1И ете, Јас ќе го испратам гласникот Свој, и тој ќе го приготви патот пред Мене, и ненадејно ќе дојде во храмот Свој, Господ, Кого Го барате, и Ангелот на заветот, кого вие го пожелувате; ете, Тој доаѓа, вели Господ Саваот!
2Но кој ќе го издржи денот на Неговото доаѓање, и кој ќе издржи, кога ќе се појави Тој? Зашто Тој е како оган, што растопува, и пепелница што чисти,
3па ќе седне Тој како пречистувач на сребро, и ќе ги очисти синовите на Левиј и ќе ги претопи како злато и како сребро, за да Му принесат жртва со правда.
4Тогаш ќе Му биде мила на Господ жртвата Јудина и на Ерусалим, како во старите времиња и како во поранешните години.
5И ќе дојдам кај вас за суд и ќе бидам брз извршител против вражачите и прељубодејците, и против оние кои лажно се колнат и ја скусуваат платата на работникот, ги измачуваат вдовиците и сираците, ги одбиваат придојдените, и од Мене немаат страв, вели Господ Саваот.
6Зашто, Јас, Господ, не се менувам; затоа вие, синови на Јаков, не бевте уништени!
7Уште од деновите на вашите татковци отстапувате од наредбите Мои и не ги пазите; вратете се кон Мене, и Јас ќе се вратам кај вас, вели Господ Саваот. Вие, пак, ќе речете, како да се вратиме?
8Смее ли човек да краде од Бога? А вие крадете од Мене! Ќе речете: „Што крадеме од Тебе?“ — од десетокот и од приносите!
9Со проклетство сте проколнати, зашто Ме крадете — вие и сиот народ.
10Донесете ги сите десетоци во ризницата, па да има храна во Мојот дом, и потоа испитајте Ме, вели Господ Саваот: зар нема да ги отворам отворите небески за да излијам благослов на вас, па да имате и на претек?
11Заради вас ќе им забранам на оние, што ги изедуваат плодовите земни, и лозата ваша во полето нема да остане без плод, вели Господ Саваот.
12И блажени ќе ве нарекуваат сите народи, зашто ќе бидете земја на благослови, вели Господ Саваот.
13Дрски се зборовите ваши пред Мене, вели Господ Саваот. Прашувате: — што зборуваме против Тебе?
14Велите: залудно е служењето на Бога, и каква корист имаме, ако ги пазиме наредбите Негови и одиме во жална облека пред лицето на Господ Саваот?
15Ете, гордите ние ги сметаме за подобри: напредуваат оние што вршат беззаконие, па, иако Го искушуваат Господа, си остануваа незасегнати.
16Но оние, кои се бојат од Бога, си велат еден на друг: Господ гледа и го пази тоа, и пред лицето Негово се пишува спомен книга за оние што се плашат од Бога и го почитуваат името Негово.
17Тие ќе бидат Мои, вели Господ Саваот, Моја сопственост во оној ден, што го готвам, и ќе бидам милостив кон нив како што татко е милостив кон синот свој, кој му служи.
18И тогаш ќе се обратите и ќе ја видите разликата меѓу праведник и безбожник, меѓу оној кој Му служи на Бога и оној кој не Му служи.