Bible

Simplify

Your Church Tech & Streamline Your Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Judges 8

:
Macedonian - 2006
1 И му рекоа Ефремците: „Зошто направи така, та не нѐ повика, кога замина да војуваш против Мидјаните?“ И многу се караа со него.
2 Гедеон им одговори: „Па што, направив така како што и вие? Нели се пабирките на Ефрем подобри од гроздоберот на Авиезер?
3 Во ваши раце Бог ги предаде мидјанските кнезови Орев и Зев, и како можев јас да сторам такво нешто, во споредба со вас?“ Тогаш нивниот гнев спрема него се смири штом тој им ги кажа тие зборови.
4 А кога дојде Гедеон кај Јордан, го премина тој и тристоте мажи што беа со него. Тие беа уморни поради гонењето на непријателот.
5 И им рече тој на жителите на Сукот: „Дајте им леб на овие мажи што се со мене, зашто се гладни; јас ги гонам мидјанските цареви Зевеја и Салмана.“
6 Сукотските началници рекоа: „Зар раката на Зевеја и Салмана е веќе во твои раце, та да ѝ даваме леб на војската твоја?“
7 Гедеон одговори: „Не така, туку кога Господ ќе ги предаде Зевеја и Салмана во рацете мои, јас ќе ги уништам телата ваши со трње од пустината и со боцки.“
8 Оттука отиде во Пениел и им го рече истото на неговите жители, и пенуелските жители му одговорија, како што одговорија жителите на Сукот.
9 Тој им кажа и на пенуелските жители: „Кога ќе се вратам во мир, ќе ја растурам таа кула.“
10 А Зевеја и Салмана беа во Каркор и војските нивни со нив до петнаесет илјади, сѐ што беше останало од сета војска на жителите од исток; а паднаа сто и дваесет илјади мажи мечоносци.
11 И тргна Гедеон по патот на номадите, на исток од Новах и Јогбеха и ја разби војската додека таа стоеше безгрижно.
12 Зевеја и Салмана избегаа; тој се спушти по нив и ги фати двајцата цареви Зевеја и Салмана, и го доведе во збрка целиот логор.
13 Тогаш Гедеон, синот на Јоас, се врати од војната преку преминот Херес.
14 И фати едно момче од жителите на Сукот и го распраша; и тој му ги напиша имињата на началниците и старешините сукотски седумдесет и седум мажи.
15 Потоа дојде кај жителите сукотски и рече: „Еве ги Зевеја и Салмана, за кои ми се потсмевавте, велејќи: ‚Зар раката на Зевеја и Салмана е веќе во твои раце, та да им даваме леб на твоите изморени дуѓе?‘“
16 И ги зеде градските старешини и зеде трње од пустината и боцки, па ги казни со нив жителите на Сукот.
17 И ја сруши кулата на Пениел и ги уби жителите на градот.
18 И им рече на Зевеја и на Салмана: „Какви беа оние што ги убивте на Тавор?“ Тие одговорија: „Беа како тебе секој прилегаше на царски син.“
19 Гедеон рече: „Тие беа мои браќа, синови на мајка ми! Господ нека ми е сведок: да бевте ги оставиле живи, не би ве убил ни јас.“
20 И му рече на Јетер, својот првороден син: „Стани, убиј ги!“ Но момчето не го извади мечот свој; се плашеше, бидејќи беше уште млад.
21 Тогаш Зевеја и Салмана рекоа: „Стани сам и убиј нѐ, зашто според човекот е и силата негова.“ И стана Гедеон, и ги уби Зевеја и Салмана, и ги зеде веришките што беа околу вратовите на камилите нивни.
22 И му рекоа Израелците на Гедеон: „Владеј со нас ти и син ти и внук ти, бидејќи ти нѐ спаси од рацете на Мидјаните.“
23 Гедеон им одговори: „Ниту јас ќе владеам со вас, ниту мојот син ќе владее со вас; Господ нека владее со вас.“
24 И им рече уште Гедеон: „Ве молам за едно, дајте ми секој по една обетка од пленот свој. Зашто непријателите, бидејќи беа Јишмаелци, носеа златни обетки.“
25 Тие одговорија: „Ќе дадеме.“ И послаа една облека и фрлаше таму секој по една обетка од пленот свој.
26 Златните обетки што тој ги побара, тежеа илјада и седумстотини шекели, без веришките, копчињата и пурпурните одежди што ги носеа мидјанските цареви, и без златните веришки што беа на вратовите од камилите нивни.
27 Од тоа Гедеон направи ефод и го стави во својот град, во Офра; и почнаа сите Израелци блудно да одат таму, по ефодот, кој беше замка за Гедеон и целиот дом негов.
28 Така се смирија Мидјаните пред синовите Израелови и повеќе не кренаа глава, и земјата беше спокојна чети­риесет години во деновите на Гедеон.
29 Тогаш Јероваал, синот на Јоас, отиде да живее во својот дом.
30 Гедеон имаше седумдесет сина, произлезени од бедрата негови, бидејќи имаше многу жени.
31 А и наложницата негова, која жи­вееше во Сихем, му роди син, и нему му даде име Авимелех.
32 И умре Гедеон, синот Јоасов, во длабока старост, и беше погребан во гробот на таткото свој, Јоас, во Офра Авиезерова.
33 Откако умре Гедеон, Израеловите синови пак почнаа да живеат во безбожие и да им се поклонуваат на Вааловци, поставувајќи го за свој бог Ваал-Берит.
34 Израеловите синови не се сетија на Господ, својот Бог, Кој ги спасуваше од рацете на сите околни непријатели,
35 и кон домот на Јероваал, односно на Гедеон, не покажаа благодарност за сите добрини што му ги направи тој на Израел.