1И кога излезе Исус од храмот и си одеше, се приближија до Него учениците Негови за да Му ги покажат зградите на храмот.
2А Исус им рече: „Го гледате ли сето тоа? Вистина, ви велам: нема да остане тука ни камен на камен, а да не биде урнат.“
3И кога седеше во Маслиновата Гора, дојдоа кај Него учениците Негови насамо и Му рекоа: „Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање и за крајот на светот?“
4А Исус им одговори и рече: „Пазете се, да не ве излаже некој;
5зашто многумина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: ‚Јас сум Христос!‘ и ќе прелажат мнозина.
6Ќе слушате за војни и повици на војни. Гледајте да не се уплашите, зашто сето тоа треба да биде; но тоа уште не е крајот.
7Зашто ќе се крене народ против народ, и царство против царство, и на разни места ќе има глад, помор и потреси;
8а сето тоа е почеток на страдањата.
9Тогаш ќе ве предадат на мачење и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име.
10Тогаш мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат и еден со друг ќе се мразат;
11многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина;
12и бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе олади.
13А кој ќе издржи до крај, тој ќе биде спасен.
14И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот.“
15„Па така, штом го видите гнасниот пустошник како стои на светото место, за кој зборува пророкот Даниел — кој чита нека разбере,
16тогаш оние, што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат по планините;
17кој е на покрив нека не слегува да земе нешто од куќата своја;
18и кој е на нива, нека не се враќа дома за да ги земе алиштата свои!
19Но тешко на бремените и на доилките во тие дни!
20Затоа молете се да не стане бегањето ваше зиме или во сабота;
21зашто тогаш ќе има страдања, какви што немало од почетокот на светот па досега, ниту, пак, ќе ги има.
22И ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил; но заради избраните ќе се скратат тие дни.
23Тогаш, ако ви каже некој: ‚Еве, овде е Христос‘ или ‚таму е‘ — не верувајте!
24Зашто ќе се појават лажни месии и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, дури и избраните.
25Ете, однапред ви кажав.
26И така, ако ви речат: ‚Ете, Тој е во пустината‘ — не излегувајте; или, ‚ете, во тајна соба е‘ — не верувајте!
27Зашто, како што молњата излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки.
28Зашто, каде што е мршата, таму се собираат и орлите.“
29„И веднаш, по маките на тие дни, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвезди ќе паѓаат од небото, и силите небески ќе се разнишаат.
30Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки и ќе се расплачат сите земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на небесните облаци, со голема слава и сила;
31и ќе ги испрати Своите ангели со силен трубен глас, и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата.“
32„Со смоквата направете споредба: штом ќе се подмладат нејзините гранки и пуштат лисја, знаете дека е близу летото.
33Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата.
34Вистина ви велам: нема да мине овој род додека сето тоа не се исполни.
35Небото и земјата ќе минат, но зборовите Мои нема да минат.“
36„А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, туку само Мојот Отец;
37но, како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки;
38зашто, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден кога Ное влезе во ковчегот,
39и не сфатија додека не дојде потопот и истреби сѐ — така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки.
40Тогаш ќе бидат двајца на нива: еден ќе биде земен, а другиот ќе биде оставен;
41две жени ќе мелат со рачна мелница: едната ќе биде земена, а другата ќе биде оставена.
42Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ.
43Знајте го и тоа: кога домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би останал буден и не би дозволил да му провалат во куќата.
44Затоа и вие треба да бидете подготвени, зашто Синот Човечки доаѓа во часот кога не очекувате.“
45„Кој е, пак, тој верен и мудар слуга, кого ќе го постави господарот негов над слугите свои да им дава навреме храна?
46Блазе на тој слуга, кого, кога ќе дојде господарот негов, го наоѓа дека постапува така;
47вистина ви велам дека над целиот свој имот ќе го постави него.
48Ако, пак, тој слуга е лош и си рече во срцето свое: ‚Господарот мој уште за долго време нема да дојде‘,
49па почне да ги тепа другарите свои и да јаде и пие со пијаниците,
50господарот на тој слуга ќе дојде во ден кога тој не го очекува, и во час што не го знае;
51и ќе го исече на парчиња, и ќе му даде еднаква награда со лицемерите; таму ќе биде плач и крцкање со заби.“