1Кога ги подигна очите, виде како богатите ги пуштаат своите прилози во касата на храмот.
2Виде исто така и една бедна вдовица, која пушти таму две лепти,
3па рече: „Вистина ви велам, оваа бедна вдовица од сите повеќе приложи;
4сите овие дадоа прилози на Бога од својот вишок; таа, пак, пушти од својата немаштија — сиот имот што го имаше.“
5И додека некои зборуваа за храмот, дека е украсен со убави камења и заветни дарови, Тој им рече:
6„Ќе дојде време и од сето ова што го гледате нема да остане ни камен, што не ќе биде урнат.“
7И Го прашаа, говорејќи: „Учителе, а кога ќе биде тоа и каков е знакот дека тоа почнува да се случува?“
8Тој рече: „Внимавајте да не ве прелажат! Зашто мнозина ќе дојдат под Мое име и ќе зборуваат дека сум Јас, и дека времето се приближи. Но, не одете по нив!
9А кога ќе чуете за војни и бунтови, не плашете се; сето тоа треба најнапред да се случи, но крајот нема да дојде веднаш.“
10Тогаш им рече: „Ќе се крене народ против народ и царство против царство;
11а на некои места ќе има и големи потреси, и глад и помор; ќе има страотни појави и големи знаци на небото.
12А пред сето тоа ќе стават раце на вас и ќе ве изгонат, предавајќи ве во синагогите и затворите, и ќе ве водат пред цареви и управници, заради Моето име.
13И тоа ќе ви биде вам прилика за сведоштво.
14И затоа врежете во вашите срца, да не размислувате однапред што ќе одговорите,
15зашто Јас ќе ви дадам уста и мудрост, на која не ќе можат да ѝ противречат ниту да ѝ се противстават сите ваши противници.
16Ќе бидете предадени исто така и од родители, и од браќа, и од роднини и од пријатели, а некои од вас ќе бидат и убиени;
17и ќе бидете намразени од сите, заради Моето име.
18Но, ни влакно од главата ваша нема да загине;
19со трпение ќе си ги придобиете душите.“
20„А кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, знајте дека е блиску неговото запустување.
21Тогаш, оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините; и кои се во градот, да излезат од него; а кои се по околните места, нека не влегуваат во него,
22зашто тоа е времето на одмазда, во кое ќе се исполни сѐ што е напишано.
23Но тешко на бремените и доилките во тие дни, зашто голема мака ќе има по земјата, и гнев врз овој народ;
24и ќе паднат од сечилото на мечот, и ќе бидат одведени во плен меѓу сите народи; а Ерусалим ќе го газат незнабошци, сѐ додека не се исполнат времињата на незнабошците.“
25„И ќе има знаци на сонцето, и на месечината и на ѕвездите, а на земјата — тага кај народите од неизвесноста и од бучењето на морето, и од брановите;
26луѓето, пак, ќе умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто и силите небесни ќе бидат разнишани.
27И тогаш ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на облаци, со голема сила и слава.
28А кога ќе почне тоа да станува, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето избавување.“
29И им ја кажа оваа парабола: „Погледнете ја смоквата и сите дрвја;
30кога ќе видите дека потеруваат, сами знаете дека летото е веќе близу.
31Па така, кога ќе видите дека станува ова, знајте дека се приближи царството Божјо.
32Вистина ви велам, нема да помине овој род, додека не се исполни сето тоа.
33Небото и земјата ќе поминат, но зборовите Мои нема да поминат.“
34„Само пазете се: вашите срца да не бидат натежнати од прејадување и пијанство, и тегобни грижи за овој живот, за да не ве затекне оној ден ненадејно;
35зашто тој ќе дојде како стапица за сите што живеат по целата земја;
36бидете будни во секое време и молете се, за да го избегнете сето она што треба да се случи и да застанете пред Синот Човечки!“
37Дење проповедаше Тој во храмот, а ноќе излегуваше и ноќеваше во гората наречена Маслинова.
38И сиот народ доаѓаше наутро кај Него во храмот, за да Го слуша.