1Тешко мене, зашто со мене е сега како по собирање на летните плодови, како по гроздобер; ни зрнце за каснување, ниту рана смоква по која копнее душата моја.
2Нема веќе верни луѓе по земјата, нема праведни меѓу луѓето; сите кројат сплетки, за да проливаат крв; секој му става на брата си стапица.
3Рацете им се приготвени за да прават зло: началникот сака подароци, судијата суди за поткуп, а големците решаваат по своја волја и ја изопачуваат правдата.
4Најдобриот од нив е како трн, а најсправедливиот е полош отколку ограда од трње. Денот на Твоите пости, денот на Твојата казна наближува; и сега ќе ги опфати смут.
5Не верувајте му на другарот, не потпирајте се на пријателот; пред онаа, што лежи во твојата постела, не отворај ја устата своја.
6Зашто синот го угнетува татко си, ќерката се противи на мајка си, снаата станува против свекрвата; непријатели на човекот му се неговите домашни.
7Јас, пак, гледам кон Господ, и за моето спасение ќе се надевам на Бога; мојот Бог ќе ме чуе.
8Не радувај се на мојата мака, неријателко моја! Иако сум паднат, јас ќе станам; макар што сум сега во мрак — Господ е мојата светлина.
9Морам да го поднесам гневот Господов, — зашто сум згрешил пред Него — додека не го реши делото мое и не ја изрече правдата; тогаш Тој ќе ме изведе на светлина, и јас ќе ја видам правдата Негова.
10И ќе го види тоа мојата непријателка и срам ќе ја покрие онаа што ми велеше: „Каде е Господ, твојот Бог?“ И ќе го видат тоа очите мои — и таа ќе биде згазена како кал на улица.
11Доаѓа време, кога ќе се изѕидаат ѕидовите твои, во тоа време границите ќе се прошират надалеку.
12Во оној ден ќе доаѓаат кај тебе од Асирија до Египет, од Нил до Еуфрат, и од море до море и од планина до планина.
13А земјата ќе биде пустина поради гревовите на жителите нејзини, и поради плодовите на делата нивни.
14Паси го со жезолот народот Твој, овците на наследството Свое, оние, што живеат осамени во густа шума среде овошни градини, остави ги да пасат тие во Башан и Галаад како во стародревните дни!
15Ќе му покажам чудесни дела како во времето кога ти излезе од египетската земја.
16Ќе го видат тоа народите и ќе се засрамат при сета таа сила; ќе стават рака на устата своја, и ушите нивни ќе се заглушат.
17Ќе лижат прав како змии, како лазачи што лазат по земја, ќе излегуваат од своите скривници; ќе се уплашат од Господ, од нашиот Бог, и ќе се уплашат од Тебе.
18Кој Бог е како Тебе, за да ги простува беззаконијата, да мине преку престапите на остатокот од Своето наследство? Тој вечно не се гневи, зашто Тој со радост се смилува.
19Тој пак ќе се смили над нас и ќе ги сотре нашите беззаконија. Тој ќе ги фрли сите наши гревови во морските длабочини.
20Ти ќе покажеш верност кон домот на Јаков, милост кон Авраам, како што со клетва си им ветил на предците наши од најдамнешни дни.