1Потоа реков — чујте, поглавари Јаковови и кнезови на домот Израелов: зар вие не знаете што е право?
2А вие го мразите доброто и го сакате злото, ја дерете од нив кожата, и месото од коските нивни;
3јадете од телото на Мојот народ и ја дерете кожата нивна, а коските нивни ги кршите како за во сад, и месото нивно го дробите како за во котел.
4И тие ќе викаат кон Господ, но Тој нема да ги чуе и ќе го сокрие лицето Свое од нив во тоа време, поради нивните злодела.
5Така вели Господ против пророците, кои го воведуваат во заблуда Мојот народ, кои кога имаат храна во устата проповедаат мир, а ако никој не им стави во уста ништо, против него објавуваат војна.
6Затоа, место виденија, вие ќе гледате ноќ, место пророштво — темнина; и сонцето ќе зајде над тие пророци и денот ќе потемнее над нив.
7Ќе се засрамат јасновидците, ќе бидат посрамени гледачите, и сите ќе ја затворат устата своја, зашто нема да добијат одговор од Бога.
8Но јас сум исполнет со силата на Духот Господов, со правда и цврстина, за да му ги кажам на Јаков престапите и на Израел — гревот негов.
9Чујте ме сега, поглавари на домот Јаковов, и кнезови на домот Израелов, вие, кои се гнасите од правдата и што искривувате сѐ што е право.
10Вие, кои го градите Сион со крв и Ерусалим со неправда.
11Поглаварите негови судат со поткуп, свештениците учат за да заработат, а пророците пророкуваат за пари, и сепак се повикуваат на Господ, велејќи: „Нели е Господ меѓу нас; затоа зло нема да нѐ постигне.“
12Затоа поради вас Сион ќе биде разорен како нива, а Ерусалим ќе стане купиште од урнатини, и планината на тој дом ќе зарасне во шума.