1А кога се симна од гората, по Него врвеше многу народ.
2И ете, се приближи еден лепрозен. Му се поклонуваше и говореше: „Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш.“
3А Исус кога ја подаде раката, се допре до него и рече: „Сакам, очисти се!“ И тој веднаш се очисти од лепрата.
4И му рече Исус: „Гледај, никому да не кажеш; а оди, покажи им се на свештениците и принеси дар, како што заповедал Мојсеј, ним за сведоштво.“
5А кога влезе Исус во Капернаум, се приближи до Него еден стотник и Го молеше говорејќи:
6„Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда.“
7Исус му рече: „Ќе дојдам и ќе го излекувам.“
8А стотникот одговори и рече: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави;
9зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ и тој оди; на другиот: ‚Дојди!‘ и тој доаѓа; и на слугата: ‚Направи тоа!‘ и тој прави.“
10Кога го чу тоа, Исус се восхити и им рече на оние што врвеа по Него: „Вистина ви велам: ни во Израел не најдов толку голема вера.
11И ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и од Запад и ќе седнат на трпеза со Авраам, Исак и Јаков во царството небесно,
12а наследниците на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби.“
13И му рече Исус на стотникот: „Оди си и, нека ти биде според верата твоја!“ И слугата негов во истиот час оздраве.
14Кога дојде во домот на Петар, Исус ја виде тештата негова како лежи болна од треска,
15и се допре до раката нејзина, и треската ѝ помина; таа стана и им служеше.
16А кога се стемни, доведоа кај Него мнозина обземени од демони, и Тој со еден збор ги изгони духовите и ги излекува сите болни,
17за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: „Тој врз Себе ги зеде нашите немоќи и ги понесе болестите.“
18Кога виде околу Себе многу народ, им заповеда на учениците да минат на другата страна.
19Тогаш се приближи до Исус еден книжник и му рече: „Учителе, ќе Те следам каде и да одиш.“
20А Исус му рече: „Лисиците имаат легла и птиците небески — гнезда; а Синот Човечки нема каде глава да наслони.“
21Друг, пак од учениците Му рече: „Господи, дозволи ми најнапред да отидам да го погребам татко ми.“
22Но Исус му рече: „Врви по мене, и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци!“
23И кога влезе во коработ, по Него влегоа и учениците Негови.
24И ете, голема бура го зафати морето, така што брановите го покриваа коработ, а Тој спиеше.
25Тогаш се приближија учениците до Него, Го разбудија и рекоа: „Господи, спаси нѐ, загинуваме!“
26А Тој им рече: „Зошто сте толку плашливи, маловерни?“ Потоа стана, им се закани на ветровите и на морето, и настана голема тишина.
27А луѓето се зачудија и рекоа: „Кој е Овој, та и ветровите и морето Му се покоруваат?“
28И кога пристигна на другата страна во земјата Гергесинска, Го сретнаа двајца обземени од демони, кои излегоа откај гробиштата; беа толку лоши што никој не смееше да мине по тој пат.
29И ете, извикаа и рекоа: „Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји!? Зар си дошол тука пред време да нѐ мачиш?“
30А недалеку од нив пасеа голем број свињи.
31И демоните Го молеа и говореа: „Ако нѐ изгониш, дозволи ни да влеземе во свињине!“
32И Тој им рече: „Отидете!“ И тие излегоа и влегоа во свињите. И одеднаш сите свињи јурнаа низ стрмнината во морето и се издавија во водата.
33А свињарите побегнаа и кога дојдоа во градот, раскажаа за сето тоа и за она што се беше случило со бесомачните.
34И ете, излезе целиот град да Го пресретне Исус и кога Го видоа, Го замолија да си оди од нивниот крај.