Leviticus 262006

1„Не правете ракотворни образи, ни делкани; и не издигајте столб и не поставувајте во земјата камења со знаци, за да им се поклонувате, зашто Јас сум Господ, вашиот Бог.

2Пазете ги Моите саботи и почиту­вај­те го Моето светилиште; Јас сум Гос­под.

3Ако постапувате според Моите по­велби и ги запазувате Моите наредби, и ги исполнувате,

4ќе ви давам дожд навреме, и земјата ќе го даде родот свој, и дрвјата полски ќе го дадат својот плод,

5и вршидбата ќе трае кај вас до гроздоберот, гроздоберот ќе трае до сеидбата, и ќе јадете свој леб до наситка и ќе живеете безбедно во вашата земја.

6Ќе ѝ дадам мир на земјата; ќе спиете и никој нема да ве обеспокојува; ќе ги истребам лутите ѕверови од земјата и меч нема да помине по целата ваша земја.

7Па ќе ги гоните непријателите ваши, и тие од меч ќе паднат убиени пред вас;

8петмина од вас ќе прогонуваат сто души, и сто од вас ќе прогонуваат десет илјади, и непријателите ваши ќе паднат од меч пред вас.

9Ќе погледнам благонаклоно на вас и ќе ве направам плодни, ќе ве умножам и ќе го зацврстам заветот Мој со вас.

10И ќе јадете од старото — ланското и старото ќе го исфрлите поради новото.

11Ќе го поставам живеалиштето Мое меѓу вас, и душата Моја нема да се гнаси од вас.

12Ќе се движам меѓу вас и ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете Мој народ.

13Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ве изведе од египетската земја, за да не бидете нивни робови, и ги скршив стегите на јаремот ваш и ве изведов охрабрени.

14Ако, пак, не Ме слушате и не ги исполнувате овие Мои повелби,

15и не им се покорувате, и ако душата ваша негодува од Моите закони, така што нема да ги исполнувате сите Мои заповеди, и го нарушите заветот Мој, —

16тогаш и Јас ќе постапам со вас вака — ќе ви пратам офтика и врела треска, од кои ќе ослабат очите ваши и ќе се измачува душата ваша, и ќе сеете семе залудо, зашто непријателите ваши ќе го јадат.

17Ќе го свртам лицето Мое против вас и ќе паднете пред непријателите ваши; над вас ќе владеат непријателите ваши, и ќе бегате дури и кога никој не ве гони.

18Ако и покрај сето ова не Ме послушате, седумпати ќе ја зголемам казната за гревовите ваши;

19ќе ја скршам вашата тврдоглавост, ќе го направам небото ваше како же­лезо, и земјата ваша како бакар;

20па залудо ќе се истоштува силата ваша, и земјата ваша нема да го дава својот плод, и дрвјата земни нема да ги раѓаат плодовите свои.

21Ако, пак, и потоа тргнете настрана и не сакате да Ме слушате, ќе ви нанесам седумкратни удари поради гре­во­вите ваши;

22ќе испратам против вас диви ѕве­рови, кои ќе ви ги одземат децата ваши, ќе го уништат добитокот ваш и ќе ве намалат, така што ќе се запустат патиштата ваши.

23Ако и потоа не се поправите и тргнете против Мене,

24тогаш и Јас ќе тргнам против вас со јарост и ќе ве поразам седумкратно за гревовите ваши.

25И ќе испратам против вас одмаздувачки меч за одмазда поради заветот; ако, пак, избегате по градовите ваши, ќе испратам на вас помор и ќе бидете предадени во рацете на непријателот.

26Ќе оскудевате за леб; десет жени ќе го печат лебот ваш во една печка и ќе ви даваат леб со мерка; ќе јадете и нема да се наситите.

27Ако и покрај сево ова не Ме по­слушате и тргнете против Мене,

28и Јас ќе тргнам против вас со гнев и седумкратно ќе ве казнам за гревовите ваши,

29и ќе ги јадете телата на синовите свои, и телата на ќерките ваши ќе ги јадете.

30Ќе ги разрушам жртвениците ваши, ќе ги разрушам ракотворните столбови ваши и ќе ги фрлам труповите ваши врз урнатините од идолите ваши, и душата Моја ќе се одврати од вас.

31Градовите ваши ќе ги претворам во пустина и ќе ги опустошам свети­лиш­тата ваши, и нема да примам благопријатен мирис од жртвите ваши.

32Ќе ја запустам земјата ваша, така што ќе се чудат над неа непријателите ваши, што ќе живеат во неа;

33вас, пак, ќе ве растурам меѓу народите и ќе направам да ве гонат со изва­ден меч; земјата ваша ќе биде пуста, и градовите ваши — разрушени.

34Тогаш земјата ќе надомести за свои­те саботи преку сите денови, додека биде пуста; додека вие бидете во земјата на непријателите ваши, земјата ќе си почива и ќе надомести за своите саботи;

35таа ќе почива за сето време додека биде пуста, што не почиваше за сите саботи ваши кога живеевте во неа.

36А на оние од вас што ќе останат, ќе им всадам страв во срцата во земјата на непријателите нивни, па и шумот од развеан лист ќе ги плаши; ќе бегаат како од меч, и ќе паѓаат кога и никој не ги гони.

37И ќе се сопнуваат еден од друг како да бегаат од меч, иако никој не ги прогонува; не ќе имате сила да им се противставувате на непријателите ваши;

38ќе загинете меѓу народите, и ќе ве проголта земјата на непријателите ваши;

39а другите од вас ќе истлеат поради беззаконијата свои во земјите на непријателите ваши и поради беззаконијата на татковците ваши ќе исчезнат.

40Тогаш ќе ги исповедаат беззаконијата свои и беззаконијата на татковците свои, признавајќи дека вршеа престапи против Мене и дека се дигнаа против Мене;

41поради што и Јас станав против нив и ги одведов во земјата на непријателите нивни; тогаш ќе биде пони­жено нивното необрезано срце, и тогаш ќе ја искупат својата неправедност.

42И Јас ќе си спомнам за заветот Мој со Јаков, и на заветот Мој со Исак, и на заветот Мој со Авраам, и на земјата ќе се сетам

43и земјата, напуштена од нив, ќе надомести за своите саботи, откако ќе биде испразнета од нив, и тие ќе ја добијат својата казна за беззаконијата свои, зашто ги презреа законите Мои и душата нивна се одврати од наредбите Мои.

44Но кога тие ќе бидат во земјата на непријателите свои, — Јас нема да ги презрам, и нема да се налутам на нив толку, за да ги истребам и да го раскинам Мојот завет со нив, зашто Јас сум Господ, нивниот Бог.

45Ќе се сетам, заради нив, на заветот со нивните предци, кои ги изведов од египетската земја пред очите на народите, за да им бидам Бог. Јас сум Гос­под.“

46Тоа се наредбите, заповедите и законот кои Господ ги воспостави меѓу Себе и синовите на Израел преку Мојсеј на планината Синај.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for Leviticus 26.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.