Joshua 92006

1Откако слушнаа за тоа царевите, кои беа од оваа страна на Јордан, по планината и рамнината и по целиот брег на Големото Море, па сѐ до Ливан, — Хитијците, Аморејците, Хананците, Перизијците, Евејците и Јевусијците,

2се собраа сите, за да удрат заедно против Исус и Израел.

3Но жителите Гаваонски, откако чуја, што му направил Господ на Ери­хон и на Гај,

4употребија и тие итрина; отидоа и се снабдија со храна за пат и ставија ветви вреќи на магарињата свои и ветви, испокинати и закрпени мевови за вино;

5и обувките на нозете им беа стари, закрпени, и облеката нивна — ветва; и сиот леб нивни за пат беше сув и мувлосан.

6Тие дојдоа кај Исус во логорот во Гилгал и му рекоа нему и на сите Израелци: „Ние сме дојдени од многу далечна земја и ве молиме да склучите со нас сојуз.“

7А Израелците им одговорија на Евејците: „Вие, можеби, живеете близу до нас; како ќе склучиме сојуз со вас?“

8Тие му рекоа на Исус: „Ние сме твои робови.“ А Исус ги праша: „Кои сте вие и од каде сте дошле?“

9Тие му одговорија: „Од многу да­лечна земја се дојдени твоите робови во името на Господ, твојот Бог, зашто ја чувме славата Негова и за сѐ што извршил Тој во Египет,

10и за сѐ она, што им направи на двај­цата аморејски цареви, кои беа од онаа страна на Јордан, на хешбонскиот цар Сихон и на башанскиот цар Ог, кој живееше во Аштарот.

11Затоа старешините наши и сите жи­тели на нашата земја ни рекоа: земете во рацете свои леб за пат, одете им во пресрет и кажете им: Ние сме ваши робови; па, ако сакате, склучете сојуз со нас.

12Овој наш леб го зедовме од куќите наши топол во денот, кога тргнавме кон вас, а сега ете, тој се исушил и мувло­сал;

13и овие мевови со вино, кои кога ги наполнивме беа нови, ете се испокинаа; и овие наши облеки и обувките изветвеа поради многу долгиот пат.“

14И родоначалниците го зедоа нив­ниот леб, а Господа не Го прашаа.

15Тогаш Исус склучи со нив мир и даде завет дека ќе им го зачува животот; и родоначалниците на заедницата им се заколнаа.

16А по три дена, откако склучија со нив сојуз, слушнаа дека тие биле нивни соседи и дека живеат близу до нив;

17зашто синовите Израелови кога тргнаа на пат, дојдоа до градовите нивни на третиот ден; градовите нивни, пак, беа: Гаваон, Кефира, Беерот и Кирјат-Јарим.

18Но синовите Израелови не ги погубија, зашто сите кнезови народни им се заколнаа во Господ, Израеловиот Бог. Затоа целата заедница Израелова негодуваше поради родоначалниците.

19Сите родоначалници рекоа пред целата заедница: „Им се заколнавме во Господ, Израеловиот Бог, и затоа не смееме да ги допреме нив;

20а, еве, што ќе направиме со нив: ќе ги оставиме живи, за да не нѐ стигне гневот поради заклетвата, со која им се заколнавме.“

21И на родоначалниците уште им рекоа: „Нека живеат, но ќе сечат дрва и ќе носат вода за целата заедница.“ И целиот народ го прифати тоа што му рекоа родоначалниците.

22Исус ги повика и им рече: „Зошто нѐ измамивте, кога рековте: ‚ние сме многу далеку од вас, а вие сте живееле блиску до нас?‘

23Отсега да сте проклети! Вечно ќе бидете робови, ќе сечете дрва и ќе носите вода за домот на мојот Бог!“

24Тие му одговорија на Исус и рекоа: „Дојде до ушите на твоите робови дека Господ, твојот Бог, му заповедал на својот слуга Мојсеј дека ќе ви ја даде целата земја, и дека ќе ги погуби сите жи­тели на оваа земја пред ваши очи; затоа ние многу се уплашивме да не ни го земете животот, па така постапивме;

25сега, ете, ние сме во твои раце: како ти се чини дека е подобро и поспра­вед­ливо да постапиш со нас, така и напра­ви.“

26И Исус така и постапи со нив: ги избави од рацете на синовите Изра­елови, и тие не ги погубија.

27И во тој ден Исус нареди тие да сечат дрва и да носат вода за заедницата и за жртвеникот на Господ дури и до денес, на она место, што ќе го избере Господ.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for Joshua 9.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.