1Во петнаесеттата година од владеењето на царот Тибериј, кога Понтиј Пилат беше управител во Јудеја, а Ирод четворовласник над Галилеја, и Филип, брат му, четворовласник на покраината Итуреја и Трахонитида, и Лисаниј четворовласник на Авилинија,
2во времето на првосвештениците Ана и Кајафа, дојде Божјата реч до Јован, синот на Захарија, во пустината.
3И тој го обиколи целиот крај околу Јордан, проповедајќи покајно крштавање за проштевање на гревовите,
4така како што е напишано во Книгата, според зборовите на пророкот Исаија, кој вели: „Гласот на оној што вика во пустината: ‚Пригответе го Господовиот пат и исправете ги патеките Негови;
5секоја долина нека се исполни и секоја планина и секој рид нека се снизат; кривините нека се исправат и нерамните патишта нека се израмнат,
6и секое тело ќе го види спасението Божјо!‘“
7А на луѓето што доаѓаа кај него да ги крсти, им велеше: „Рожби змиини, кој ве научи да бегате од гневот што ќе дојде?
8Но створете плодови достојни за покајание и не почнувајте да зборувате во себе: ‚Авраам е нашиот татко!‘ Зашто ви велам дека Бог може и од овие камења да издигне чеда на Авраам.
9Зашто веќе и секирата е поставена до коренот на дрвјата; и секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган.“
10И го прашаа луѓето, велејќи: „Тогаш што треба да правиме?“
11А тој им одговори и рече: „Кој има две облеки, нека ги подели со оној што нема ниту една; а кој има храна, нека го направи истото.“
12Дојдоа и цариници да ги крсти и му рекоа: „Учителе, што да направиме?“
13А тој им рече: „Не барајте повеќе отколку што ви е одредено.“
14Го прашаа и некои војници, говорејќи: „А што да правиме ние?“ И им рече: „Врз никого не извршувајте насилство, никого не клеветете и бидете задоволни со вашите плати.“
15А бидејќи народот беше во исчекување, па сите помислуваа во срцата свои за Јован, да не е тој Христос,
16Јован им одговараше на сите, велејќи: „Јас ве крштавам со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни ремчињата на обувките Негови: Тој ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.
17Нему му е лопатата во раката Негова и Тој ќе го очисти гумното Свое, и ќе го собере житото во житницата Своја, а плевата ќе ја изгори со неизгаслив оган.“
18И опоменувајќи со уште многу други нешта, му ја објавуваше на народот радосната вест.
19А Ирод четворовласникот, укорен од него заради Иродијада, жената на брата му, и заради сите злодела што ги беше направил,
20кон сето тоа додаде и уште едно: го затвори Јован во темница.
21А кога се крсти сиот народ, се крсти и Исус, и додека се молеше, се отвори небото,
22и Светиот Дух слезе на Него во телесен облик, како гулаб, и се слушна глас од небото, кој велеше: „Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја.“
23Кога почна Исус да проповеда имаше околу триесет години и беше, како што мислеа, син Јосифов, Илиев,
24Мататов, Левиев, Мелхиев, Јанаев, Јосифов,
25Мататиев, Амосов, Наумов, Еслимов, Нагеев,
26Маатов, Мататиев, Семеиев, Јосифов, Јодов,
27Јоананов, Рисаев, Зоровавелов, Салатиилов, Нириев,
28Мелхиев, Адиев, Косамов, Елмодамов, Иров,
29Јосиев, Елиезеров, Јоримов, Мататов, Левиев,
30Симеонов, Јудин, Јосифов, Јоананов, Елијакимов,
31Мелеаев, Маинанов, Мататаев, Натанов, Давидов,
32Јесеев, Овидов, Воозов, Салмонов, Наасонов,
33Аминадавов, Арамов, Есромов, Фаресов, Јудин,
34Јаковов, Исаков, Авраамов, Тарин, Нахоров,
35Серухов, Рагавов, Фалеков, Еверов, Салин,
36Каинанов, Арфаксадов, Симов, Ноев, Ламехов,
37Матусалов, Енохов, Јаредов, Малелеилов, Каинанов,
38Еносов, Ситов, Адамов, Божји.