1И веднаш утредента првосвештениците, со старешините и книжниците, и целиот Синедрион, одржаа состанок, па Го врзаа Исус, Го одведоа и Го предадоа на Пилат.
2А Пилат Го праша: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Тој одговори и рече: „Ти велиш.“
3И првосвештениците Го обвинуваа многу. Но, Тој не одговори ништо.
4А Пилат пак Го праша и рече: „Ништо ли не одговараш? Гледаш колку многу сведочат против Тебе!“
5Но Исус ништо веќе не одговори, така што Пилат се чудеше.
6А на секој празник им ослободуваше по еден осуденик, кого што ќе го побараа.
7И имаше еден човек, по име Варава, во окови заедно со придружниците, што во една буна извршиле убиство.
8И кога извика народот, почна да го моли Пилат да им го направи она, што го правел секогаш.
9А тој им одговори и рече: „Сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?“
10Зашто знаеше дека првосвештениците Го беа предале од завист.
11Но првосвештениците го наговорија народот да бара да им го пушти Варава.
12Пилат, пак, им одговори и рече: „Што сакате да направам со Оној, што Го именувавте Цар Јудејски?“
13Тие одново извикаа, велејќи: „Распни Го!“
14Пилат им рече: „Какво зло направил?“ Но тие уште посилно извикаа: „Распни Го!“
15Тогаш Пилат, сакајќи да му угоди на народот, им го пушти Варава, а Исус Го камшикуваше и Го предаде да Го распнат.
16Војниците, пак, Го одведоа внатре во дворот, односно во преторијата, и повикаа цела чета,
17па Му облекоа багреница, и откако сплетоа трнов венец, Му го кладоа на главата;
18и почнаа да Го поздравуваат: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“
19И Го удираа по главата со трска и плукаа на Него, Му се поклонуваа, паѓајќи на колена.
20А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ја облекоа Неговата облека и Го поведоа да Го распнат.
21И го натераа некој си Симон Киринеец, таткото на Александар и на Руф, кој се враќаше од поле, да Му го носи крстот.
22Па Го одведоа на местото Голгота, што значи: место на черепи.
23И Му дадоа да пие вино со смирна, но Тој не зеде.
24Тие што Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка кој што да земе.
25Беше третиот час, и Го распнаа.
26И имаше натпис за вината Негова: „Цар Јудејски.“
27А со Него распнаа и два разбојника, едниот од десната Негова страна, а другиот од левата.
28(И се исполни Писмото, кое вели: „И меѓу грешници Го ставија.“)
29А минувачите, вртејќи глава, Го хулеа и велеа: „Аха! Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш,
30спаси се Себеси и слези од крстот!“
31Исто така и првосвештениците со книжниците Му се смееја и велеа: „Другите ги спасуваше, а Себе не може да се спаси!
32Христос, Царот израелски, нека слезе сега од крстот, па да видиме и да поверуваме!“ Го хулеа и распнатите со Него.
33А во шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час.
34И во деветтиот час Исус извика гласно велејќи: „Елои, Елои, Лама савахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави?“
35Некои од оние, што стоеја таму, штом го чуја тоа, рекоа: „Ете, го вика Илија!“
36А еден отрча, натопи сунѓер во оцет, па како го закачи на трска, Му даваше да пие, велејќи: „Почекајте да видиме, ќе дојде ли Илија да Го симне.“
37А Исус, пак, испуштајќи висок глас, издивна.
38И завесата на храмот се расцепи на две, одозгора додолу.
39А стотникот, што стоеше спроти Него, кога виде дека Тој, откако извика така и издивна, рече: „Навистина Овој Човек бил Син Божји!“
40Имаше и жени што гледаа оддалеку; меѓу нив беше и Марија Магдалена, и Марија, мајката на малиот Јаков и на Јосија, и Саломија,
41кои и тогаш, кога Тој беше во Галилеја, врвеа по Него и Му служеа, и многу други што беа дошле со Него во Ерусалим.
42А кога се стемни веќе, бидејќи беше петок, односно ден спроти сабота,
43дојде Јосиф од Ариматеја, прочуен член на советот, кој и сам го очекуваше царството Божјо, се осмели да влезе кај Пилат и го замоли за телото Исусово.
44Пилат се зачуди дека Тој веќе умрел; и кога го извика стотникот, го праша дали одамна умрел.
45Па штом дозна од стотникот, му го даде телото на Јосиф.
46А Јосиф купи платно, Го симна и Го обви во плаштаница и Го положи во гроб, што беше издлабен во карпа и навали камен на гробната врата.
47А Марија Магдалена и Марија Јосиева гледаа каде Го полагаат.