1„Не судете, за да не бидете судени;
2зашто, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.
3Зошто ја гледаш раската во окото на твојот брат, а гредата во своето око не ја чувствуваш?
4Или, како ќе му кажеш на твојот брат: ‚чекај да ти ја извадам раската од окото‘, кога во твоето око има греда?
5Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на твојот брат!
6Светото не давајте им го на кучињата, и не фрлајте си го бисерот пред свињите, за да не го изгазат со своите нозе, и, да се вратат, и да ве раскинат.“
7„Посакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори;
8зашто секој што моли, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука ќе му се отвори.
9Има ли меѓу вас човек, кој, ако му посака неговиот син леб, ќе му даде камен,
10и кога ќе посака риба, ќе му даде змија?
11И така, ако вие кои сте лоши, умеете да им давате на своите чеда добри дарови, колку ли повеќе вашиот Отец небесен ќе им даде добра на оние што Му бараат?
12Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие; зашто тоа е Законот и пророците.“
13„Влезете низ тесната врата; зашто широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив;
14а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малкумина ги наоѓаат.“
15„Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат во овча кожа, а одвнатре се волци грабливи.
16По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка?
17Па така, секое добро дрво дава добри плодови, а лошо дрво дава лоши плодови;
18не може добро дрво да дава лоши плодови, ниту лошо дрво да дава добри плодови.
19Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган.
20И така, по нивните плодови ќе ги познаете.“
21„Не секој што Ми вели: ‚Господи, Господи‘, ќе влезе во царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен.
22Мнозина ќе Ми речат во оној ден ‚Господи, Господи, нели во Твое име пророкувавме? И зар во Твое име демони не изгонувавме? И нели во Твое име многу чуда правевме?‘
23И тогаш Јас ќе им кажам: ‚Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!‘“
24„И така, секој што ги слуша и ги исполнува овие Мои зборови, ќе биде како мудар човек кој си изградил куќа на камен.
25И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, зашто беше изградена на камен.
26А секој, што ги слуша овие Мои зборови и не ги исполнува, прилега на глупав човек, кој си изградил куќа на песок.
27И заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, и таа падна, а паѓањето ѝ беше страшно.“
28И кога ги заврши овие зборови, народот се чудеше на Неговото учење,
29зашто Тој ги поучуваше како Оној Кој има власт, а не како книжниците.