Judges 2
1 Дојде ангел Господов од Гилгал во Бохим и рече: „Јас ве изведов од Египет и ве воведов во земјата, за која им се заколнав на татковците ваши; и реков: — нема да го нарушам Мојот завет со вас никогаш;
2 вие, пак, не влегувајте во сојуз со жителите на оваа земја; на боговите нивни не им се поклонувајте, идолите нивни скршете ги, жртвениците нивни урнете ги. Но вие не го послушавте гласот Мој. Зошто постапивте така?
3 Затоа велам: нема да ги истерам од вас, и тие ќе бидат трње за вас, а боговите нивни ќе ви бидат соблазна.“
4 Кога ангелот Господов ги кажа тие зборови пред сите синови Израелови, народот крена голем пискот и заплака.
5 Поради тоа и го нарекуваат тоа место Бохим. Таму тие Му принесоа жртва на Господ.
6 Откако Исус го распушти народот, синовите Израелови заминаа секој во својот дел за да добие во наследство земја.
7 Народот Му служеше на Господ во текот на сите денови на Исус и во текот на сите денови на старешините, кои го надживеаја Исус, и кои го беа виделе сето големо дело на Господ што Тој го направи за Израел.
8 А кога умре Исус, синот Навинов, слуга Господов, на сто и десет години,
9 го погребаа во пределите на неговиот дел што го наследи во Тимнат-Херес, во Ефремовата Гора, на север од планината Гааш;
10 и кога целото поколение им се придружи на своите предци, и настана по нив друг род, кој не Го знаеше Господа и делата Негови, какви што му беше направил на Израел, —
11 тогаш Израеловите синови почнаа да прават зло пред Господ и да му служат на Ваал;
12 Го оставија Господа, Бог на татковците нивни, Кој ги беше извел од земјата египетска, и се свртеа кон други богови, кон боговите на тамошните места, и почнаа да им се поклонуваат, и Го разгневија Господа;
13 Го оставија Господа и почнаа да им служат на Вааловци и на разни Астарти.
14 Тогаш Господ силно се разгневи против Израелците и ги предаде во рацете на грабачи, кои ги ограбуваа; и ги предаде во рацете на околните народи, и не можеа повеќе да одолеат пред непријателите свои.
15 Насекаде, каде и да отидеа тие, раката Господова беше против нив на зло, како што им беше говорел Господ и како што им се беше заколнал Господ. И тие беа на голема мака.
16 Тогаш Господ постави судии, кои ги спасуваа од рацете на оние што ги пленеа.
17 Но тие и нив не ги слушаа, туку блудствуваа со други богови и ним им се поклонуваа, а потоа скршнаа од патот, по кој одеа нивните предци, кои им се покоруваа на заповедите од Господ. Тие не правеа така.
18 Но кога Господ им поставуваше судии, Сам Господ беше со судијата и ги спасуваше од непријателите нивни во текот на целиот век на судијата, зашто Господ ги сожалуваше, слушајќи ги офкањата нивни од оние што ги угнетуваа и потискаа.
19 Но штом ќе умреше судијата, тие одново почнуваа да живеат во уште поголем разврат од своите предци, одејќи по други богови, да им служат и да им се поклонуваат. И не отстапуваа од делата свои жестоки и од лошиот пат свој.
20 Тогаш Господ силно се разгневи против Израел и рече: „Поради тоа што овој народ отстапи од заветот Мој што го поставив со нивните предци, и не го послушаа гласот Мој,
21 ни Јас нема повеќе да протерувам пред нив ниеден од народите што ги остави Исус, кога умираше,
22 за да го испитам Израел; ќе почнат ли да се држат до патот Господов и да одат по него, како што се држеа татковците нивни, или не?“
23 И Господ ги остави тие народи и не ги протера веднаш и не ги предаде во рацете на Исус.