1Пророштво за Ниневија; книга за видението на Наум од Елкош.
2Господ е Бог љубоморен и одмаздник, Господ е страшен во Својот гнев: Господ им се одмаздува на непријателите Свои; не ги поштедува ни противниците Свои.
3Господ е бавен на гнев, а силен во моќта, така што не го остава виновникот без казна; патот Господов е во виор и бура, а облаците се прав под нозете Негови.
4Ќе му се закани на морето, и тоа пресушува, и сите реки пресушуваат: овенува Башан и Кармил, и свенува цветот на Ливан.
5Горите се тресат пред Него, и ридовите се топат, земјата потреперува пред лицето Негово, и вселената и сѐ што живее во неа.
6Кој може да устои против гневот Негов? И кој може да го издржи пламенот од Неговата јарост? Гневот Негов се излива како оган; карпи се распаѓаат пред Него.
7Добар е Господ; Тој е прибежиште во ден на неволја. Тој ги заштитува оние, кои прибегнуваат кај Него,
8дури и при силни води. Тој ќе ги докрајчи Своите непријатели, ќе ги прогони Своите душмани до најцрната темнина.
9Што сте намислиле против Господ? Тој ќе стави крај на сѐ, ниеден противник нема повторно да се крене.
10Зашто, како плот од трње и како од вино пијани, тие ќе бидат наполно проголтани, како сува слама.
11Од тебе произлезе оној, што смислува зло против Господ, и подготвува нечесен заговор.
12Вака вели Господ: „Макар што се силни и многубројни, тие ќе бидат исклани и ќе исчезнат; а тебе, иако те казнував, нема веќе да те казнувам.
13И сега ќе го скршам јаремот што те стега и ќе ги раскинам оковите твои.“
14А за тебе, Ниневијо, Господ нареди: нема да продолжи родот твој; од домот на твојот бог ќе ги истребам идолите резани и лиени; во него ќе ти направам гроб зашто си безвредна.