Leviticus 11
1 И им рече Господ на Мојсеј и на Арон, велејќи:
2 „Кажете им на синовите на Израел и речете им: ова се животните што ги има на земјата, кои можете да ги јадете —
3 секое животно што има раздвоени копита и длабок рез меѓу копитата, и кое прежива, тоа да го јадете.
4 Од оние што преживаат или имаат раздвоени копита, не јадете ги само овие: камилата, бидејќи таа прежива, но нема и раздвоени копита; таа е за вас нечиста.
5 И питом зајак, бидејќи прежива, но нема раздвоени копита, нечист е за вас,
6 и див зајак кој прежива, а нема раздвоени копита, нечист да биде за вас,
7 и свињата, бидејќи има раздвоени копита и длабок рез меѓу копитата, но не прежива — нечиста е таа за вас.
8 Од месото нивно да не јадете, ниту, пак, мршите нивни да ги допирате — тие се за вас нечисти.
9 А од сѐ она, пак, што е во вода ова јадете го: — сѐ што има перки и лушпи во водата, во морињата и во реките, јадете го.
10 Она, пак, што нема перки и лушпи во водата, во морињата и во реките, меѓу она што плива по вода и живее во вода, одвратно да биде за вас.
11 Тие треба да бидат за вас одвратни: од месото нивно да не јадете и од труповите нивни да се гнасите.
12 Сѐ што нема перки и лушпи во водата, тоа да ви е нечисто.
13 А меѓу птиците гнасете се од овие: орелот, грифот, галебот; одвратни да бидат за вас, не јадете ги;
14 и јастребот, и соколот од кој било вид,
15 и секаков гавран од кој било вид;
16 нојот, ластовицата, кукавицата со нивните видови;
17 бувот, корморанот и ибисот;
18 и лебедот, и чавката, и пеликанот,
19 и штркот, и чапјата и слични на нив, и пупунецот и лилјакот;
20 и сите крилести гадинки што одат на четири нозе, да ви се одвратни.
21 Но од сѐ она што има крилја и оди на четири нозе, а има и колена на нозете свои, за да скока по земјата, јадете.
22 Од нив јадете ги само овие: скакулците и сличните на нив, соламот со сите негови видови, арголата и сличните на неа, и агавата од кој било вид.
23 Сѐ друго што има крилја и оди на четири нозе одвратно да ви е; со тоа да не се осквернувате.
24 Од нив ќе станувате нечисти: секој кој ќе се допре до нивно пцовисано тело, нечист ќе биде до вечерта.
25 И секој кој ќе носи нивно пцовисано тело да ја испере својата облека и нечист ќе биде до вечерта.
26 Секое животно што има нераздвоени копита, но нема длабок рез меѓу копитата или не прежива, нечисто да биде за вас; секој кој ќе се допре до такво, нечист ќе биде.
27 И сѐ што оди на лапите свои, меѓу сите четвороножни животни, нечисто да ви е; кој ќе се допре до трупот нивни, нечист ќе биде до вечерта.
28 И кој ќе понесе труп нивни пцовисан, нека ја испере облеката своја и нечист е до вечерта; тие да ви бидат одвратни.
29 А меѓу животните што лазат по земја да ви бидат нечисти: невестулката, глушецот и желката со нејзините видови
30 и ежот и крокодилот, и гуштерот, и полжавот, и кртот.
31 Тие да ви се нечисти меѓу животните што лазат по земјата, и кој ќе се допре до нив пцовисани, нечист да е до вечерта.
32 И секој предмет на кој ќе падне нешто од нив пцовисано, ќе биде нечист, било да е сад дрвен или облека или кожа или вреќа, и секој предмет што е потребен за некоја употреба, да се стави во вода и ќе биде нечист до вечерта; потоа ќе биде чист.
33 А и секој сад земјен, во кој ќе падне нешто од тоа, и сѐ што ќе е во него, ќе биде нечисто, а садот скршете го.
34 И секое јадење што го јадете, ако на него се излее вода од таков сад, ќе биде нечисто; и секое питие што се пие во секој таков сад, ќе ви биде нечисто.
35 И сѐ на што ќе падне нешто од нивните пцовисани тела нечисто ќе е; и печката и огништето нека се растурат, зашто се нечисти, и нечисти ќе ви бидат.
36 Само изворот, бунарот, каде што се собира водата, ќе бидат чисти; но кој се допре до пцовисан труп, ќе биде нечист.
37 Ако нешто, пак, од пцовисан труп падне на семе, што се сее, тоа ќе ви биде чисто.
38 Но ако на семето се излее вода, па тогаш падне нешто од пцовисан труп на семето, тоа да ви биде нечисто.
39 И кога ќе пцовиса каков и да е добиток од оној што го јадете, ако некој се допре до неговиот труп, нечист ќе биде до вечерта.
40 А оној што ќе јаде од трупот негов, нека ја испере облеката своја и нечист ќе биде до вечерта; и кој ќе носи нивни пцовисан труп, нека ја испере облеката своја и нечист ќе биде до вечерта.
41 И секаква гадинка што лази по земјата, да ви е одвратна и да не се јаде.
42 Сѐ што се влече на мев и сѐ што оди на четири нозе или што е со многу нозе меѓу сѐ она што се влече по земјата, тоа да не го јадете, бидејќи е нечисто.
43 Не поганете ги душите ваши со ниедно од животните што лазат и не осквернувајте се од нив, за да не станете нечисти преку нив,
44 зашто Јас сум Господ, вашиот Бог, осветувајте се и бидете свети, бидејќи Јас сум свет; и немојте да ги осквернувате душите ваши со какво и да е животно што лази по земјата.
45 Бидејќи Јас сум Господ што ве изведе од земјата египетска, за да ви бидам Бог; и така — бидете свети, зашто Јас сум свет.
46 Тоа е закон за добитокот и за птиците, и за секоја жива душа што се движи во вода, и за секое животно што лази по земја,
47 за да се распознава нечистото од чистото и животните што можат да се јадат од животните што не треба да се јадат.“