1И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
2„Кажи им на синовите израелски и објасни им за празниците Господови, во кои треба да се свикуваат свештени собранија. Ова се празниците Мои:
3во шесте денови да работите, а седмиот ден е сабота — ден за одмор, свето собрание; никаква работа да не вршите, тоа е сабота Господова во сите ваши живеалишта.
4А ова се празниците Господови, за свештени собранија, што треба да ги свикувате во нивните определени времиња:
5во првиот месец, на четиринаесеттиот ден од месецот вечерта е Пасха Господова,
6а на петнаесеттиот ден од истиот месец е Господовиот празник Бесквасници; седум дена јадете бесквасен леб;
7во првиот ден правете свето собрание; не вршете никаква работа;
8а во седумте дена принесувајте Му на Господ жртви огнени, и во седмиот ден пак правете свето собрание; не вршете никаква работа.“
9И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
10„Јави им на синовите израелски и кажи им: кога ќе дојдете во земјата, што ви ја давам, и почнете таму да жнеете жетва, првиот сноп од жетвата ваша донесете го кај свештеникот;
11тој ќе го принесе тој сноп пред Господ, за да добиете благонаклоност; на вториот ден од празникот свештеникот ќе го принесе;
12а во оној ден кога го принесувате снопот, принесете Му на Господ и жртва сепаленица — едногодишно јагне без недостаток,
13а заедно со него и лебен принос — две десетини ефа пченично брашно, измешано со масло како жртва на Господ со благопријатен мирис и со него прелив од една четвртина ин вино;
14никаков нов леб, ниту печени класје, ни сурови зрна не јадете до денот, во кој ќе принесете принос на вашиот Бог: тоа нека ви биде вечна наредба во родовите ваши по сите ваши живеалишта.
15Избројте од првиот ден по празникот, од денот во кој го принесувате снопот како вознесување — седум полни седмици,
16до првиот ден од последната седмица избројте педесет дена, и тогаш принесете Му на Господ нов лебен принос.
17Од своите домови принесувајте два леба за вознесување, кои треба да бидат месени од две десетини ефа пченично брашно со квас, испечени и принесени како првини за Господ.
18Заедно со лебовите принесете и седум јагниња без недостаток, едногодишни и од крупниот добиток едно теле и два овна; тоа нека биде жртва сепаленица за Господ, лебен принос, и прелив кон него како жртва за благопријатен мирис пред Господ.
19Принесете исто така од козјите стада еден козел — жртва за грев, и две едногодишни јагниња како жртва за мир.
20И свештеникот нека го принесе тоа со лебовите од првото жито, вознесувајќи го пред Господ, заедно со двете јагниња: тоа ќе биде светиња Господова; тоа е за свештеникот што ги принесува.
21И тој ден собирајте го народот и правете свето собрание; никаква работа не вршете во него — тоа нека ви биде вечна заповед за родовите ваши по сите ваши живеалишта.
22И кога жнеете жетва на вашата нива, не дожневајте ја нивата своја до крај, и она што ќе падне од твојата жетва не собирај го: остави го за сиромавиот и придојдениот. Јас сум Господ, вашиот Бог.“
23И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
24„Кажи им на синовите израелски и речи им: во седмиот месец, во првиот ден од месецот, одмарајте, зашто е Празник на трубите; во тој ден правете и свето собрание.
25Никаква работа не вршете во него, и принесувајте Му на Господ жртва.“
26И пак му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
27„И десеттиот ден од седмиот месец, Денот на очистувањето, нека ви биде ден за свето собрание: смирувајте ги душите ваши и принесувајте Му жртва на Господ.
28Никаква работа не вршете во тој ден, зашто тоа е ден за очистување ваше, за да се очистите пред лицето на Господ, вашиот Бог.
29А секоја душа, што не ќе го почитува тој ден, ќе биде истребена од народот свој.
30И секоја душа што ќе врши каква и да било работа во тој ден, ќе ја истребам од народот нејзин.
31Никаква работа не вршете: тоа ви е вечна наредба и за родовите ваши по сите ваши живеалишта.
32Тоа е за вас сабота — ден за починка, па затоа смирете ги душите ваши од вечерта на деветтиот ден од месецот; од едната до другата вечер празнувајте ја вашата сабота.“
33И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
34„Кажи им на синовите израелски и речи им: во петнаесеттиот ден од истиот месец, седмиот месец, е Празникот на сениците, Господов празник што трае седум дена.
35Во првиот ден правете свето собрание, никаква работа не вршете;
36седум дена принесувајте Му на Господ жртва; а во осмиот ден правете свето собрание, и тогаш принесувајте Му на Господ жртва; — тоа е оддание на празникот, и никаква работа не вршете.
37Тоа се Господовите празници, во кои треба да свикувате свети собранија, за да Му принесувате на Господ жртви: сепаленици, крвни и бескрвни жртви, како и преливи — секоја во својот ден,
38освен во саботите Господови, освен даровите ваши, заветите ваши, што ќе Му ги давате од благодарност на Господ.
39А на петнаесеттиот ден од седмиот месец, кога ги собирате плодовите на земјата, празнувајте празник Господов седум дена: првиот и осмиот ден нека ви бидат за починка.
40Во првиот ден земете плодови од убави дрвја, и гранки од палми, и гранки од широколисни дрвја како и од врби, и веселете се пред Господ, вашиот Бог седум дена.
41Празнувајте го овој празник Господов седум денови во годината: тоа е наредба за вас и за родовите ваши. Во седмиот месец празнувајте го.
42Седум дена престојувајте во колиби: секој Израелец по род треба да престојува во колиба,
43за да знаат поколенијата ваши дека Јас во колиби ги вселив синовите израелски, кога ги изведов од египетската земја. Јас сум Господ, вашиот Бог.“
44И Мојсеј им соопшти на синовите израелски за празниците Господови.