1Исполнет со Дух Свети, Исус се врати од Јордан, и беше одведен од Духот во пустината.
2Четириесет дена Го искушуваше ѓаволот. Во текот на тие денови не јадеше ништо, а кога изминаа тие, најпосле огладне.
3Тогаш Му рече ѓаволот: „Ако си Син Божји, кажи му на овој камен да стане леб.“
4А Исус му одговори: „Напишано е дека не само со леб ќе живее човекот (туку и со секој збор Божји).“
5Потоа ѓаволот Го одведе на една висока планина и му ги покажа за миг сите царства во светот.
6И Му рече ѓаволот: „Тебе ќе Ти ја дадам сета оваа власт и нивната слава, зашто мене ми е предадена, и ја давам кому што сакам.
7Ако ми се поклониш, сето тоа ќе биде Твое.“
8Но Исус му одговори и рече: „(Бегај од Мене, сатано, зашто) напишано е: ‚На Господ, твојот Бог, поклонувај Му се и единствено Нему служи Му!‘“
9И Го одведе во Ерусалим, и Го постави на стреата од храмот, па Му рече: „Ако си Син Божји, фрли се одовде долу!
10Зашто е напишано: ‚На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе да Те зачуваат;
11и на раце ќе Те земат, да не си ја сопнеш ногата Своја на камен.‘“
12И Исус му одговори и рече: „Кажано е: ‚Не искушувај Го Господ, својот Бог!‘“
13Па откако ѓаволот заврши со сите искушенија, се оддалечи од Него за некое време.
14И се врати Исус во Галилеја во силата на Духот; и се разнесе глас за Него по целиот тој крај.
15А Тој поучуваше во нивните синагоги, и сите го славеа.
16И дојде во Назарет, каде што беше одраснал, и по обичајот Свој влезе еден саботен ден во синагогата, па стана да чита.
17Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија; и Тој, штом ја отвори, го најде местото каде што беше напишано:
18„Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза. Ме прати да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените;
19да ја проповедам благопријатната година Господова!“
20Потоа ја затвори книгата, му ја даде на прислужникот, и седна; а очите на сите во синагогата беа вперени во Него.
21И почна да им говори: „Денес се исполни ова Писмо што го чувте.“
22И сите Му потврдија и се восхитуваа на Неговите благодатни зборови што излегуваа од устата Негова и велеа: „Не е ли Овој синот на Јосиф?“
23А Тој им рече: „Некој од вас сигурно ќе Ми приговори со оваа изрека: ‚Лекаре, излекувај се Сам! Направи го и овде, во Твојот роден крај, она што чувме дека се случило во Капернаум.‘“
24Па им рече: „Вистина ви велам: ниеден пророк не е омилен во својата татковина.
25Навистина ви кажувам: имаше многу вдовици во Израел, во времето на Илија, кога се затвори небото три години и шест месеци и настана голем глад по целата земја;
26и кај ниедна од нив не беше пратен Илија, но само кај една жена вдовица во Сарепта Сидонска;
27и имаше мнозина лепрозни во Израел во времето на пророкот Елисеј, но ниеден од нив не се очисти, освен Сириецот Нееман.“
28А кога го слушнаа тоа, сите во синагогата се исполнија со гнев;
29па станаа, Го истераа надвор од градот и Го одведоа на врвот од еден рид, каде што беше соѕидан нивниот град, за да Го турнат одозгора.
30Но Тој помина меѓу нив и си отиде.
31И слезе во Капернаум, во градот Галилејски, и ги поучуваше во саботните денови.
32И се чудеа на Неговата наука, зашто Неговото слово беше силно.
33Во синагогата се наоѓаше еден човек обземен од дух на нечист демон, и тој извика гласно:
34„Еј, што сакаш Ти, Исусе од Назарет? Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам кој си. Ти си Светец Божји.“
35А Исус му заповеда, говорејќи: „Молкни и излези од него!“ Па откако го кутна насреде, духот зол излезе од него и ништо лошо не му направи.
36Сите ги обзеде страв, па си зборуваа меѓу себе: „Каков ли е тој збор! Зашто со власт и сила им заповеда на нечистите духови и тие излегуваат!“
37Па се разнесе глас за Него по сите околни места.
38Штом излезе од синагогата, влезе во куќата Симонова; а тештата на Симон имаше силна треска, и Го помолија за неа.
39И како застана над неа, Тој ја прекори треската, и таа ја остави; и жената веднаш стана и им служеше.
40И на зајдисонце, сите што имаа болни од разни болести ги доведуваа кај Него; а Тој, положувајќи раце над секого од нив, ги исцелуваше.
41Од мнозина излегуваа демони со викање, и велеа: „Ти си Христос, Син Божји.“ А Тој забрануваше и не им дозволуваше да кажуваат дека знаат дека е Тој Христос.
42Кога се раздени, Тој излезе и отиде на осамено место, а луѓето Го бараа па, кога дојдоа кај Него, Го задржуваа да не си оди од нив.
43А Тој им рече: „И на другите градови треба да им ја објавам радосната вест за царството Божјо, зашто за тоа сум пратен.“
44И проповедаше по синагогите галилејски.