1Излегувајќи тој ден од куќата, Исус седна покрај морето.
2И се собра околу Него многу народ, така што Тој влезе во кораб и седна, а сиот народ стоеше на брегот.
3И им говореше многу во параболи, велејќи: „Ете, излезе сејач да сее;
4и кога сееше, едни зрна паднаа покрај патот; долетаа птици и ги исколваа.
5Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу проникнаа, зашто земјата не беше длабока.
6Но, штом изгреа сонцето, тие свенаа, па, бидејќи немаа корен, се исушија.
7Некои паднаа во трње и израсна трњето и ги задуши.
8Други паднаа на добра земја и дадоа добар плод; едно сто, друго шеесет, а трето триесет.
9Кој има уши да слуша, нека чуе.“
10И кога се приближија до Него учениците, Му рекоа: „Зошто им зборуваш во парабола?“
11А Тој им одговори и рече: „Зашто вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството небесно, а ним не им е дадено.
12Кој има ќе му се даде и ќе му се преумножи; а кој нема, ќе му се земе и она што го има.
13Затоа им зборувам во параболи, зашто гледаат и не видат; слушаат и не можат да чујат, ниту пак, разбираат;
14и над нив се исполнува пророштвото на Исаија, кој вели: ‚Со уши ќе чуете и нема да разберете, со очи ќе гледате и нема да видите;
15срцето на овие луѓе закоравело и со ушите тешко слушаат; и ги затвориле очите свои за да не можат никогаш со очите да видат и со ушите да чујат и со срцето да разберат, та да се покајат и да ги исцелам.‘
16Вашите, пак, очи се блажени, бидејќи гледаат и ушите ваши — бидејќи слушаат;
17зашто вистина ви велам: многу пророци и праведници сакаа да видат што гледате вие, и не видоа, и да чујат што слушате вие, и не чуја.“
18„Вие, пак, чујте ја параболата за сејачот.
19Кај секого, што го слуша словото за царството и не го разбира, доаѓа лукавиот и го граба посеаното во срцето негово; ете, тоа означува посеаното покрај патот.
20А посеаното на камен е оној што го слуша словото и веднаш со радост го прима;
21но нема во себе корен и е непостојан: дојдат ли неволји или гонење заради словото, веднаш отстапува.
22Посеаното, пак, во трње е оној што го слуша словото, но грижите од овој свет и примамливото богатство го задушуваат словото и тоа останува без род.
23А посеаното на добра земја е оној што го слуша словото и го разбира, и дава плод: еден сто, друг шеесет, а трет триесет.“
24И друга парабола им кажа, велејќи: „Царството небесно прилега на човек што посеал добро семе на својата нива.
25Но, додека спиеја луѓето, дојде неговиот непријател и посеја меѓу житото какол, па си отиде.
26А кога израсна растението и донесе плод, тогаш се појави и каколот.
27И кога дојдоа слугите на стопанот, му рекоа: ‚Господаре, нели добро семе посеа на нивата своја? Од каде сега, пак, овој какол во неа?‘
28А тој им рече: ‚Непријателот го направи тоа!‘ Слугите, пак, му рекоа: ‚Сакаш ли да одиме и да го исплевиме?‘
29Но тој им рече: ‚Не, да не би, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито;
30оставете нека расте и едното и другото, до жетвата; а по жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за да се изгори; а, житото приберете го во мојата житница.‘“
31И друга парабола им кажа, кога рече: „Царството небесно прилега на синапово зрно, кое човек го зел и го посеал на нивата своја.
32Тоа е најмало од сите семиња, но кога ќе израсне, поголемо е од сите грмушки, па станува дури и дрво, така што птиците небески долетуваат и застануваат на неговите гранки.“
33И друга парабола им кажа: „Царството небесно прилега на квасец, што го зема жена и го клава во три мери брашно, дури не скисне сето.“
34Сето ова му го зборуваше Исус на народот во параболи и без параболи не им говореше ништо;
35за да се исполни реченото преку пророкот кој вели: „Со параболи ќе ја отворам устата Своја; ќе ги искажам тајните од создавањето на светот.“
36Тогаш Исус го остави народот и влезе во една куќа. А учениците се приближија до Него и Му рекоа: „Протолкувај ни ја параболата за каколот на нивата!“
37А Тој им одговори и рече: „Сејачот на доброто семе е Синот Човечки.
38Нивата е овој свет; доброто семе — тоа се синовите на царството, а каколот — синовите на лукавиот.
39Непријателот, пак, што го посеа, е ѓаволот; жетвата е крајот на светот, а жетварите се ангелите.
40И така, како што се собира плевата и се гори во оган, така ќе биде и при крајот на овој свет.
41Ќе испрати Синот Човечки Свои ангели и ќе ги соберат сите причинители на гревот од Неговото царство, и оние што вршат незаконски дела,
42и ќе ги фрлат во вжарена печка; таму ќе има плач и крцкање со заби.
43Тогаш праведниците ќе заблескаат како сонце во царството на нивниот Отец. Кој има уши да слуша, нека чуе!“
44„Царството небесно прилега уште и на богатство сокриено во нива, кое го нашол човек и прикрил, па, од радост за него, отишол и продал сѐ што имал, и ја купил таа нива.“
45„Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери;
46па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има и го купува.“
47„Царството небесно прилега, исто така, и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби;
48и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат.
49Така ќе биде и при крајот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните,
50и ќе ги фрлат во вжарена печка: таму ќе има плач и крцкање со заби.“
51И ги праша Исус: „Дали го разбравте сето ова?“ Тие Му одговорија: „Да, Господи!“
52А Тој им рече: „Затоа секој книжник, кој се научил за царството небесно, прилега на домаќин што изнесува од своето сокровиште ново и старо.“
53И, откако ги кажа Исус овие параболи, си замина оттаму.
54А штом дојде во Својот роден крај, го поучуваше народот во синагогите нивни. И сите се чудеа и велеа: „Од каде кај Него ваква мудрост и моќ?
55Нели е Овој син на дрводелецот? Мајка Му нели се вика Марија, и браќата Негови — Јаков и Јосија, Симон и Јуда?
56И сестрите Негови не се ли сите меѓу нас? Од каде, пак, сето тоа кај Него?“
57И се соблазнија заради Него. А Исус им рече: „Нема пророк без чест, освен во земјата негова и во домот негов.“
58И не направи таму многу чуда поради нивното неверие.