1Тогаш Тој влезе во еден кораб, се врати назад и пристигна во Својот град.
2И ете, донесоа кај Него еден фатен, положен на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, на фатениот му рече: „Не плаши се, чедо! Ти се простуваат гревовите твои!“
3Тогаш некои од книжниците си рекоа во себе: „Овој богохулствува!“
4А Исус ги разбра нивните мисли, и им рече: „Зошто мислите лошо во срцата ваши?
5Или, што е полесно? Да кажам: ‚Ти се простуваат гревовите твои!‘ или да кажам: ‚Стани и оди!?‘
6Но да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гревови.“ Тогаш му рече на фатениот: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“
7И тој стана, ја зеде постелата своја и си отиде дома.
8А народот кога го виде тоа, се восхити и Го прослави Бога, Кој им даде таква власт на луѓето.
9А кога си одеше оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи во царинарницата и му рече: „Врви по Мене!“ И тој стана и тргна по Него.
10И кога седеше Исус на трпеза дома, одеднаш мнозина цариници и грешници дојдоа и седнаа до Него и до учениците Негови.
11Но штом го видоа тоа фарисеите, им рекоа на учениците Негови: „Зошто вашиот Учител јаде и пие со цариници и грешници?“
12А Исус, кога го чу тоа, им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните;
13одете и научете се што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘. Зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание.“
14Тогаш кај Него дојдоа учениците Јованови и рекоа: „Зошто ние и фарисеите постиме многу, а Твоите ученици не постат!?“
15А Исус им рече: „Зар можат сватовите да бидат нажалени додека е со нив младоженецот? Но ќе дојде време кога младоженецот ќе се оттргне од нив, па тогаш и тие ќе постат.
16Никој не крпи стара облека со нова крпа, зашто таа ќе се отшие од старото и отворот ќе биде поголем;
17ниту, пак, се става ново вино во стари мевови; инаку, мевовите ќе напукнат, и виното ќе истече и мевовите ќе пропаднат; туку ново вино се става во нови мевови, па така ќе се запази и едното и другото.“
18Додека Тој им говореше за тоа, ете еден началник се приближи до Него, Му се поклонуваше и велеше: „Ќерка ми штотуку умре; туку дојди, положи ја раката Своја над неа и таа ќе оживее.“
19И како стана Исус, тргна по него, заедно со учениците Свои;
20и ете, една жена, која беше страдала дванаесет години од крвавење, се приближи одзади и се допре до крајот на облеката Негова.
21Зашто си велеше: „Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам.“
22А Исус штом се заврти и ја виде, рече: „Не плаши се, ќерко, верата твоја те спаси!“ И оздраве жената во тој час.
23И кога дојде Исус во куќата на началникот и ги виде свирачите и народот ожалостени,
24им рече: „Излезете надвор, зашто девојката не е умрена, туку спие.“ А тие Му се потсмеваа.
25Но штом го истера народот, Тој влезе, ја фати девојката за рака и таа стана.
26И се расчу тоа по целиот тој крај.
27А кога Исус си одеше оттаму, тргнаа по него двајца слепи и викаа: „Смилувај ни се, Исусе, сине Давидов!“
28А штом дојде в куќи, слепите се приближија до Него. И Исус им рече: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?“ Тие Му рекоа: „Да, Господи!“
29Тогаш се допре до очите нивни и рече: „Нека ви биде според верата ваша!“
30И очите им се отворија; а Исус им заповеда строго: „Гледајте, никој да не дознае!“
31А тие, штом излегоа, разгласија за Него по целата таа земја.
32Додека тие излегуваа, ете, кај Него еден човек нем и бесомачен.
33По изгонувањето на демонот, немиот проговори. А народот се чудеше и говореше: „Никогаш такво нешто не станало во Израел.“
34А фарисеите велеа: „Тој ги изгонува демоните со силата на началникот на демоните.“
35И одеше Исус по сите градови и села и поучуваше по нивните синагоги, го проповедаше Евангелието за Царството и лекуваше секаква болест и немоќ во народот.
36А штом виде многу народ, се сожали, зашто беа изморени и беспомошни како овци без пастир.
37Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата е голема, а работници има малку.
38Затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва.“