Bible

Simplify

Your Church Tech & Streamline Your Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Leviticus 25

:
Macedonian - 2006
1 И му рече уште Господ на Мојсеј, на планината Синај, ве­лејќи:
2 „Јави им на синовите на Израел и кажи им: кога ќе дојдете во земјата, што ви ја давам Јас, земјата што ви ја давам нека ја празнува саботата Гос­подова;
3 шест години засејувај ја нивата своја и шест години режи го лозјето свое и прибирај ги плодовите нивни,
4 а во седмата година е сабота за земјата нека има одмор земјата; тоа е са­бота Господова: не ја сеј нивата своја и не го режи лозјето свое.
5 Она што само ќе израсне на нивата твоја, не го жнеј, и грозјето од нере­жаните лози твои не собирај го: нека биде тоа година за починка на земјата.
6 И за време на починката на земјата тоа нека биде храна за сите вас за тебе и за твојот роб, за робинката твоја, за наемникот твој и за придојдениот, населен кај тебе;
7 а за добитокот твој и за дивите жи­вотни што се на земјата твоја, тие пло­дови нека им бидат храна.
8 И изброј седум саботни години, седумпати по седум, за да ти излезат во седумте саботни години четириесет и девет години;
9 и затрубете го со трубен глас по целата земја ваша седмиот месец, во десеттиот ден од месецот; во Денот на очистувањето затрубете со труба по целата ваша земја;
10 и осветете ја педесеттата година и објавете слобода по земјата за сите жи­тели; тоа да ви биде јубилеј; и секој да се врати на својот имот, и секој да се врати при родот свој.
11 Педесеттата година да ви биде јубилеј; во таа година не сејте и не жнејте го она што ќе израсне само од земјата, ниту да го собирате грозјето од нережаните лози,
12 зашто тоа е јубилеј: свет да биде тој за вас од нивите јадете го она што само ќе израсне.
13 Во таа јубилејна година секој нека се врати на имотот свој.
14 Ако му продаваш нешто на ближниот свој, или ако купуваш нешто од ближниот свој, не нанесувајте си неправда еден на друг;
15 ти треба да купуваш од ближниот свој според бројот на годините по јубилејот, и според бројот на годините на приходот тој треба да ти продава;
16 ако остануваат многу години, зголеми ја цената; ако остануваат малку години, намали ја цената; зашто определен број годишни жетви ти продава тој.
17 Не нанесувајте си неправда еден на друг; имај страв од твојот Бог, зашто Јас сум Господ, вашиот Бог.
18 Извршувајте ги заповедите Мои, па­зете и исполнувајте ги законите Мои, и спокојно ќе живеете на земјата;
19 и земјата ќе ги дава своите плодови, и ќе јадете до наситка и спокојно ќе живеете на неа.
20 Ако кажете: што ќе јадеме во седмата година, кога не сме посеале ниш­то, не сме собрале производи наши,
21 Јас ќе испратам благослов Мој во шестата година, и таа ќе даде плод за три години;
22 а во осмата година ќе сеете, но ќе јадете од старите производи до деветтата година; и додека не узреат плодовите нејзини, ќе јадете од старото.
23 Земјата не смее да се продава засе­когаш, зашто земјата е Моја; вие сте кај Мене придојдени и доселеници;
24 по целата земја на вашите имоти дозволувајте земјата да се откупува.
25 Ако брат ти, кој е кај тебе, осиромаши и го продаде својот имот, тогаш да дојде неговиот најблизок роднина и нека го откупи продаденото од братот негов.
26 Но, ако нема свој, кој да го откупи, но тој самиот успее и најде колку што треба за откуп,
27 тогаш да ги пресмета годините од продажбата своја и да го врати другото на оној кому му го продал, и повторно да влезе во владението свое.
28 Ако, пак, не најде колку што треба, за да врати, продаденото нека остане во рацете на купувачот сѐ до годината на јубилејот, а во јубилејната година да стане слободно и повторно да влезе во имотот свој.
29 Ако некој продаде куќа за живеење во град ограден, таа може да се откупи сѐ додека не измине годината на продажбата нејзина во текот на годината таа може да се откупи.
30 Ако, пак, не се откупи додека не измине годината од продажбата нејзина, куќата што е во градот, ограден со ѕидови, засекогаш ќе остане во рацете на купувачот и родот негов, и во годината на јубилејот нема да му се одземе.
31 А куќите по селата, околу кои нема ѕидови, треба да се сметаат за ниви; тие можат да се откупуваат, а во јубилејната година ќе се вратат.
32 А што се однесува до градовите на левитите, куќите во градовите на владението нивно, секогаш можат да ги от­купуваат левитите;
33 ако некој од левитите не ја откупи, тогаш продадената куќа во градот што е определен за левитите, ќе биде вратена во времето на јубилејната година, зашто куќите во градовите на левитите се нивно владение меѓу синовите на Из­раел.
34 И земјата околу нивните градови не смее да се продава, зашто таа е нивно вечно владение.
35 Ако братот твој осиромаши и из­немогне, поткрепи го, било тој да е туѓинец или преселеник, нека живее кај тебе.
36 Не земај му ни лихва, ни печалба, и имај страв од твојот Бог; братот твој нека живее кај тебе.
37 Не давај му пари со камата, а и храната твоја не давај му ја со добивка.
38 Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ве изведе од египетската земја за да ви ја дадам земјата хананска и да бидам ваш Бог.
39 Кога ќе осиромаши кај тебе братот твој, и ти се продаде, не товари го со ропска работа;
40 тој треба да ти биде како наемник, како преселник; нека ти работи до јубилејната година,
41 а тогаш нека си отиде откај тебе, тој самиот и децата негови со него, и нека се врати меѓу родот свој и пак да влезе во имотот на татковците свои,
42 бидејќи тие се Мои слуги, кои Јас ги изведов од египетската земја: тие не смеат да се продаваат како што се продаваат робовите.
43 Не господари над нив со жестокост и имај страв од твојот Бог.
44 Ако сакаш да имаш свој роб и своја робинка, купувајте си роб и робинка од народите што се околу вас; од нив да си земате робови и робинки.
45 Исто така и од децата на преселниците, населени меѓу вас, можете да купувате; и од нивните роднини, родени во земјата ваша, ако ги има, и тие можат да ви бидат сопственост.
46 Можете да ги предавате во наследство и на синовите ваши по вас како вечен имот; а браќата ваши, синовите израелски, не обременувајте ги со мно­гу работа.
47 Ако твојот придојден или твојот преселник се збогати, а братот твој пред него осиромаши и му се продаде на придојдениот, населен кај тебе, или на некој друг од родот на придојдените,
48 тогаш по продажбата тој може да биде откупен; некој од браќата негови треба да го откупи,
49 или братот на неговиот татко, или синот на стрикото негов треба да го откупи, или кој и да било од родот негов во племето, да го откупи, или самиот тој, ако се снајде да се откупи.
50 И да се расплати со купувачот свој, сметајќи од годините, кога се продал, па сѐ до годината на јубилејот, и да ги врати парите за кои се продал според бројот на годините, при што да се смета дека кај него бил како наемник;
51 и ако остануваат уште многу години, тогаш сразмерно на нив да го врати својот откуп во пари, за кои бил купен;
52 ако, пак, остануваат уште малку го­дини до јубилејната година, да пресмета и сразмерно на годините да плати за себе откуп.
53 Во текот на сите години тој да биде кај него како наемник, но тој не треба да биде преоптоваруван со работа пред твоите очи.
54 Ако, пак, не се откупи на тој начин, тогаш во јубилејната година да замине самиот тој и децата негови со него,
55 затоа што синовите на Израел се Мои слуги; тие се Мои слуги, кои ги изведов од египетската земја. Јас сум Господ, вашиот Бог.“