1И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
2„Кажи им го на синовите израелски ова: ако некој од синовите израелски или од придојдените, кои живеат меѓу Израелците, му принесе жртва на Молох од децата свои, да умре; народот од земјата со камења да го убие.
3И Јас ќе го свртам лицето Мое против тој човек и ќе го истребам од народот негов, затоа што му принел на Молох жртва од децата свои, за да го оскверни Моето светилиште, и да се обесчести Моето свето име.
4И ако народот од земјата ги затвори очите пред тој човек, кога ќе му принесе на Молох жртва од своите деца, и не го убие,
5тогаш Јас ќе го свртам лицето Мое против тој човек и против неговиот род, и ќе го истребам него и сите негови едномисленици, што ќе го следат во блудството негово, одејќи блудно по Молох.
6И ако некој човек тргне по оние што повикуваат мртви, и по маѓесници, за да го следат нивното блудство, Јас ќе го свртам лицето Мое против тој човек и ќе го истребам од народот негов.
7Осветувајте се и бидете свети, зашто Јас сум Господ, вашиот Бог.
8Пазете ги Моите повелби и извршувајте ги, зашто Јас сум Господ, Кој ве осветува.
9Човек, кој го навредува таткото свој или мајката своја да биде убиен; тој што го злословува таткото свој или мајката своја: виновен е.
10Ако некој изврши прељуба со мажена жена или со жената на ближниот свој; да бидат убиени и прељубодеецот и прељубодејката.
11Кој ќе легне со жената на таткото свој, тој ја открил голотијата на татко си; обајцата да бидат убиени; виновни се.
12Ако некој легне со снаата своја, и обајцата да бидат убиени, тие извршиле нечисто дело; виновни се.
13Ако некој легне со маж како со жена, и обајцата извршиле гнасно дело: да бидат убиени, виновни се.
14Ако некој се ожени со ќерка и со мајката нејзина, тоа е беззаконие: со оган да бидат изгорени и тој и тие, за да нема беззаконие меѓу вас.
15А, ако некој пристапи кај некое животно, за да се соедини со него, убиј го него и животното: тие треба да бидат убиени — виновни се.
16И жена ако пристапи до животно, да се соедини со него, да ги убиете и жената и животното — да умрат; виновни се.
17Ако некој ја земе сестрата своја, или татковата ќерка, или мајкината ќерка, и ја види голотијата нејзина, и таа ја види голотијата негова: тоа е срам; да бидат истребени од својот народ: тој ја открил голотијата на сестрата своја — затоа ќе го прими гревот свој врз себе.
18Ако некој легне со жена кога е нечиста од истечување на крв, и ја открие голотијата нејзина, истечувањето на нејзината крв, и таа го открие истечувањето на својата крв: и обајцата да бидат истребени од народот свој.
19Голотијата од мајкината сестра и голотијата од сестрата на твојот татко не откривај ја, зашто таков човек открива роднинска голотија; тие гревот свој ќе го носат врз себе.
20И ако некој легне со својата стрина, тој ја открил голотијата на својот стрико: гревот свој нека го примат врз себе — нека умрат без деца.
21Ако некој ја земе братовата жена: тоа е гнасно дело; тој ја открил голотијата на братот свој, и обајцата ќе умрат без деца.
22Запазете ги сите Мои повелби и сите Мои заповеди и извршувајте ги — и нема против вас да негодува земјата, во која ве водам да живеете во неа.
23Не постапувајте според законите на незнабошците што ќе ги изгонам пред вас; затоа што тие сето тоа го правеа и Јас негодував против нив,
24и ви реков; вие ќе ја наследите земјата нивна и вам ќе ви ја дадам во владение земјата, каде што тече мед и млеко. Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ве оддели од сите народи.
25Правете разлика меѓу чист и нечист добиток, и меѓу чиста и нечиста птица, и не осквернувајте ги душите свои со добиток и со птица и со она што лази по земјата, она што ви го одвоив како нечисто.
26Бидете свети пред Мене, затоа што Јас сум свет Господ; Јас ве одделив од сите народи за да бидете Мои.
27Маж или жена, ако извикува духови на мртви, или вража, да бидат убиени; со камења да ги убиете, виновни се.“