Bible

Power Up

Your Services with User-Friendly Software

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Luke 2

:
Macedonian - 2006
1 Во тоа време излезе заповед од царот Август за попис на сите жи­те­ли.
2 Тоа беше прв попис за време на управувањето на Квириниј со Сирија.
3 И отидоа сите да се запишат, секој во својот град.
4 Па така и Јосиф, бидејќи беше од Галилеја, од градот Назарет, отиде во Јудеја, во градот Давидов, наречен Вит­леем, бидејќи беше од домот и племето Давидово,
5 за да се запише со Марија, неговата свршеница, која беше тешка.
6 А кога беа таму, нејзе ѝ дојде времето да роди.
7 Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив не­маше место во гостилницата.
8 Во тој крај имаше пастири, кои но­ќеваа таму и го чуваа своето стадо.
9 И одеднаш им пристапи ангел Господов и славата Господова ги осветли; и се уплашија многу.
10 А ангелот им рече: „Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе;
11 зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ.
12 Ова ќе ви биде знак: ќе најдете повиен Младенец, кој лежи во јасли.“
13 И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи:
14 „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“
15 Кога си отидоа ангелите од нив на небо, пастирите си рекоа меѓу себе: „Да појдеме во Витлеем и да го видиме претскажаниот настан што ни го соопшти Господ.“
16 И дојдоа брзо и ги најдоа Марија и Јосиф со Младенецот кој лежеше во јасли.
17 А штом го видоа, соопштија за претскажувањето што им беше речено за Тоа Дете.
18 И сите што слушаа се восхитуваа на она што им го говореа пастирите.
19 А Марија ги зачува сите тие зборови, сложувајќи ги во срцето свое.
20 И се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Го Бога за сѐ она што чуја и видоа, како што им беше речено.
21 А кога се навршија осум дена и Де­тето требаше да Го обрезат, Му дадоа име Исус, како што беше наречено од ангелот уште пред да биде зачнат во ут­робата.
22 И кога се навршија деновите за нив­ното очистување, според законот на Мојсеј, Го донесоа во Ерусалим за да Го претстават пред Господ,
23 како што е напишано во Законот Господов дека секое првородено машко дете треба да Му се посвети на Господ;
24 и да се принесе жртва, како што е речено во Законот Господов, две гугутки или две гулапчиња.
25 А во Ерусалим живееше тогаш еден човек по име Симеон; и тој човек, кој беше праведен и благочестив, ја оче­куваше утехата Израелова; и Светиот Дух беше на него.
26 Нему Светиот Дух му беше про­ре­кол дека нема да види смрт, додека не Го види Христос Господов.
27 И поттикнат од Духот, дојде во храмот. Па, кога родителите Го донесоа детето Исус за да го извршат со Него она што беше вообичаено, според За­ко­нот,
28 тој Го зеде во своите раце, Го бла­гослови Бога и рече:
29 „Сега го отпушташ Својот слуга во мир, Господаре, според зборот Твој,
30 зашто очите мои го видоа спасение­то Твое
31 што си го приготвил пред лицето на сите народи;
32 светлина за просвета на нез­на­бош­ците и слава на Твојот народ, Израел.“
33 А Јосиф и мајка Му се восхитуваа на она што зборуваше за Него.
34 Па ги благослови Симеон и ѝ рече на Марија, мајката Негова: „Еве, Овој е поставен за паѓање и издигнување на мнозина во Израел, и е знак против Ко­го ќе се говори.
35 А и тебе самата, меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца.“
36 Таму беше и пророчицата Ана, ќер­ката Фануилова, од Асировото племе. Таа беше во поодминати години, а со мажот проживеала само седум години, по моминството свое.
37 Таа беше вдовица на околу осумдесет и четири години. Не се оддале­чу­ва­ше од храмот и Му служеше на Бога со пост и молитва, дење и ноќе.
38 Во тој час пристапи и таа и почна да Го слави Господ и им прикажуваше за Него на сите што очекуваа избавување на Ерусалим.
39 И кога извршија сѐ по Законот Гос­подов, се вратија во Галилеја, во градот свој Назарет.
40 А Детето растеше и крепнеше со ду­хот, исполнувајќи се со мудрост; и благодатта Божја беше врз Него.
41 И секоја година родителите Негови одеа во Ерусалим на празникот Пасха.
42 А кога Тој беше на дванаесет години, тие отидоа во Ерусалим, според оби­чајот за празникот.
43 Но, кога се завршија празничните денови, додека се враќаа дома, детето Исус остана во Ерусалим; а Неговите родители не го забележаа тоа.
44 Мислејќи дека е Тој меѓу сопатни­ците, изминаа еден ден пат и почнаа да Го бараат меѓу роднините и познатите.
45 Па, бидејќи не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат.
46 По три дни Го најдоа во храмот ка­ко седи меѓу учителите, ги слуша и ги прашува;
47 сите што Го слушаа, беа восхитени од Неговата остроумност и од Неговите одговори!
48 Кога Го видоа, се зачудија; и Не­го­вата мајка Му рече: „Синко, зошто ни направи така? Ете, татко ти и јас се измачивме, барајќи Те.“
49 А Тој рече: „Што сте Ме барале? Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она коешто е на Мојот Татко?“
50 Но тие не ги разбраа зборовите што им ги кажа Тој.
51 И Тој слезе со нив, па дојде во На­зарет и им беше послушен. А мајка Му ги зачува сите тие настани во срцето свое.
52 Исус, пак, напредуваше во мудроста и возраста и во милост кај Бога и кај луѓето.