1И кога ги заврши Исус овие зборови, им рече на учениците Свои:
2„Знаете дека по два дни ќе биде Пасха и Синот Човечки ќе биде предаден на распнување.“
3Тогаш првосвештениците, книжниците и старешините народни се собраа во дворот на првосвештеникот, по име Кајафа,
4и се советуваа како да Го фатат Исус со измама и да Го убијат;
5но рекоа: „Само не на празникот, за да не стане бунт меѓу народот.“
6А кога беше Исус во Витанија, во куќата на Симон Лепрозниот,
7се приближи до Него една жена, која носеше шише со скапоцен мирис и го изли врз главата Негова, кога Тој седеше на трпезата.
8И кога го видоа тоа учениците Негови, се расрдија и рекоа: „Какво е тоа растурање?
9Зашто тој мирис можеше да се продаде многу скапо и парите да се разделат на сиромаси.“
10Но Исус, разбирајќи го тоа, им рече: „Зошто ја буните жената? Таа направи добро дело за Мене!
11Бидејќи сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш;
12таа, излевајќи го тој мирис врз телото Мое, Ме приготви за погреб.
13Вистина, ви велам: каде и да биде проповедано ова Евангелие, по цел свет ќе се прикажува тоа што го направи таа, за нејзин спомен.“
14Тогаш еден од дванаесетте, по има Јуда Искариот, отиде кај првосвештениците
15и рече: „Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам?“ А тие му предложија триесет сребреници.
16И оттогаш тој бараше погодно време да Го предаде.
17А во првиот ден на празникот Бесквасници пристапија кон Исус учениците и Му рекоа: „Каде сакаш да ти приготвиме да јадеш Пасха?“
18Тој им рече: „Одете в град кај тој и тој човек и кажете му: ‚Учителот вели: времето Ми наближи, кај тебе ќе ја прославам Пасхата со учениците Свои.‘“
19Учениците постапија како што им заповеда Исус и ја приготвија Пасхата.
20Кога се стемни, Тој седна на трпезата со дванаесетте.
21И кога јадеа, им рече: „Вистина ви велам: еден од вас ќе Ме предаде.“
22Тие многу се нажалија и секој од нив почна да Го прашува: „Да не сум јас, Господи?“
23А Тој им одговори и рече: „Оној што макна со Мене од чинијата, тој ќе Ме предаде.
24Синот, пак, Човечки, вистина си оди, како што е напишано за Него; но тешко му на оној човек преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек да не се беше родил.“
25А Јуда, што Го предаде, одговори и рече: „Да не сум јас, Рави?“ Му одговори: „Ти рече.“
26И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови, го прекрши, и откако им го даде на учениците, рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.“
27И кога ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: „Пијте од неа сите;
28зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите.
29И вам ви велам, зашто отсега нема да пијам од овој лозов плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во царството на Мојот Отец.“
30И откако испеаја благодарствена песна, се искачија на Маслиновата Гора.
31Тогаш Исус им рече: „Сите вие ќе Ме оставите уште оваа ноќ; зашто е напишано: ‚Ќе удрам по пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат.‘
32А по воскресението Мое ќе отидам пред вас во Галилеја.“
33Тогаш Петар Му одговори и рече: „Дури и сите да се соблазнат поради Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.“
34Исус му рече: „Вистина, ти велам: оваа ноќ уште пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене.“
35Петар Му кажа: „Ако затреба дури и да умрам со Тебе, нема да се откажам од Тебе!“ Истото го говореа и сите ученици.
36Потоа отиде Исус со нив на едно место, наречено Гетсиманија, и им рече на учениците: „Поседете тука, додека отидам онаму да се помолам.“
37И кога ги поведе со себе Петар и двајцата Заведееви синови, се натажи и почна да тагува.
38Тогаш Исус им рече: „Смртно е нажалена Мојата душа; останете тука и бидете будни со Мене!“
39Оддалечувајќи се малку, падна ничкум; се молеше и говореше: „Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; сепак, нека биде не како што сакам Јас, туку како што сакаш Ти.“
40Па дојде кај учениците и ги затече како спијат, и му рече на Петар: „Толку ли не можевте еден час да останете со Мене будни!?
41Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.“
42Повторно отиде и се помоли, говорејќи: „Оче Мој, ако не може да ме одмине оваа чаша без да ја пијам, тогаш нека биде волјата Твоја!“
43Кога дојде, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале.
44Тогаш ги остави, отиде и се помоли по третпат, изговарајќи ги истите зборови.
45Потоа пак дојде кај учениците Свои и им рече: „Сѐ уште спиете и почивате! Ете, наближи часот и Синот Човечки се предава во рацете на грешниците.
46Станете да одиме! Ете, се приближува оној што Ме предава.“
47Додека Тој уште говореше, ете, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу луѓе со ножеви и колови, испратени од страна на првосвештениците и старешините народни.
48А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: „Фатете Го Тој што ќе го бакнам!“
49И веднаш се приближи до Исус и Му рече: „Те поздравувам, Рави!“ И Го бакна.
50А Исус му рече: „Пријателе, зошто си дошол?“ Тогаш пристапија, положија раце на Исус и Го фатија.
51И ете, еден од оние што беа до Исус, протегна рака и извади нож, па го удри слугата на првосвештеникот, и му го отсече увото.
52Тогаш Исус му рече: „Врати го ножот во ножницата. Зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат;
53или мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели?
54Но, како ќе се исполнат Писмата, ако ова не стане?“
55Потоа Исус му рече на народот: „Како на разбојник сте излегле со ножеви и колови за да Ме фатите. Секој ден седев со вас, поучувајќи во храмот, и не Ме фативте.
56Но сето тоа стана за да се исполнат пророчките писма.“ Тогаш сите ученици Го оставија и се разбегаа.
57А оние што Го фатија Исус, Го одведоа кај првосвештеникот Кајафа, каде што беа собрани книжниците и старешините.
58Петар, пак, одеше по Него оддалеку, до дворот на првосвештеникот; и влезе внатре, па седна со слугите за да го види крајот.
59А првосвештениците и старешините, и целиот Синедрион бараа лажно сведоштво против Исус за да Го погубат
60и не наоѓаа; и, макар што пристапија многу лажни сведоци, не најдоа. Но најпосле дојдоа двајца
61и рекоа: „Овој кажа: ‚Можам да го урнам Божјиот храм и за три дни да го соѕидам.‘“
62Тогаш стана првосвештеникот и Му рече: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?“
63Но Исус молчеше. А првосвештеникот Му рече: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш: Ти ли си Христос, Синот Божји?“
64Исус му одговори: „Ти рече! Ви велам отсега ќе Го гледате Синот Човечки како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци.“
65Тогаш првосвештеникот ја раскина облеката своја и рече: „Овој хули на Бога! Каква потреба имаме повеќе од сведоци? Ете, сега го чувте Неговото хулење!
66Како ви се чини?“ А тие одговорија и рекоа: „Заслужува смрт!“
67Тогаш Го плукаа в лице и Го удираа по образите, а други Го тепаа
68и говореа: „Проречи ни, Христе, кој Те удри?“
69А Петар седеше надвор во дворот. И се приближи до него една слугинка и му рече: „И ти беше со Исус Галилеецот!“
70Но тој се одрече пред сите, велејќи: „Не знам што зборуваш!“
71А кога одеше кон вратата, го виде друга и им рече на оние што беа таму: „И овој беше со Исус од Назарет!“
72Но тој пак се одрече со заклетва: „Не Го познавам Човекот!“
73Малку потоа се приближија оние што стоеја таму и му рекоа на Петар: „Навистина, и ти си од нив, зашто и говорот твој те издава!“
74Тогаш тој почна да се колне, и се заколна: „Не Го познавам Човекот!“ И веднаш запеа петел.
75И се сети Петар на Исусовите зборови што му ги рече: „Уште петел пред да запее, трипати ќе се одречеш од Мене.“ Па излезе надвор и горко плачеше.