Micah 2
1 Тешко им на оние што кројат беззаконија и на леглата свои измислуваат зли дела, и ги извршуваат штом ќе се зазори, зашто силата е во нивни раце!
2 Посакаат ли ниви — ги заземаат насила, куќи — и ги одземаат; и човекот го угнетуваат, и куќата негова, стопанот и наследството негово.
3 Затоа вака вели Господ: „Еве Јас смислувам зло против тој род од кое не ќе можете да го извлечете вратот свој, па затоа и нема да одите исправени; зашто тоа време ќе биде лошо.
4 Во она време ќе се зборува за вас, ќе плачат многу и ќе велат: наполно сме разорени; делот од мојот народ е даден на друг; како да ми се врати? Нивите наши им се веќе раздадени на освојувачите.“
5 Затоа не ќе имаш никого што ќе фрли ждрепка во собранието пред Господ.
6 Не пророкувајте — велат тие — не пророкувајте дека ќе нѐ постигне зло.
7 О, ти, што се нарекуваш Јаковов дом! Зар Господ ја загубил трпеливоста? Зборовите Мои зар не се благотворни за оној, кој постапува справедливо?
8 Но вие се кревате против Мојот народ како непријатели и вие им ја грабате не само горната туку и долната облека на мирните луѓе, што и не помислуваат на војна.
9 Жените на Мојот народ ги истерувате од нивните мили домови; а од децата нивни ја одземате славата Моја.
10 Станете и одете си, зашто тој крај не е земја за почивка; поради нечистотија таа ќе биде разорена — и тоа со голема погибел.
11 Ако некој ветрогон измислува лага и вели: „Ќе ти проповедам за вино и за пиење“, тој би бил добар за пророк на овој народ!
12 Навистина ќе те соберам сиот, Јакове, навистина ќе ги соберам остатоците Израелови; ќе ги соберам во едно како овците во трло, како стадо овци на пасиште — ќе изобилува со луѓе!
13 Пред нив ќе тргне уривач на ѕидови; тие ќе ги разбијат преградите, ќе влезат низ портите и ќе излезат низ нив, и царот нивни ќе тргне пред нив, и Господ — ќе биде на чело.