Judges 12006

1По смртта на Исус, синовите на Израел Го прашаа Господа, ве­лејќи: „Кој од нас прв ќе тргне против Хананците — да војува против нив?“

2Господ одговори: „Јуда ќе тргне; ете, Јас ја предавам земјата во негови раце.“

3Јуда, пак, му кажа на братот свој Симеон: „Дојди со мене во мојот дел за да војуваме против Хананците; а потоа јас ќе влезам со тебе во твојот дел.“ И Симеон отиде со него.

4Тогаш Јуда тргна, и ги предаде Гос­под Хананците и Перизијците во рацете нивни, и тие убија од нив во Безек десет илјади души.

5Во Безек наидоа на Адони-Везек, започнаа битка со него и ги разбија Хананците и Перизијците.

6Адони-Везек избега, но тие се спуштија, тргнаа по него, го фатија и му ги исекоа палците на рацете негови и на нозете негови.

7Тогаш Адони-Везек рече: „Седум­де­сет цареви со пресечени палци на рацете и нозете собираа трошки под трпезата моја; како што правев јас, така ми воздаде Бог.“ И го доведоа во Ерусалим, каде што и умре.

8И војуваа Јудините синови против Ерусалим, го презедоа и го поразија со меч и градот го изгореа со оган.

9Потоа Јудините синови тргнаа да војуваат против Хананците, кои живееја во планинската земја, во јужната област и во рамнината.

10И тргна Јуда против Хананците, кои живееја во Хеврон, (порано Хеврон се нарекуваше Кирјат-Арба), и ги разбија Шешај, Ахиман и Талмај.

11Оттука тргнаа против жителите на Давир; порано Давир се викаше Кир­јат-Сефер.

12Тогаш Халев рече: „Кој ќе го на­падне Кирјат-Сефер и ќе го преземе, ќе му ја дадам ќерката своја Ахса за же­на.“

13Го презеде Готониил, синот на Ке­наз, помладиот брат на Халев; и тој му ја даде ќерката своја Ахса за жена.

14Пред да замине таа, Готониил ја подучи да бара од татко си земја, и таа слезе од магарето. Халев ја праша: „Што бараш?“

15А таа му рече: „Дај ми благослов; ти ми даде сува земја, дај ми и водни извори.“ И ѝ ги даде Халев горните из­вори и долните извори.

16Кенијците, пак, кои водат потекло од Мојсеевиот тест, појдоа од градот на палмите со Јудините синови во Јуди­ната пустина, која е на југ од Арад. И дојдоа и се населија меѓу народот.

17Потоа тргна Јуда со својот брат Симеон и ги совладаа Хананците, кои живееја во Цефат, го проколнаа градот со проклетство и го нарекоа тој град Хорма.

18Јуда исто така ги презеде Газа со нејзината околина, Ашкелон и неговата околина, и Екрон и неговата околина,

19Господ беше со Јуда, и тој ја доби во наследство планината; но не можеше да ги истера жителите на долината, бидејќи тие имаа железни двоколки.

20А на Халев му го предадоа Хеврон, како што беше рекол Мојсеј, и ги ис­тера оттаму трите сина на Анак.

21Но Венијаминовите синови не ги истераа Јевусијците, кои живееја во Ерусалим; Јевусијците живеат со потомците на Венијамин во Ерусалим и до ден-денес.

22И синовите Јосифови исто така тргнаа против Ветил, и Господ беше со нив.

23Јосифовите синови го разгледаа Ве­тил, а порано градот се нарекуваше Луз.

24И стражарите видоа еден човек, кој доаѓаше од градот и му рекоа: „Покажи ни го влезот во градот, и ќе покажеме милост кон тебе.“

25Тој им го покажа влезот во градот, и тие го совладаа градот со сечилото на мечот, а тој човек и сите негови роднини ги пуштија.

26Тој човек отиде во земјата на Хитијците и изгради град и го нарече со името Луз. Тоа му е името и до ден-денес.

27И Манасија не ги избрка жителите на Бет-Шан и неговите села, ниту жителите на Таанах и неговите села, ниту жителите на Дор и неговите села, ниту жителите на Јивлеам и неговите села, ниту пак на Мегидо и неговите села. Но, Хананците и понатаму ос­танаа да живеат во оваа земја.

28Кога Израел стана силен, им наметна данок на Хананците, но не ги избрка.

29И Ефрем не ги истера Хананците кои живееја во Гезер; и Хананците жи­вееја меѓу нив во Гезер.

30И Завулон не ги избрка жителите на Китрон, ниту жителите на Нахалол, и Хананците живееја меѓу нив и им плаќаа данок.

31И Асир не ги избрка жителите на Ако, и ни жителите на Сидон и Ахлав, ни од Ахзив, Хелба, Афик ниту, пак, од Рехов.

32Се насели Асир меѓу Хананците, жителите на таа земја, бидејќи не мо­жеше да ги избрка.

33И Нефталим не ги избрка жите­лите на Ветсамис како ни жителите на Бет-Анат и живееше меѓу Хананците, жителите на таа земја; а жителите на Ветсамис и на Бет-Анат беа негови поданици.

34Аморејците ги потиснаа синовите Данови во горите, бидејќи не им даваа да слезат во долината.

35И Аморејците останаа да живеат во Хар-Херес, во Ајалон и Шаалевим; но раката на Јосифовиот дом ги присили и тие им станаа поданици.

36Пределите на Аморејците се протегаа од угорнината Акравим, од Карпата сѐ угоре.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for Judges 1.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.