Judges 3
1 А ова се народите, кои Господ ги остави за да ги искушува со нив синовите на Израел, сите оние кои не знаеја за сите битки ханански.
2 Само за да знаат и да се научат на војување подоцнежните поколенија на Израел, кои порано не знаеја за војна:
3 пет филистејски војводства, сите Хананци, Сидонци и Евејци, кои живееја на планината Ливан од планината Ваал-Ермон до Емат.
4 Тие беа оставени за да биде преку нив искушуван Израел, и да се дознае, дали се покоруваат на заповедите Господови, кои Тој ги беше заповедал на нивните предци преку Мојсеј.
5 И живееја Израеловите синови меѓу Хананците, Хитијците, Аморејците, Перизијците, Евејците и Јевусијците,
6 и ги земаа ќерките нивни за жени, и им ги даваа ќерките свои на синовите нивни, и им служеа на нивните богови.
7 Синовите Израелови извршија зло пред очите на Господ, и Го заборавија својот Господ Бог, и им служеа на Вааловци и на Ашери.
8 Тогаш Господ се разгневи силно против Израел, и ги предаде во рацете на Кушан-Ришатаим, царот на Горни Арам, и синовите Израелови му робуваа на Кушан-Ришатаим осум години.
9 Потоа синовите Израелови повикаа кон Господ, и Тој подигна за синовите Израелови спасител — Кеназовиот син Готониил, помалиот брат на Халев.
10 Врз него беше Духот Господов, и тој беше судија на Израел. Тој објави војна против Кушан-Ришатаим, и Господ го предаде во рацете негови арамејскиот цар Кушан-Ришатаим и раката негова се зацврсти над Кушан-Ришатаим.
11 И земјата беше спокојна четириесет години, Потоа умре Готониил, синот на Кеназ.
12 Синовите Израелови почнаа пак да прават зло пред Господ, и Господ му даде сила на моавскиот цар Еглон против Израел, поради тоа што тие правеа зло пред Господ.
13 Тој ги собра кај себе синовите Амонови и Амаликови, па тргна и го собори Израел, и го завладеа градот на палмите.
14 И синовите Израелови му робуваа на моавскиот цар Еглон осумнаесет години.
15 Тогаш синовите Израелови пак повикаа кон Господ, и Господ им го избра за спасител Аод, синот на Гера, од Венијаминовото племе, кој беше левак. И синовите Израелови испратија по него дарови до моавскиот цар Еглон.
16 Аод си направи меч со две сечила, долг еден лакот, и го препаша под облеката своја на десното бедро,
17 и однесе дарови на моавскиот цар Еглон, а Еглон беше многу дебел човек.
18 Кога Аод ги принесе сите дарови и ги испрати луѓето што ги донесоа даровите,
19 сам се врати откај идолите што се во Гилгал, и рече: „Царе, имам тајна порака за тебе.“ Тој рече: „Потивко!“ И излегоа сите што стоеја покрај него.
20 Аод влезе кај него: тој седеше сам во летната горна соба. Тогаш Аод рече: „Имам Божја порака за тебе.“ Еглон стана од престолот.
21 Тогаш Аод ја подаде својата лева рака, и го зеде мечот од десното бедро и го заби во неговиот стомак,
22 така што сечилото влезе заедно со дршката, а салото го покри сечилото; бидејќи Аод не можеше да го извади мечот, од неговиот мев излегуваше нечистотија.
23 Аод потоа излезе од собата, ја затвори вратата и ја заклучи.
24 Откако излезе, слугите на Еглон дојдоа и видоа: ете, вратата на собата е заклучена, и си рекоа: сигурно тој е отиден по потреба до летната соба.
25 Чекаа доста долго, но откако видоа дека никој не ја отвора вратата од собата, зедоа клуч и отклучија, а таму нивниот господар лежи на земјата мртов.
26 Додека се чудеа, Аод избега, мина покрај идолите и се засолни во Сеира.
27 А штом пристигна Аод затруби со труба во Ефремовата Планина, и слегоа со него синовите Израелови од гората, и тој тргна пред нив.
28 И им рече: „Одете по мене, зашто Господ ги предаде непријателите ваши, Моавците, во ваши раце.“ И тргнаа по него, ги презедоа моавските премини на Јордан, и не пуштија никој да премине.
29 Тогаш убија околу десет илјади Моавци, сѐ здрави и силни, и никој не избега.
30 Така се смирија во оној ден Моавците пред Израел, и земјата беше спокојна осумдесет години.
31 По него дојде Самегар, син Анатов, кој уби шестотини Филистејци со воловски остен; и тој исто така го избави Израел.