1И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
2„Кажи му на Арон и на синовите негови да постапуваат внимателно со светите приноси од синовите израелски и да не го осквернуваат Моето свето име во тоа, што Ми го посветуваат. Јас сум Господ.
3Кажи им: ако некој во целото ваше потомство во вашите родови, имајќи на себе некаква нечистотија, пристапи кон светите дарови, што синовите Израелови Му ги посветуваат на Господ, да се истреби таа душа од пред Мене. Јас сум Господ.
4Оној човек од семето Ароново, кој е лепрозен, или има гонореја, да не јаде од светите дарови сѐ додека не се исчисти, и кој се допре до нешто нечисто: до мртовец, или кому му се случи истечување на семе,
5или кој ќе се допре до некој гад, па се оскверни, или до човек од кого се оскверни од каква и да било нечистотија,
6тој што се допрел до тоа да биде нечист до вечерта и да не јаде од светите приноси, пред да го измие целото свое тело со вода;
7но, штом зајде сонцето, и биде чист, тогаш да јаде од осветените дарови, бидејќи тоа е негова храна.
8Мрша или ѕверојадина тој да не јаде, за да не се оскверни од нив. Јас сум Господ.
9Нека ги пазат заповедите Мои, за да не навлечат поради нив грев врз себе и да не умрат поради нив, ако се осквернат. Јас сум Господ, Кој ги осветува.
10Никој од друг род да не јаде од светите приноси: кој се населил кај свештеник, ни наемникот негов, не смее да јаде од светите приноси.
11Ако свештеникот си купи човек со пари, тој нека јаде од лебовите негови; исто така и домашните негови можат да јадат од неговите лебови.
12Ако свештеничка ќерка се омажи за човек од друг род, таа не смее да јаде од принесените свети дарови,
13а ако таа остане вдовица или биде разведена, а нема деца, и се врати во татковата куќа, како што била на млади години, тогаш таа може да јаде од лебовите на татко си; но никој од друг род не смее да јаде од нив.
14Кој поради незнаење јаде нешто од осветените приноси, тој дел треба да му го врати на свештеникот и да додаде кон него уште една петина од тоа.
15И да не ги осквернуваат светињите на синовите израелски, принесувани на Господ;
16и да не навлекуваат врз себе вина поради престап, со тоа што ќе јадат од нивните дарови, зашто Јас сум Господ, Кој ги осветува.“
17И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
18„Кажи им на Арон и на синовите негови и на сите синови израелски и речи им: ако некој од синовите израелски, или од придојдените меѓу народот израелски, било поради некакво ветување или од благодарност принесува жртви какви што Му се принесуваат на Господ, за сепаленица,
19за да му се прими жртвата милостиво, таа треба да биде од машки пол од стадата волови, од овците, или од козите, без недостаток;
20а сѐ што има недостаток, да не се принесува, бидејќи тоа ќе Му биде непријатно.
21И ако некој Му принесува на Господ жртва за мир, исполнувајќи завет или по своја волја, тогаш тоа треба да биде од крупниот или од ситниот добиток и да биде без недостаток, за да му биде примена; никаков недостаток не треба да има на неа.
22Животно слепо или со скршени крајници, или сакато, или краставо, или со егзема — такви не принесувајте Му на Господ и од нив не давајте на Господ жртва на жртвеникот.
23Животно од крупниот или од ситниот добиток со предолги или со претерано куси нозе можеш да принесеш како жртва по своја волја: но ако е за завет, нема да се прими.
24Животно со смачкани, згмечени, извадени или исечени тестиси не принесувај Му на Господ; во земјата ваша не правете го тоа.
25И од рацете на туѓинец не примајте такви животни за да ги принесувате како дарови на вашиот Бог, затоа што тие се повреда, имаат недостаток: тие нема да ви се примат.“
26И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
27„Кога ќе се роди теле, или јагне, или козле, да остане кај мајка си седум дена, а од осмиот ден и натаму ќе може да се принесува како дар на Господ, —
28но не колете ни крава, ниту овца, ниту коза во ист ден заедно со нивната рожба.
29Ако Му принесувате на Господ жртва од благодарност, со радост принесувајте ја.
30Таа да се изеде истиот ден; не оставајте од месото за другиот ден. Јас сум Господ.
31Пазете ги заповедите Мои и извршувајте ги. Јас сум Господ.
32Не осквернувајте го Моето свето име, за да бидам свет меѓу синовите на Израел. Јас сум Господ, Кој ве осветува,
33Кој ве изведов од египетската земја, за да бидам ваш Бог. Јас сум Господ.“