Joshua 10
1 Кога ерусалимскиот цар Адони-Седек слушна дека Исус го презел Гај и го фрлил во проклетство, и дека постапил со Гај и со царот негов така, како што постапил со Ерихон и царот негов, и дека Гаваонците склучиле мир и со Израел и живееја меѓу нив,
2 тој многу се уплаши, бидејќи Гаваон беше голем град, како еден од царските градови, и поголем од Гај, и сите жители негови беа храбри луѓе.
3 Поради тоа ерусалимскиот цар Адони-Седек испрати пратеници кај хевронскиот цар Хомам, и кај Пирам, царот јармутски, и кај Јафија, царот лахишки, и кај Давир, царот еглонски, да им кажат:
4 „Дојдете кај мене и помогнете ми да го нападнеме Гаваон, затоа што склучи мир со Исус и со синовите Израелови.“
5 Тие се собраа и отидоа петмина аморејски цареви: ерусалимскиот цар, хевронскиот цар, јармутскиот цар, лахишкиот цар, еглонскиот цар, тие и целиот нивен народ, и го опседнаа Гаваон и почнаа да војуваат против него.
6 Гаваонците испратија до Исус во логорот во Гилгал, да кажат: „Не кревај раце од твоите слуги; дојди поскоро кај нас, избави нѐ и помогни ни; зашто против нас се собрани сите аморејски цареви, што живеат во планините.“
7 Исус тргна од Гилгал, тој и со него сите способни за војна, и сите храбри мажи.
8 Тогаш Господ му рече на Исус: „Не плаши се од нив, зашто Јас ги предадов во твои раце: никој од нив нема да остане пред тебе.“
9 И ги нападна Исус ненадејно, откако целата ноќ беше одел од Гилгал.
10 Господ ги доведе во забуна од Израелците, и тие им зададоа тежок удар во Гаваон, ги гонеа по патот кон Веторон и ги напаѓаа сѐ до Азека и до Македа.
11 А кога бегаа од Израелците по падините на Веторонската планина, Господ фрлаше врз нив од небото големи камења до самиот град Азека, и тие гинеа: бројот на погинатите од камењата беше поголем, отколку на оние, што синовите Израелови ги убија со меч во борбата.
12 Тогаш Исус Му рече на Господ пред Израелците во оној ден, во кој Господ Бог ги предаде Аморејците во рацете на Израел: „Запри се, сонце, над Гаваон, и ти, месечино, над долината Ајалон!“
13 И сонцето застана, и месечината стоеше, додека Бог им се одмаздуваше на нивните непријатели, како што е тоа запишано во Книгата на Праведниот: „Сонцето застана на небото и не брзаше да зајде скоро цел ден.“
14 Ни порано ни подоцна немало таков ден како оној, во кој Господ така послушал човечки глас. Зашто Господ војуваше за Израел.
15 Потоа Исус и целиот Израел со него се вратија во логорот во Гилгал.
16 А оние петмина цареви избегаа и се сокрија во пештерата во Македа.
17 Кога му јавија на Исус и му рекоа: „Ги најдовме петмината цареви, тие се кријат во пештерата во Македа“,
18 Исус рече: „Навалете големи камења пред влезот на пештерата и поставете кај неа луѓе да ги чуваат;
19 а вие не се задржувајте, туку гонете ги непријателите ваши, достигнете ги последните редови од нивната војска и не им дозволувајте да отидат по нивните градови, бидејќи Господ, вашиот Бог, ги предаде во вашите раце.“
20 Откако Исус и синовите Израелови им зададоа многу тежок удар, преживеаните од нив избегаа во утврдените градови,
21 целиот народ се врати мирно во логорот кај Исус во Македа, и никој не отвори уста против синовите Израелови.
22 Тогаш Исус рече: „Отворете го влезот на пештерата и доведете ги кај мене од пештерата петмината цареви!“
23 Така и направија: ги доведоа кај него од пештерата петмината цареви: ерусалимскиот цар, хевронскиот цар, јармутскиот цар, лахишкиот цар и еглонскиот цар.
24 Кога ги изведоа овие цареви пред Исус, Исус ги повика сите Израелци и им кажа на воените началници, што беа оделе со него: „Приближете се, стапнете со нозете свои врз вратовите на тие цареви!“
25 Исус им рече: „Не плашете се и не се ужасувајте, бидете цврсти и храбри; зашто така ќе постапи Господ со сите ваши непријатели, со кои ќе војувате.“
26 Потоа Исус ги уби, и ги обеси на пет дрвја; и висеа на дрвјата до вечерта.
27 На зајдисонце Исус заповеда, и ги симнаа од дрвјата, ги фрлија во пештерата, во која се криеја, и на влезот од пештерата натрупаа големи камења, кои се и денес таму.
28 Во истиот ден го презедоа Македа и го уништија со сечилото на мечот царот негов, и сѐ живо, што се наоѓаше во него: не оставија никој, а да не биде погоден; и со македскиот цар постапија така, како што постапија со ерихонскиот цар.
29 Потоа тргна Исус и сите Израелци со него од Македа за Ливна и војуваше против Ливна.
30 И ја предаде Господ и неа во рацете на Израел и ја презедоа неа и царот нејзин, и уништи Исус со меч сѐ живо, што се наоѓаше во неа; не остави во неа некој да не биде погоден, а со царот постапи така, како што постапи со ерихонскиот цар.
31 Од Ливна тргна Исус и сите Израелци со него за Лакиш, постави логор пред него и почна да војува против него;
32 и го предаде Господ Лакиш во рацете на Израел, и тој го презеде во вториот ден, удри по него со сечилото на мечот и по сѐ живо, што беше во него, и го уништи така, како што ја уништи Ливна.
33 Тогаш на помош на Лакиш му дојде гезерскиот цар Хорам; но Исус удри по него со сечилото на мечот и по неговиот народ така, што не остави од народот некој, да избега.
34 И тргна Исус и сите Израелци со него од Лакиш за Еглон, постави логор пред него и почна да војува против него;
35 и го презедоа во истиот ден и удрија по него со сечилото на мечот, и со сѐ живо, што се наоѓаше во него во тој ден, постапи така, како што постапи со Лакиш.
36 Потоа појде Исус и сите Израелци со него од Еглон за Хеврон, го опседнаа,
37 го презеде и удри по него со сечилото на мечот и по царот негов, по сите градови негови и по сѐ живо што се наоѓаше во нив; не остави некој, што не беше убиен; како што постапи со Еглон, така го нападна и него и сѐ живо, што се наоѓаше во него.
38 Потоа се врати Исус и целиот Израел со него во Давир и го опседна;
39 го презедоа него, царот негов и сите села негови, и го удрија со сечилото на мечот, и истребија сѐ живо, што се наоѓаше во него: никого не остави жив; како што постапи со Хеврон и неговиот цар, со Ливна и нејзиниот цар, така постапи и со Давир и царот негов.
40 И ја порази Исус целата планинска земја, и јужните предели и рамницата и долините и сите нивни цареви; не остави никого да преживее, и сѐ живо погуби, како што беше заповедал Господ, Бог Израелов.
41 Ја порази Исус сета земја од Кадис-Барнеа до Газа и од Гесем дури до Гаваон;
42 и сите тие цареви и земјите нивни Исус ги презеде веднаш, бидејќи Господ, Бог Израелов, му помагаше на Израел.
43 Потоа Исус и сите Израелци со него се вратија во логорот во Гилгал.