1И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
2„Кажи му на целото општество на синовите на Израел и речи им: бидете свети, затоа што сум свет Јас, Господ, вашиот Бог.
3Секој да ги почитува таткото свој и мајката своја и да ги запазува Моите саботи. Јас сум Господ, вашиот Бог.
4Не одете по идоли, и излеани богови не правете си. Јас сум Господ, вашиот Бог.
5Кога Му принесувате на Господ жртва за мир, принесувајте ја за да биде примена.
6Таа треба да се јаде во денот, кога ја принесувате, и вториот ден, а она што ќе остане во третиот ден, да се изгори на оган.
7Ако некој ја јаде во третиот ден, тоа е одвратно и жртвата нема да се прими.
8Оној што ќе ја јаде, ќе навлече врз себе грев, бидејќи го осквернил она што Му е свето на Господ; секој таков човек ќе биде истребен од народот свој.
9Кога ја собирате жетвата од земјата своја, не ја жнеј нивата своја докрај, и паднатите класја од жетвата своја не собирај ги.
10А и лозјето свое не собирај го до зрно, и паднатите зрна од брањето не собирај ги; остави го тоа за сиромавиот и придојдениот. Јас сум Господ, вашиот Бог.
11Не крадете, не лажете и не мамете го ближниот свој.
12Не колнете се лажно во Моето име, не осквернувајте го името на вашиот Бог; Јас сум Господ.
13Не притеснувај го и не ограбувај го ближниот свој. Надницата на наемникот твој не смее да остане кај тебе до утредента.
14Не навредувај глув човек и пред слеп не ставај ништо, од кое може да се сопне; имај страв од твојот Бог. Јас сум Господ.
15Не прави неправда кога судиш: не биди пристрасен спрема сиромавиот и не угодувај му на големецот; суди му на ближниот свој по правда.
16Не шири лага меѓу народот свој и не посегнувај врз животот на ближниот свој. Јас сум Господ.
17Во срцето свое не мрази го братот твој; изобличи го ближниот свој и нема да ти се прими за грев поради тоа.
18Да не се одмаздува раката твоја и не биди им непријател на синовите од народот твој, туку сакај го ближниот свој како самиот себе. Јас сум Господ.
19Чувајте ги Моите закони: не спарувај го добитокот свој со добиток од друг род; не сеј на нивата своја два вида семе; облека ткаена од две различни преѓи не облекувај.
20Ако некој преспие со жена, а таа е робинка, свршена за маж, но уште неоткупена, или уште не ѝ е дадена слобода, да се казнат и обајцата, но не со смрт, зашто таа не е слободна;
21тој нека донесе пред Господ крај влезот од скинијата на собранието жртва за вина: еден овен,
22и ќе го очисти свештеникот пред Господ, преку овенот за вина, за гревот што го направил, и извршениот грев ќе му биде простен.
23Кога ќе дојдете во земјата и ќе посадите какво и да било плодно дрво, сметајте ги плодовите негови за нечисти; три години неговиот плод треба да е за вас нечист и да не се јаде;
24а во четвртата година секој негов плод е свет, посветен на Господ за благодарност.
25Во петтата, пак, година, можете да ги јадете плодовите негови и да го собирате целиот негов род. Јас сум Господ, вашиот Бог.
26Не јадете ништо со крв; не вражајте и не гатајте.
27Не стрижете ја главата своја наоколу и не расипувајте го крајот од брадата своја.
28Заради умрен не правете рецки по снагата своја и не цртајте букви по телото свое. Јас сум Господ.
29Не осквернувај ја ќерката своја, со тоа што ќе ѝ дозволиш да врши блуд, за да не се најде земјата во блудство и да се исполни со разврат.
30Саботите Мои пазете ги и почитувајте го она што Ми е свето. Јас сум Господ.
31Не одете по оние што повикуваат духови на мртви, и до маѓесници не доближувајте се, и не дозволувајте да ве осквернат. Јас сум Господ, Бог ваш.
32Пред бели коси станувај, почитувај го лицето на старец и имај страв од твојот Бог. Јас сум Господ.
33Кога придојден ќе се насели во земјата ваша, не притеснувајте го;
34придојдениот меѓу вас нека ви биде исто како тукашен; сакајте го како себеси, затоа што и вие бевте придојдени во египетската земја. Јас сум Господ, Бог ваш.
35Не правете неправда кога судите, кога мерите со метар или со тегови и кога измерувате зафатнина;
36мерките ваши да ви бидат точни, теговите точни, ефата верна и хинот верен. Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ве изведе од египетската земја.
37Пазете го целиот Мој закон и сите Мои повелби, и извршувајте ги. Јас сум Господ.“