1И кога ги заврши Исус овие заповеди кон дванаесетте Свои ученици, замина оттаму за да поучува и да проповеда по нивните градови.
2А Јован, штом чу во затворот за Христовите дела, испрати двајца свои ученици
3и му рече: „Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг?“
4Исус им одговори и рече: „Одете и кажете му на Јован што слушате и што гледате:
5слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат; мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието.
6И блажен е оној што не се соблазнува поради Мене.“
7А кога си отидоа овие, Исус почна да му зборува на народот за Јован: „Што сте излегле да видите во пустината? Трска ли, што се лулее од ветрот?
8Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што носат меки алишта, по царски палати се.
9Па, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам, и повеќе од пророк!
10Зашто тој е оној за кого е напишано: ‚Ете, Јас го праќам Мојот ангел пред лицето Твое; тој ќе го приготви патот Твој пред Тебе.‘
11Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител, но најмалиот во царството небесно е поголем од него!
12А од деновите на Јован Крстител па до сега, царството небесно насила се зема и силните го грабаат,
13зашто сите Пророци и Законот пророкуваа до доаѓањето на Јован.
14И, ако сте подготвени да го прифатите, тој е Илија, кој треба да дојде.
15Кој има уши да слуша, нека чуе!“
16„А со кого да го споредам овој род? Тој личи на деца што седат по пазариштата, па им довикуваат на своите другари
17и велат: ‚Ви свиревме и не игравте; ви пеевме жални песни и не плачевте.‘
18Зашто дојде Јован, кој не јаде, ниту пие, а тие велат: ‚Демон има во Него.‘
19Дојде Синот Човечки, Кој и јаде и пие, и велат: ‚Еве човек ненаситен и пијаница, пријател на цариници и грешници.‘ Но мудроста се оправда преку своите дела.“
20Тогаш почна Исус да ги укорува градовите во кои се извршија повеќето Негови чуда, бидејќи не се покајаа.
21„Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Ако во Тир и Сидон беа чуда, што станаа кај вас, тие одамна би се покајале во вреќиште и пепел;
22но ви велам: на Тир и на Сидон ќе им биде полесно во судниот ден отколку вам!
23И ти, Капернауме, што си се воздигнал до небото, до пеколот ќе бидеш спуштен; зашто, ако во Содом се беа извршиле чудата што станаа во тебе, тој и до ден денес ќе останеше.
24Но ви велам дека на земјата Содомска ќе ѝ биде полесно на судниот ден, отколку тебе.“
25Во тоа време, откако продолжи Исус, рече: „Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, зашто си го скрил тоа од мудрите и разумните, а си им го открил на децата!
26Да, Оче, зашто таква беше волјата Твоја.
27Сѐ ми е предадено од Мојот Отец и никој не Го познава Синот, освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие.
28Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам.
29Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши.
30Зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно.“