1Тогаш Исус му проповедаше на народот и на учениците Свои,
2говорејќи: „На Мојсеевото седиште седнаа книжниците и фарисеите.
3Затоа, сѐ што ќе ви кажат пазете и извршувајте; а според делата нивни не постапувајте, зашто тие говорат, но не извршуваат;
4врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги клаваат врз плеќите на луѓето, а сами не сакаат ни со прст да ги помрднат.
5И сите свои дела ги прават за да ги видат луѓето; ги прошируваат своите записи и ги продолжуваат ресите на својата облека;
6сакаат прво место на гозбите и предни места во синагогите,
7и поздрави по улиците, и да ги викаат луѓето ‚Рави!‘
8А вие немојте да се нарекувате ‚Рави‘, зашто еден е вашиот Учител — Христос, а вие сте сите браќа.
9И никого на земјата не викајте го свој Татко, зашто еден е вашиот Татко — Оној Небесниот;
10и водачи немојте да се именувате, зашто еден е вашиот Водач — Христос.
11Но, најголемиот меѓу вас да ви биде слуга;
12зашто, кој се воздигнува, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат.“
13„Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате царството небесно пред луѓето; зашто, ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние што сакаат да влезат.
14(Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги подјадувате домовите на вдовиците и лицемерно долго се молите; заради тоа ќе добиете поголема осуда.)
15Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, зашто обиколувате по море и по копно за да добиете еден следбеник, и кога ќе успеете во тоа, тогаш го правите син на пеколот, двапати полош од вас.
16Тешко вам, водачи слепи, кои велите: ‚Ако се заколне некој во храмот, не е ништо; но ако се заколне некој во злато на храмот, виновен е.‘
17Безумни и слепи! Што е поголемо: златото или храмот кој го осветува златото?
18Исто така велите: ‚Ако некој се заколне во жртвеникот, ништо не е; но, ако некој се заколне во дарот што е на него, виновен е.‘
19Безумни и слепи! Што е посвето: дарот или жртвеникот што го осветува дарот?
20А кој ќе се заколне во жртвеникот, се колне во него и во сѐ што е врз него;
21и кој ќе се заколне во храмот, се колне во него и во Оној Кој живее во него;
22и кој ќе се заколне во небото, се колне во престолот Божји и во Оној, што седи на него.
23Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто давате десеток од нане, копра и ким, а сте го оставиле најважното во Законот: праведноста, милоста и верата; ова требаше да го правите, а и она да не го оставате.
24Водачи слепи, вие комарецот го цедите, а камилата ја проголтувате!
25Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги чистите чашата и чинијата однадвор, додека внатре тие се полни со грабеж и алчност.
26Слеп фарисеју, очисти ги чашата и чинијата најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор.
27Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто многу личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија.
28Така и вие, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие.“
29„Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, зашто им ѕидате гробници на пророците и ги украсувате спомениците на праведните,
30па велите: ‚Да живеевме во дните на нашите татковци, немаше да станеме нивни соучесници во крвта на пророците.‘
31А со тоа сведочите сами против себе, дека сте синови на оние што ги убиле пророците.
32Дополнете ја и вие мерата на татковците ваши!
33Змии и рожби аспидини, како ќе побегнете од пресудата за во пеколот?
34Затоа, ете, Јас праќам кај вас пророци и мудреци и книжници; едни ќе убиете и распнете, а други ќе тепате по синагогите и ќе ги прогонувате од град во град;
35за да падне врз вас сета праведна крв што е пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел па до крвта на Захарија, синот на Варахија, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот.
36Вистина, ви велам: сето тоа ќе падне врз овој род!“
37„Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш испратените кај тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како квачката што ги собира пилињата свои под крилјата, а вие не сакавте.
38Ете, ви се остава пуст вашиот дом.
39Зашто ви велам: нема да Ме видите од сега додека не кажете: ‚Благословен е Оној, Кој иде во името Господово!‘“