми испраќаа таква покана, а јас им враќав ист одговор.
5Тогаш Санавалат го испрати по мене, за петти пат, слугата свој со отворено писмо во раката своја.
6Во него беше напишано: „Глас се разнесува меѓу народите, и Гешем тврди дека, божем, ти и Јудејците сте намислиле да дигнете востание, поради што и го ѕидаш ѕидот и сакаш да им бидеш цар; така се зборува;
7си поставил и пророци да разгласуваат за тебе во Ерусалим и да говорат: ‚цар јудејски!‘ А таквите зборови ќе дојдат до царот. Затоа дојди, и ќе се посоветуваме заедно.“
8Но јас испратив да му кажат: „Ништо такво немало, за што зборуваш; сам си го измислил со својот ум.“
9А тие сите нѐ заплашуваа, велејќи: „Ќе им капнат рацете од таа работа, и таа нема да се заврши.“ Но јас уште повеќе си ги зацврстив рацете свои.
10Отидов во куќата на Шемаја, син на Делаја, син Мехетавелов, и тој се затвори и рече: „Да појдеме во Божјиот дом, внатре во храмот, и да ја заклучиме потоа вратата на храмот, зашто ќе дојдат да те убијат ноќе.“
11Но јас одговорив: „Зарем треба да бега човек како мене? Треба ли таков човек каков што сум јас да влезе во храмот за да остане жив! Не одам.“
12Јас знаев дека не го беше испратил Бог, — иако ми говореше пророчки, — туку дека Товија и Санавалат го беа поткупиле.
13Тој беше поткупен за да ме исплаши, да постапам така и да згрешам, та да имаат за мене лошо мислење и да ме казнат за тоа со прекори.
14Помни ги, Боже мој, Товија и Санавалат според тие нивни дела, а исто така и пророчицата Ноадија и другите пророци што сакаа да ме уплашат?
15Ѕидот беше завршен во дваесет и петтиот ден од месецот елул, точно за педесет и два дена.
16Кога слушнаа за тоа сите наши непријатели, и го видоа тоа сите околни народи, многу се исплашија и сфатија дека таа работа е извршена од нашиот Бог.
17Освен тоа, во тие дни повидните Јудејци пишуваа писма и ги испраќаа до Товија, а Товиевите писма одеа до нив,
18зашто мнозина во Јудеја со заклетва склучија сојуз со него, зашто тој му беше зет на Шеханија, син Арахов, а синот негов Јонатан беше женет за ќерката на Мешулам, синот на Варахија.
19Тие говореа пред мене дури и за неговата добрина, а моите зборови му се пренесуваа нему. Товија испраќаше писма за да ме заплаши.