1Во тоа време, една сабота, Исус минуваше преку нивите, а учениците Негови огладнеа, па почнаа да кинат класје и да јадат.
2Фарисеите, штом го видоа тоа, Му рекоа: „Ете, учениците Твои го прават она што не треба да се прави во сабота!“
3А Тој им рече: „Не сте ли читале што направи Давид, кога огладне тој и оние што беа со него?
4Како влезе во домот Божји, ги изеде лебовите од жртвеникот, што не требаше да ги јаде ни тој, ниту оние што беа со него, туку само свештениците.
5Или, не сте ли читале во Законот дека во саботен ден свештениците ја нарушуваат саботата и пак не се виновни?
6Но Јас ви велам дека тука е Оној Кој е поголем од храмот;
7и, ако знаевте што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘, немаше да ги осудувате невините;
8Зашто Синот Човечки е господар и на саботата.“
9И штом замина оттаму, дојде во синагогата нивна.
10И ете, таму беше еден човек, кој имаше исушена рака. И за да Го обвинат, Го прашаа Исус: „Допуштено ли е во сабота да се лекува?“
11А Тој им рече: „Кој е тој од вас, ако има една овца и таа падне во саботен ден во јама, што не ќе ја прифати и извади?
12А колку ли, пак, човекот е поскап од една овца!? И така во сабота е допуштено да се прави добро.“
13Тогаш му рече на човекот: „Испружи ја раката!“ И тој ја испружи. И таа стана здрава како и другата.
14А фарисеите, штом излегоа, се договорија како да Го погубат. Но Исус кога разбра, се оддалечи оттаму.
15И тргна по него многу народ и Тој ги исцели сите.
16И им забрани да разгласуваат за Него.
17За да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели:
18„Ете Го слугата Мој; Него Го избрав, Мојот возљубен, што го благоволи Мојата душа. Ќе го положам Духот Свој над Него и на народите ќе им објави правда.
19Нема да се кара, ниту ќе вика, и никој нема да го чуе гласот Негов по крстопатите.
20Трските прекршени нема да ги докрши, ниту запалените светила ќе ги угасне, додека не го доведе судот до победа.
21И во Неговото име народите ќе ја положат својата надеж.“
22Тогаш доведоа кај Него еден бесомачен од зол дух, кој беше слеп и нем; и го излекува, така што слепонемиот прогледа и проговори.
23И сиот народ се чудеше и велеше: „Да не е Овој Христос, синот Давидов?“
24А фарисеите, штом го чуја тоа, рекоа: „Тој не ги истерува демоните на друг начин освен преку Велзевул, началникот на демоните!“
25Но Исус, знаејќи ги нивните помисли, им рече: „Секое царство, ако се раздели, запустува; и секој град или дом, ако се раздели на противни групи, ќе пропадне.
26И ако сатаната изгонува сатана, тој се разделил сам против себе; тогаш како може да се запази царството негово?
27И ако Јас ги истерувам демоните преку Велзевул, синовите ваши, преку кого ги изгонуваат? Затоа тие ќе ви бидат судии.
28Ако, пак, Јас истерувам демони со Духот Божји, тоа значи дека до вас дошло царството Божјо.
29Или, како може да влезе некој во куќата на силен човек и да му ја плени покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот, па дури тогаш да му ја ограби куќата?
30Кој не е со Мене, против Мене е; и кој не собира со Мене, тој растура.
31Затоа ви велам: секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Светиот Дух нема да им се прости на луѓето.
32И ако некој каже збор против Синот Човечки, ќе му се прости; но ако каже нешто против Светиот Дух, нема да му се прости ни на овој, ни на оној свет.“
33„Или, ако насадите добро дрво и плодот ќе му биде добар; а ако насадите лошо дрво и плодот ќе му биде лош; зашто по плодот се познава дрвото.
34Змиски рожби! Како можете да говорите добро, кога сте лоши? Зашто устата го зборува она што излегува од преполнетото срце.
35Добриот човек од доброто сокровиште изнесува добро, а лошиот човек од лошото сокровиште — лошо.
36И ви велам дека за секој лош збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден;
37зашто по зборовите свои ќе бидеш оправдан, и по зборовите свои ќе бидеш суден.“
38Тогаш некои од книжниците и фарисеите одговорија и рекоа: „Учителе, сакаме да видиме знак од Тебе!“
39А Тој им одговори и рече: „Лукав и прељуботворен род бара знак; но нема да му се даде знак освен знакот на пророкот Јона;
40зашто, како што Јона беше во утробата на китот три дни и три ноќи, така и Синот Човечки ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи.
41Ниневјаните ќе излезат на суд со овој род и ќе го осудат, зашто тие се покајаа од проповедта на Јона; а ете, тука има поголем од Јона.
42И царицата јужна ќе излезе на суд со овој род и ќе го осуди; зашто таа дојде од крај земја за да ја чуе мудроста на Соломон, но ете, тука е многу поголем од Соломон.“
43„Кога нечистиот дух ќе излезе од човекот, минува преку безводни места, барајќи спокој и не го наоѓа;
44тогаш ќе рече: ‚Да се вратам во мојот дом, откаде што излегов.‘ И штом дојде го наоѓа празен, изметен и уреден.
45Тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и штом ќе влезат, таму и ќе живеат; и последната состојба на тој човек станува полоша од првата. Така ќе биде и со овој пакосен род.“
46Додека му зборуваше на народот, мајка Му и браќата Негови стоеја надвор и сакаа да зборуваат со Него.
47Некој Му кажа: „Ете, мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да зборуваат со Тебе.“
48Тој му одговори на оној што Му зборуваше и рече: „Која е Мојата мајка и кои се Моите браќа?“
49И покажувајќи со рака на учениците Свои рече: „Еве ја Мојата мајка и еве ги Моите браќа!
50Зашто кој ја исполнува волјата на Мојот небесен Отец, Кој е на небесата, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.“