Mark 12
1 И почна да им говори во параболи: „Еден човек насади лозје и го загради со ограда, па ископа бунар и соѕида кула; и откако им го предаде на лозарите, си отиде.
2 А кога дојде времето, испрати кај лозарите еден слуга, за да го прибере од нив плодот на лозјето.
3 Но тие го фатија слугата, го натепаа и го испратија празен.
4 И пак испрати кај нив друг слуга; и нему, со камења му ја расцепија главата, па го отпуштија посрамен.
5 Испрати и друг; него, пак го убија; и мнозина други, или натепаа, или пак ги убија.
6 Па, бидејќи имаше уште еден син, кој му беше мил, го испрати најпосле него кај нив, велејќи: ‚Ќе се засрамат од сина ми.‘
7 Но лозарите си рекоа меѓу себе: ‚Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше!‘
8 И го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето.
9 Што ќе направи, пак, господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе го даде на други.
10 Зар не сте читале во Писмото: ‚Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник.‘
11 Од Господ е тоа, и чудесно е во очите наши.“
12 И сакаа да Го фатат, но се уплашија од народот, зашто разбраа дека за нив ја кажа параболата; па Го оставија, и си отидоа.
13 А пратија кај Него некои од фарисеите и од Иродовците, за да Го фатат на збор.
14 Тие дојдоа и Му рекоа: „Учителе, знаеме дека си правичен и дека не се плашиш од никого, зашто не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји. Треба ли да му се дава данок на царот или не? Да даваме ли, или да не даваме?“
15 А Тој, знаејќи ја нивната лицемерност, им рече: „Зошто ме искушувате? Донесете ми еден денариј да го видам!“
16 И тие донесоа. Па им рече: „Чиј е овој лик и натпис?“ Му рекоа: „На царот.“
17 Тогаш Исус им одговори и рече: „Давајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога!“ И тие Му се чудеа.
18 Дојдоа кај Него и садукеите, кои велат дека нема воскресение, па Го прашаа, говорејќи:
19 „Учителе, Мојсеј ни напиша: ‚Ако некому умре братот и остави жена, а деца не остави, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека го подигне потомството на својот брат.‘
20 Беа седуммина браќа: првиот зеде жена и кога умре, не остави пород.
21 Неа ја зеде вториот брат, и умре, но и тој не остави пород; исто така и третиот.
22 Ја зедоа сите седуммина, и не оставија пород. По нив умре и жената.
23 При воскресението, кога ќе воскреснат, на кого од нив таа ќе биде жена? Зашто седуммина ја имаа како жена.“
24 А Исус им одговори и рече: „Зар не се лажете, бидејќи не ги познавате ни Писмата, ниту силата Божја?
25 Зашто, кога ќе воскреснат од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку се како ангели на небесата.
26 А за мртвите, дека ќе воскреснат, не сте ли читале во книгата на Мојсеј, како му рече Бог кај капината: ‚Јас сум Бог Авраамов, и Бог Исаков, и Бог Јаковов‘?
27 Но Тој не е Бог на мртвите, туку Бог на живите. Вие, пак, многу се лажете!“
28 Тогаш пристапи еден од книжниците, кој ги слушаше како се препираат и увиде дека Исус им одговараше добро, па Го запраша: „Која е прва од сите заповеди?“
29 А Исус му одговори: „Најважна од сите заповеди е: ‚Чуј Израеле! Господ, Бог наш, е еден Господ.
30 Затоа, возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!‘ Ова е најважната заповед.
31 А втората е слична на неа: ‚Возљуби го својот ближен како себеси!‘ Друга заповед, поголема од овие, нема.“
32 Книжникот Му рече: „Добро, Учителе. Право кажа дека Бог е еден, и дека нема друг, освен Него;
33 и дека, да Го љубиш со сето срце, и со сиот разум, и со сета своја душа, и со сета сила, и да го љубиш ближниот свој како себеси е повеќе од сите прилози и жртви.“
34 Исус, пак, кога виде дека умно одговори, му рече: „Не си далеку од царството Божјо.“ Потоа никој веќе не се осмелуваше да Го прашува.
35 И кога одговараше Исус, поучувајќи во храмот, рече: „Како тоа книжниците велат дека Христос е син Давидов,
36 кога самиот Давид кажа преку Светиот Дух: ‚Му рече Господ на мојот Господ: седи од Мојата десна страна, додека не ги положам Твоите непријатели за подножје на нозете Твои!‘
37 И така, сам Давид Го нарече Господ; од каде тогаш да Му е Тој син?“ И многу народ Го слушаше со задоволство.
38 И им рече потоа во Својата поука: „Чувајте се од книжниците, кои сакаат да одат во долги облеки и да ги поздравуваат по улиците,
39 и заземаат предни седишта во синагогите, како и први места на гозбите.
40 Тие, што ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се молат, ќе бидат потешко осудени.“
41 Па седна Исус спроти ковчежето и гледаше како народот пушта пари во него. Мнозина богати пуштаа многу.
42 И кога дојде една бедна вдовица, пушти две лепти, што изнесува еден кодрант.
43 А Исус, кога ги повика учениците Свои, им рече: „Вистина ви велам дека оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите, што пуштија во касата на храмот;
44 зашто сите пуштија од својот вишок, а таа од својата сиромаштија даде сѐ што имаше, целиот свој имот.“