Judges 9
1 Авимелех, Јеровааловиот син, отиде во Сихем кај вујковците свои, и им рече ним и на целото племе од мајчиниот род:
2 „Кажете им на сите сихемски жители: што е подобро за вас, да владеат со вас сите седумдесет синови Јероваалови или да владее со вас еден? И спомнете си дека јас сум ваша коска и ваше тело.“
3 Вујковците им ги кажаа на жителите сихемски сите тие зборови за него; и срцето на тие жители се наклони кон Авимелех, бидејќи си говореа: „Тој е наш брат.“
4 И му дадоа седумдесет шекели сребро од светилиштето на Ваал-Берит, за кои Авимелех најде безделници и скитници, кои тргнаа по него.
5 И дојде во домот на таткото свој во Офра и ги уби браќата свои, седумдесетте Јероваалови синови, врз еден камен. Остана само Јотам, најмалиот Јероваалов син, зашто се беше сокрил.
6 Тогаш се собраа сите сихемски жители и сите жители на Бет-Мило, и отидоа, па го поставија Авимелех за цар кај дабот близу до Сихем.
7 Откако му раскажаа за тоа на Јотам, тој отиде и застана на врвот од гората Гаризим и, откако го крена гласот свој, па викна и им рече: „Чујте ме, жители сихемски, и Бог ќе ве чуе!
8 Едно време тргнале дрвјата да помазаат цар кој ќе владее со нив и ѝ рекле на маслинката: ‚Стани ни цар!‘
9 Маслинката им рекла: ‚Зар да ја оставам маснотијата своја, со која се послужува Бог и луѓето, па да тргнам да скитам по дрвјата?‘
10 Тогаш дрвјата ѝ рекле на смоквата: ‚Дојди ти, да ни станеш цар!‘
11 Смоквата им одговорила: ‚Зар да си ја оставам сладоста своја и убавиот плод и да тргнам да скитам по дрвјата?‘
12 Ѝ кажале дрвјата на лозата: ‚Дојди ти, да ни станеш цар!‘
13 Лозата им рекла: ‚Зар да го оставам сокот свој што ги весели Бога и луѓето, и да тргнам да скитам по дрвјата?‘
14 Најпосле сите дрвја му рекле на трнот: ‚Дојди ти, да ни станеш цар!‘
15 Трнот им рекол на дрвјата: ‚Ако, навистина, ме поставите за цар над себеси, тогаш дојдете да си починете под сенката моја; ако не, ќе излезе оган од трнот и ќе ги изгори кедрите леванонски.‘
16 И, ете, гледате, по вистина и по правда ли постапиле кога го поставиле за цар Авимелех? И добро ли постапиле со Јероваал и домот негов, и според неговите добрини ли направиле така?
17 За вас сите војуваше татко ми, не го жалеше ни животот свој и ве спаси од рацете на Мидјаните;
18 а вие сега се кревате против домот на мојот татко и ги убивте седумдесетте синови на татко ми врз еден камен и го поставивте за цар над жителите сихемски Авимелех, синот на робинката негова, зашто е ваш брат.
19 Ако денес сте постапиле според вистината и според правдата со Јероваал и со домот негов, тогаш одете и радувајте се на Авимелех, и тој да се радува на вас;
20 ако, пак, не — нека излезе оган од Авимелех и нека ги изгори жителите на Сихем и на Бет-Мило, и нека излезе оган од жителите на Сихем и на Бет-Мило и да го изгори Авимелех!“
21 И избега Јотам, избега и отиде во Беер, и живееше таму скришно од братот свој Авимелех.
22 Авимелех, пак, царуваше над Израел три години.
23 И испрати Бог лош дух меѓу Авимелех и жителите на Сихем, и почнаа жителите сихемски да не му се покоруваат на Авимелех.
24 За да се одмазди за седумдесетте синови Јероваалови, и крвта нивна да се сврти против нивниот брат Авимелех, кој ги уби, и против жителите сихемски, кои ја поддржаа раката негова, за да го убие братот свој,
25 жителите сихемски поставија по горските врвови против него заседи, кои го ограбуваа секого што минуваше покрај нив по патот. За тоа му беше јавено на Авимелех.
26 Во Сихем пристигна и Гал, Еведовиот син, со браќата свои, и одеа во Сихем, и жителите сихемски се потпреа врз него.
27 И излегоа во полето, и го береа грозјето свое, го газеа и се веселеа, па отидоа во домот на својот бог, јадеа и пиеја, и го проколнуваа Авимелех.
28 А Гал, Еведовиот син, рече: „Кој е Авимелех и што е Сихем, та да му служиме? Не е ли тој Јероваалов син, и не е ли Зевул неговиот главен слуга? Подобро служете им на потомците од Емор, татко Сихемов, а нему зошто да му служиме?
29 Ако некој ми го дадеше тој народ во рацете мои, јас ќе го изгонев Авимелех.“ И му беше речено на Авимелех: „Зголеми ја војската своја и излегувај.“
30 Зевул, управителот на градот, ги слушна зборовите на Гал, Еведовиот син, и силно се разгневи.
31 Тој испрати тајно пратеници кај Авимелех да му кажат: „Ете, Гал, Еведовиот син, и браќата негови дојдоа во Сихем, и го бунтуваат градот против тебе;
32 затоа стани ноќеска, ти и народот што се наоѓа со тебе, и постави заседа во полето;
33 а изутрина, по изгревање на сонцето, стани и пристапи кон градот; и кога тој и народот, кој е со него, ќе излезат против тебе, тогаш прави го со нив она што раката твоја може.“
34 Авимелех стана ноќта, и сиот народ што се наоѓаше со него, и поставија во заседа кај Сихем четири дружини.
35 Гал, Еведовиот син, излезе и застана кај градските порти; а излезе и Авимелех и народот што беше со него, од заседата.
36 Гал, откако го виде народот му рече на Зевул: „Еве, народот слегува од врвот на гората.“ Зевул му одговори: „Сенките од дрвјата ти се причинуваат луѓе.“
37 Гал пак проговори и рече: „Ене, народот се спушта од височините, и една дружина доаѓа откај патот на дубравата Меоним.“
38 И му рече Зевул: „Каде ти е устата, која велеше: ‚кој е Авимелех, та да му служиме?‘ Ова е народ што ти го презираше; излегувај сега и бори се со него.“
39 И тргна Гал пред жителите сихемски и се судри со Авимелех.
40 Но Авимелех се спушти по него, и тој избега од него; а паднаа многу убиени до самите градски порти.
41 И Авимелех остана во Арума, а Зевул го избрка Гал и браќата негови, за да не живее во Сихем.
42 На другиот ден народот излезе во полето, и му јавија за тоа на Авимелех.
43 Тој го зеде народот свој и го раздели на три дружини и ги постави во заседа по полето. И, откако виде дека народот излезе од градот, се крена против нив и ги уби.
44 Додека Авимелех и дружините што беа со него, пристапија и застанаа кај градските порти, другите две дружини ги нападнаа сите што беа во полето, и ги испотепаа.
45 И Авимелех водеше борба со градот, целиот тој ден; го презеде градот, ги уби жителите што беа во него, го разруши градот и го посипа со сол.
46 Откако го слушнаа тоа сите жители на Мигдал-Сихем, влегоа во скривницата на храмот на Ваал-Берит.
47 Му јавија на Авимелех дека таму се собрале сите жители на Мигдал-Сихем.
48 Тогаш Авимелех отиде на гората Селмун, со сета војска, која беше со него, и зеде Авимелех секира со себеси, отсече гранка од дрвјата, ја стави на рамото свое и ѝ рече на војската што беше со него: „Вие видовте што направив; поскоро направете го и вие она што го направив јас.“
49 И секој од војската пресече гранка, па тргнаа по Авимелех, ги натрупаа гранките околу скривницата и запалија оган со нив, и изгинаа сите жители на Мигдал-Сихем, околу илјада души мажи и жени.
50 Потоа Авимелех отиде во Тевец, го опсади и го презеде.
51 Среде градот имаше цврста кула; таму избегаа сите мажи и жени и сите градски жители, се затворија и се качија на покривот од кулата.
52 Авимелех дојде до кулата, удри на неа и се приближи до вратата од кулата за да ја изгори со оган.
53 Тогаш една жена фрли парче од воденичен камен врз главата на Авимелех и му го скрши черепот.
54 Авимелех веднаш го повика слугата, оруженосецот свој, и му рече: „Извади го мечот свој и убиј ме за да не се рече за мене: го уби жена.“ И слугата го прободе и тој умре.
55 Израелците, откако видоа дека Авимелех умре, се разотидоа секој во своето место.
56 Така му врати Бог на Авимелех за злочинот што го направи против својот татко, убивајќи ги седумдесетте свои браќа.
57 И сите злодела на сихемските жители Бог ги сврте против главите нивни; и ги стигна клетва од Јотам, синот на Јероваал.