Luke 14
1 Еднаш во сабота влезе кај еден од фарисејските старешини и јадеше леб; а тие Го надгледуваа.
2 Одеднаш застана пред Него еден човек болен од водена болест.
3 Исус ги запраша закониците и фарисеите, велејќи: „Дозволено ли е да се лекува во сабота?“
4 А тие молчеа. Тогаш Исус го допре, го излекува и го пушти.
5 Потоа им рече: „Кој од вас ако му падне в бунар вол или син, нема да го извади веднаш, иако е сабота?“
6 Не можеа ништо да Му одговорат на тоа.
7 А кога забележа како поканетите ги одбираат почесните места, им кажа парабола и рече:
8 „Ако те покани некој на свадба, не седнувај на почесно место, зашто, ако случајно е поканет некој со поголема чест од тебе,
9 тогаш би можел да дојде оној што ве поканил и тебе и него, па да рече: ‚Отстапи го местото на овој!‘ и тогаш, засрамен ќе седнеш на последното место.
10 Но, кога ќе бидеш поканет, оди и седни на последното место, та оној што те поканил, штом дојде, да ти каже: ‚Пријателе, премести се погоре!‘ Тогаш ќе имаш чест пред сите оние што седат заедно со тебе на трпезата.
11 Зашто, секој што се возвишува, ќе биде понизен; а тој што се понизува, ќе биде возвишен.“
12 А и на оној што го беше поканил, му рече: „Кога даваш ручек или вечера, не кани ги пријателите свои, ниту браќата свои, ни роднините свои, ниту богатите соседи, за да не те поканат и тие некогаш и да ти биде возвратено.
13 Но, кога даваш гозба, повикај ги сиромасите, куците, слепите.
14 И ќе бидеш блажен, зашто тие немаат со што да ти возвратат, и затоа ќе ти биде возвратено при воскресението на праведните.“
15 А кога го слушна тоа еден од оние што седеа со Него на трпезата, Му рече: „Блажен е оној кој ќе јаде леб во царството Божјо!“
16 А Тој му одговори: „Еден човек приготви голема вечера и покани мнозина;
17 и кога беше време за вечерата, го прати слугата свој да им каже на поканетите: ‚Дојдете, зашто веќе сѐ е подготвено!‘
18 И почнаа сите, како договорени, да откажуваат; првиот му рече: ‚Купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те молам, извини ме!‘
19 Вториот рече: ‚Купив пет ѕевгари волови и одам да ги пробам; те молам, извини ме!‘
20 Третиот рече: ‚Се оженив и затоа не можам да дојдам.‘
21 Кога се врати слугата, му го кажа тоа на својот господар. Тогаш се расрди домаќинот на куќата и му рече на својот слуга: ‚Оди бргу по плоштадите и улиците градски и донеси ги тука бедните, слабите, куците и слепите!‘
22 И рече слугата: ‚Господаре, направив како што ми заповеда и уште има место.‘
23 И му рече господарот на слугата: ‚Излези по патиштата и меѓу оградите и убеди ги да дојдат за да ми се наполни куќата!‘
24 Зашто, ви велам: никој од оние што беа повикани нема да вкуси од вечерата Моја.“
25 Со Него одеше многу народ; и Тој се заврте и им рече:
26 „Ако некој дојде кај Мене и не го намрази татка си и мајка си, жена си и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, тој не може да биде Мој ученик.
27 И, кој не го носи својот крст, и не оди по Мене, не може да биде Мој ученик.
28 Зашто, кој од вас, кој сака да соѕида кула, нема да седне најнапред за да направи сметка колку ќе чини и дали има сѐ што е потребно за нејзиното довршување?
29 Во спротивно, ако веќе ги поставил темелите, а не може да ја доврши, сите што гледаат, ќе почнат да му се смеат,
30 и да зборуваат: ‚Овој човек почна да ѕида и не може да доврши.‘
31 Или кој цар, кога тргнува во војна против друг цар, нема да седне најнапред да се посоветува, може ли со десет илјади да издржи пред оној што иде против него со дваесет илјади?
32 Ако не може, додека е другиот уште далеку, ќе прати пратеници и ќе моли за мир.
33 Така и ниеден од вас, кој нема да се откаже од сѐ што има, не може да биде Мој ученик.“
34 „Солта е добро нешто, но ако таа облутави, со што ќе се соли?
35 Ниту на земјата, ниту на ѓубрето нема да му е потребна; па затоа ја фрлаат надвор. Кој има уши да слуша, нека чуе!“