1И одговарајќи, Исус пак им говореше во параболи и рече:
2„Царството небесно прилега на еден цар, кој направи свадба за својот син.
3И ги испрати своите слуги да ги повикаат поканетите на свадба; а тие не сакаа да дојдат.
4Потоа испрати други слуги и им рече: кажете им на поканетите: ‚Ете, приготвив јадење; јунците мои и сѐ што е угоено се заклани, и сѐ е готово; дојдете на свадбата!‘
5Но, тие не сакаа да знаат за тоа, туку си отидоа: кој на нива, кој по трговија;
6а некои, пак, ги фатија неговите слуги, ги исмејаа и ги убија.
7Штом чу за тоа царот, се налути, испрати своја војска и ги погуби убијците и им го изгоре нивниот град.
8Тогаш им рече на слугите свои: ‚Свадбата е готова, но поканетите не беа достојни.
9Затоа одете по крстопатите и колкумина ќе најдете, поканете ги на свадба!‘
10И излегоа слугите на крстопатите, ги собраа сите што ги најдоа — и лоши и добри; и се наполни свадбениот дом со гости.
11Кога влезе царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбени алишта.
12Па му рече: ‚Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба?‘ А тој молчеше.
13Тогаш царот им рече на слугите: ‚Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби!‘
14зашто, мнозина се повикани, а малкумина избрани.“
15Тогаш фарисеите отидоа и се договорија како да Го фатат во некој збор.
16И ги испраќаа кај Него своите ученици, заедно со некои Иродовци, кои Му говореа: „Учителе, знаеме дека си правичен и навистина ги учиш луѓето на патот Божји, и не се плашиш од никого, зашто не гледаш кој е кој;
17затоа кажи ни; што мислиш: треба ли да се дава данок на царот или не?“
18Но Исус го проѕре лукавството нивно и рече: „Што Ме искушувате, лицемери?
19Покажете Ми една пара од данокот.“ Тие Му донесоа еден денариј.
20И им рече: „Чиј е овој лик и потпис?“
21Тие одговорија: „На царот.“ Тогаш им рече: „Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога!“
22И штом го чуја тоа, тие занемеа и, оставајќи Го, си отидоа.
23Во истиот ден пристапија кон Него и садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа, говорејќи:
24„Учителе, Мојсеј рече: ‚Ако умре некој без деца, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека му подигне потомство на својот брат!‘
25Кај нас имаше седуммина браќа; првиот се ожени и умре; па, бидејќи немаше пород, ја остави жената своја на брата си;
26исто така направи и вториот, и третиот, дури и седмиот;
27а по сите нив умре и жената.
28При воскресението, на кого од седуммината ќе биде таа жена, бидејќи со сите живеела?“
29Исус им одговори: „Се лажете, зашто не ги познавате Писмата, ниту силата Божја;
30зашто при воскреснувањето луѓето ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку ќе живеат како ангели Божји на небесата.
31А за воскреснувањето на мртвите, не сте ли читале што ви рекол Бог, Кој вели:
32‚Јас сум Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.‘ Бог не е Бог на мртвите, туку на живите.“
33И народот, слушајќи го тоа, се восхитуваше на Неговата наука.
34Кога фарисеите слушнаа дека ги посрами садукеите, се здружија со нив.
35И еден од нив, познавач на Законот, искушувајќи Го, запраша и рече:
36„Учителе, која заповед е најголема во Законот?“
37А Исус му одговори: „‚Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум;‘
38тоа е прва и најголема заповед;
39а втората е слична на неа: ‚возљуби го својот ближен како себеси!‘
40На тие две заповеди се држат целиот Закон и Пророците.“
41И кога се собраа фарисеите, Исус ги праша
42и рече: „Што мислите за Христос? Чиј син е Тој?“ Му одговорија: „Давидов.“
43Им рече: „Како тогаш Давид, преку Духот Го нарече Господ, велејќи:
44‚Му рече Господ на Мојот Господ: Седи од Мојата десна страна, додека не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.‘
45И така, ако Давид Го нарече Господ, како тогаш може Тој да Му е син?“
46И никој не можеше да Му одговори ниту збор, и од тој ден никој веќе не се осмели да Го праша.