Malachi 2
1 И така, за вас свештениците е оваа заповед:
2 ако не послушате и не си ставите на срце, за да Му оддадете слава на името Мое, вели Господ Саваот, Јас ќе испратам врз вас проклетство и ќе ги проколнам вашите благослови, и веќе проколнувам, бидејќи вие не сакате ова да го примите на срце.
3 И, ете, јас ќе ви го одземам трудот, и нечистотијата ќе ви ја фрлам врз лицето ваше, нечистотиите од вашите празнични жртви, и ќе ве исфрлам заедно со нив.
4 И тогаш ќе познаете дека Јас ја дадов таа заповед, за да го запазам заветот Мој со Левиј, вели Господ Саваот.
5 Заветот Мој со него беше завет за живот и мир, и Јас му го дадов за страв, и тој се боеше од Мене и од името Мое се плашеше.
6 Законот на вистината беше на устата негова, и неправда не се најде на јазикот негов; во мир и правда тој одеше со Мене и многумина одврати од грев.
7 Зашто устата на свештеникот треба да располага со знаење, и Законот го бараат од устата негова, бидејќи тој е гласник на Господ Саваот.
8 А вие застранивте од овој пат, на многумина им послуживте како соблазна во Законот, го разрушивте заветот на Левиј, вели Господ Саваот.
9 Затоа Јас ве направив презрени и понизени пред сите народи, зашто не ги запазивте патиштата Мои и пристрасно го применувате Мојот Закон.
10 Зар сите немаме еден и ист Отец? Нели Единиот Бог нѐ создаде? Зошто тогаш вероломно постапуваме еден со друг, нарушувајќи го на тој начин заветот на нашите татковци?
11 Вероломно постапи Јуда, и одвратност се врши во Израил и во Ерусалим; Јуда ја оскверни светињата, омилена на Господ, а освен тоа и се ожени со ќерка на туѓ бог.
12 Господ нека го истреби од шаторите на Јаков секој, кој прави така, секој што сведочи, одговара или принесува жртва на Господ Саваот!
13 А го правите и ова — го обливате со солзи жртвеникот Господов, плачејќи и воздивнувајќи, така што Тој веќе и не гледа на приносот и не ја прима жртвата за милост од рацете ваши.
14 Вие, пак, прашувате — зошто? Поради тоа што Господ беше сведок меѓу тебе и жената од твојата младост, на која не ѝ беше верен, иако таа ти е помошничка и твоја законска жена.
15 Зар Тој не направи да бидеш едно тело и еден дух со неа? И што сакаше Тој со тоа? Тој сакаше да добие потомство од Бога. Па така, пазете го духот свој и никој да не ја изневерува жената од својата младост.
16 Зашто Јас мразам развод — вели Господ, Бог Израилев — и човек што си ја опоганува својата облека со неверство, вели Господ Саваот. Затоа пазете го духот свој да не постапувате вероломно.
17 Вие Го разгневувате Господа со своите зборови, велејќи: па со што го лутиме? Со тоа што велите — секој што прави зло, добар е пред очите на Господ и таквите Му се мили, а и каде е Бог, Кој право суди?