1Кога го чу тоа хацорскиот цар Јавин, прати луѓе кај мадонскиот цар Јовав и кај шимронскиот цар, и кај ахшафскиот цар,
2и кај царевите, што живееја на планината откај север, и во долината јужно од Генисаретското Езеро и во рамнината и на височините кај Дор на запад.
3И кај приморските Хананци, што живееја на исток, и кај приморските Аморејци, и кај Хитијците, и кај Перизијците и Јевусијците, кои живееја во планината, и кај Евејците, што живееја во подножјето на Ермон, во регионот Мицпа.
4И излегоа сите тие цареви, а со нив и многу луѓе, толку многу колку песокот во Приморјето, со коњи и многу коли.
5И слегоа сите тие цареви, па се соединија и се сместија кај езерото Мером, за да војуваат против Израел.
6Но Господ му рече на Исус: „Не плаши се од нив, зашто утре, во ова време, ќе им ги предадам нив сите на синовите Израелови, за да ги убијат; а на коњите да им ги пресечат жилите и колите со оган да ги изгорат.“
7Исус и со него сите способни за војна излегоа ненадејно против нив кај Меромското Езеро и ги нападнаа.
8И Господ ги предаде во рацете Израелови, и тие ги разбија и ги гонеа дури до големиот град Сидон и до Мисрефот-Маим и до долината на Мицпа на исток, и ги убиваа сѐ додека од нив не остана никој жив.
9И постапи Исус со нив така, како што му рече Господ: на коњите им ги пресече жилите, а колите им ги изгоре со оган.
10Во исто време Исус, откако се врати, го презеде Асор и царот негов го уби со меч. Асор, пак, порано беше главен град на сите тие царства;
11и погуби со меч сѐ живо, што беше во него, и не остави во него ниедна жива душа. А Асор, тој го изгоре со оган.
12И сите градови на тие цареви ги зазеде Исус, и царевите со меч ги уби, како што беше заповедал Мојсеј, слугата Господов.
13Но, сите тие утврдени градови, Израел не ги изгоре, освен Асор, кој го запали Исус.
14А сето богатство од тие градови и добитокот го запленија синовите Израелови; сите луѓе, пак, ги убија со меч, така што сите беа истребени; не оставија ниту една жива душа.
15Како што му беше заповедал Господ на Својот слуга Мојсеј, така Мојсеј му заповеда на Исус, а Исус така и направи: не отстапи ниту од еден збор во сѐ што му беше заповедал Господ на Мојсеј.
16Така ја презеде Исус целата онаа земја: планинската област и целата земја Негев и целата земја Гесем, како и рамнината на запад, и планината Израелова, и полињата,
17од планината Халак, која се протега кон Сеир, и дури до Ваал-Гад, во долината на Ливан, под планината Ермон, и сите цареви нивни ги фати и ги уби.
18Долго време Исус војуваше со тие цареви.
19И немаше ниеден град, кој Господ не му го предаде на Израел, освен Гаваон во кој живееја Евејците; сите тие со борба ги зазедоа;
20зашто од Господ беше тоа, тие да го ожесточат срцето свое и да започнат борба против Израел за да бидат фрлени во проклетство и за нив да нема милост, туку да бидат погубени така, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј.
21Во тоа време пристигна Исус и ги нападна Анакијците на планината, во Хеврон, во Давир, во Анав, по целата планина Израелова, и по целата планина Јудина со градовите нивни и ги фрли во проклетство.
22Од Анакијците не остана ниеден во земјата на синовите Израелови; останаа само во Газа, во и во Ашдод.
23Така ја презеде Исус целата земја, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј, и му ја предаде Исус во наследство на Израел, откако ја раздели на племињата нивни. И земјата престана да војува.