1Книга за родословот на Исус Христос, син Давидов, син Авраамов.
2Авраам го роди Исак, Исак го роди Јаков, а Јаков ги роди Јуда и неговите браќа;
3Јуда ги роди Фарес и Зара, со Тамара; Фарес го роди Есром, а Есром го роди Арам;
4Арам го роди Аминадав; Аминадав го роди Наасон, а Наасон го роди Салмон;
5Салмон го роди Вооз со Раав; Вооз го роди Овид со Рута, а Овид го роди Јесеј;
6Јесеј го роди царот Давид, а царот Давид со поранешната жена на Урија го роди Соломон;
7Соломон го роди Ровоам; Ровоам го роди Авија, а Авија го роди Аса;
8Аса го роди Јосафат; Јосафат го роди Јорам, а Јорам го роди Озија;
9Озија го роди Јоатам; Јоатам го роди Ахаз, а Ахаз го роди Езекија;
10Езекија го роди Манасија; Манасија го роди Амон, а Амон го роди Јосија;
11Јосија го роди Јехонија и браќата негови за време на преселувањето во Вавилон.
12А по вавилонското преселување Јехонија го роди Салатиил, а Салатиил го роди Зоровавел;
13Зоровавел го роди Авиуд; Авиуд го роди Елијаким, а Елијаким го роди Азор;
14Азор го роди Садок; Садок го роди Ахим, а Ахим го роди Елиуд;
15Елиуд го роди Елеазар; Елеазар го роди Матан, а Матан го роди Јаков;
16Јаков го роди Јосиф, мажот на Марија, од која се роди Исус, наречен Христос.
17И така, сите родови од Авраам до Давид се четиринаесет; и од Давид до преселувањето во Вавилон се четиринаесет родови; а и од преселувањето вавилонско до Христос — родови четиринаесет.
18А раѓањето на Исус Христос стана вака: по свршувачката на мајка Му Марија за Јосиф, уште пред да заживеат во заедница, се виде дека е тешка од Светиот Дух.
19А Јосиф, нејзиниот маж, бидејќи беше праведен, не сакаше да ја посрами и намисли тајно да ја напушти.
20Но, штом помисли така, ангел Господов му се јави на сон и рече: „Јосифе, сине Давидов, не плаши се да ја земеш Марија, својата жена, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух.
21Таа ќе роди Син и ќе Му ставиш име Исус, зашто Тој ќе го спаси народот Свој од неговите гревови.“
22А сето тоа стана за да се исполни кажаното од Господ преку пророкот, кој вели:
23„И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе Го наречат Емануил — што значи: со нас е Бог!“
24Штом се разбуди Јосиф од сонот, направи така како што му беше заповедал ангелот Господов и ја зеде својата жена.
25И не се доближи до неа, додека таа не Го роди својот Син и Го нарече Исус.