1А кога излегуваше од храмот, еден од учениците Негови Му рече: „Учителе, гледај какви камења и какви згради!“
2Исус, пак, му одговори и рече: „Ги гледаш ли овие големи згради? Ни камен на камен нема да остане овде, што не ќе биде урнат!“
3А кога седеше на Маслиновата Гора, спроти храмот, Го прашаа насамо Петар, Јаков, Јован и Андреј:
4„Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој е знакот, кога ќе се сврши сето тоа?“
5Исус, одговарајќи им почна да зборува: „Чувајте се да не ве прелаже некој!
6Зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи дека сум Јас; и ќе прелажат мнозина.
7А кога ќе чуете за војни и гласови за војни, не плашете се; зашто сето тоа треба да се случи; но тоа уште не е крајот.
8Ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; а на некои места ќе има и земјотреси и глад. Тоа е почетокот на болките.
9Но вие чувајте се, зашто ќе ве предадат на судови; а по синагогите ќе ве бијат, и пред управници и пред цареви ќе бидете изведувани заради Мене, за сведоштво пред нив.
10И кај сите народи најнапред треба да се проповеда Евангелието.
11Кога, пак, ќе ве поведат, за да ве предадат, не грижете се однапред што ќе говорите, ниту размислувајте; туку она, што ќе ви се даде во тој час, тоа кажете го; не сте вие што ќе зборувате, туку Светиот Дух.
12И брат брата ќе предаде на смрт, и татко чедо, и ќе се дигнат децата против родителите, и ќе ги предадат на смрт.
13Ќе бидете намразени од сите заради Моето име; кој ќе претрпи до крај, тој ќе биде спасен.“
14„А кога ќе видите дека гнасниот пустошник се сместил каде што не треба — кој чита, нека разбере — тогаш, оние што се во Јудеја, нека бегаат по планините;
15и кој е на покривот, да не слегува во куќата, ниту да влегува да земе нешто од куќата своја;
16и кој е на нива, да не се враќа за да ја земе облеката своја!
17Но тешко на бремените и на оние што дојат во тие дни!
18Туку молете се, бегањето ваше да не биде зиме!
19Зашто во тие дни ќе има мака, каква немало досега од почетокот на светов, што го создаде Бог, а и нема да има.
20И ако Бог не ги скратеше тие дни, тогаш не би се спасил ниеден човек; но заради избраните, кои ги избра Тој, ќе ги скрати дните.
21Тогаш, ако ви каже некој: ‚Еве, овде е Христос‘, или ‚Ене, таму е‘, не верувајте!
22Зашто, ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, и избраните.
23Но вие — чувајте се! Ете, сѐ однапред ви кажав!
24Во тие дни, по маките, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина,
25и ѕвездите небески ќе паѓаат, и силите, што се на небото, ќе попуштат.
26И тогаш ќе Го видат Синот Човечки, како иде на облаци со голема сила и слава.
27Тогаш Тој ќе ги испрати ангелите Свои и ќе ги собере Своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото.
28Со смоквата направете споредба: кога нејзините гранки се подмладуваат и пуштаат лисја, знаете дека е близу летото.
29Па така и вие, кога ќе видите дека сето тоа се случува, знајте дека е близу, пред врата!
30Вистина ви велам: нема да помине овој род, додека сето тоа не се исполни.
31Небото и земјата ќе исчезнат, но зборовите Мои нема да исчезнат!“
32„А за тој ден и час никој не знае, ни ангелите небесни, ниту Синот, а само Отецот.
33Внимавајте, бидете будни и молете се, зашто не знаете кога ќе биде часот.
34Како човек, кој заминувајќи, ја остава куќата своја и им дава власт на слугите свои, секому своја работа, на вратарот му заповеда да биде буден.
35Бидете будни, зашто не знаете кога ќе дојде домаќинот на куќата, приквечер ли, или на полноќ, или петлите кога ќе пропеат, или наутро,
36па да не дојде ненадејно и да ве затече како спиете.
37Што ви зборувам вам, им го зборувам на сите: Бидете будни!“