Joshua 8
1 И му рече Господ на Исус: „Не плаши се и не се ужасувај; земи ги со себе сите мажи, способни за војна и оди во Гај; ете, Јас ќе го предадам во твои раце гајскиот цар и неговиот народ, неговиот град, и неговата земја.
2 Направи му на Гај и на царот негов исто она што му направи на Ерихон и на царот негов; само пленот и добитокот негов поделете си го; постави заседа зад градот.“
3 Исус и сите мажи, способни за војна, се подготвија да одат во Гај; и одбра Исус триесет илјади храбри мажи и ги испрати во текот на ноќта,
4 им даде заповед, велејќи: „Скријте се зад градот; не се оддалечувајте од градот и бидете сите готови;
5 јас, пак, и сите мажи, што се со мене, ќе се доближиме до градот и штом жителите излезат против нас, како и порано, ние ќе избегаме од нив;
6 тие ќе јурнат по нас, и така ние ќе ги одвлечеме од градот, зашто тие ќе речат: — бегаат од нас, како и порано; откога ќе избегаме од нив,
7 вие станете од заседата и одете во градот, и Господ, вашиот Бог, ќе ви го предаде во рацете ваши.
8 Откога ќе го преземете градот, запалете го градот со оган, постапете според заповедта моја; тоа ви го заповедам јас.“
9 Така ги испрати Исус, и тие отидоа во заседа и заседнаа меѓу Ветил и Гај, на запад од Гај; таа ноќ преноќева Исус среде народот.
10 Откако стана утрината рано, Исус го прегледа народот и тргна — тој и старешините Израелови, пред народот, за Гај;
11 и сите мажи, способни за војна, што беа со него, тргнаа, се приближија и дојдоа до градот од спротива.
12 И се сместија на север од Гај, а меѓу нив и Гај имаше долина. Потоа Исус зеде околу пет илјади души и ги постави во заседа меѓу Ветил и Гај, на запад од градот.
13 А народот се смести во логорот, кој беше на север од градот, додека неговата заседа беше на запад од градот. А Исус отиде таа ноќ среде долината.
14 Штом царот на Гај го виде тоа, стана рано и излезе веднаш со жителите на градот против Израел во борба на определеното место пред рамнината; но тој не знаеше дека против него има заседа позади градот.
15 Исус и целиот Израел, небаре, се разбиени од нив, избегаа кон пустината;
16 а тие го повикаа целиот народ, што беше во градот, за да ги гонат, и, гонејќи го Исус, се оддалечија од градот;
17 и не остана во Гај и во Ветил ниту еден човек, кој не беше тргнал по Израел; а градот свој го оставија отворен, гонејќи го Израел.
18 Тогаш Господ му рече на Исус: „Спружи го копјето, што е во раката твоја, кон Гај, бидејќи Јас ќе го предадам во твоите раце и заседата веднаш нека стане од своето место!“ Исус го спружи кон градот копјето, што беше во раката негова.
19 А оние што беа во заседа станаа веднаш од местото свое и јурнаа, штом ја испружи раката своја, влегоа во градот, го презедоа и за миг го запалија со оган.
20 Гајските жители, кога погледнаа назад, видоа дека од градот се крева дим кон небото. Немаше каде да бегаат — ниту натаму, ниту наваму; зашто народот, што беше во пустината, се сврте кон гонителите.
21 Исус и целиот Израел, кога видоа дека оние што беа во заседа го презеле градот и дека од градот се крева дим, се вратија и почнаа да ги убиваат жителите на Гај.
22 А оние од градот излегоа против нив, така што тие се најдоа меѓу Израелците, од кои едни беа на едната страна, а другите на другата; така ги разбија, што не оставија од нив ниту еден жив, ниту избеган;
23 а царот на Гај го фатија жив и го доведоа кај Исус.
24 Откако Израелците ги убија сите жители од Гај во полето и во пустината, каде што ги гонеа, и откако тие сите до еден паднаа од сечилото на мечот, тогаш сите Израелци се вратија во Гај и го поразија со сечилото на мечот.
25 Бројот на мажите и жените загинати во тој ден изнесуваше дванаесет илјади. Сите беа жители на Гај.
26 Исус не ја тргна раката своја, што ја беше испружил со копјето, додека не ги фрли во проклетство сите од Гај;
27 само добитокот и пленот од тој град синовите Израелови го поделија меѓу себе, според Господовиот збор, што Господ беше му го кажал на Исус.
28 Тогаш Исус го изгоре Гај и го претвори во вечни урнатини, кои стојат до ден-денес.
29 А гајскиот цар го обеси на дрво до вечерта; по зајдисонце Исус пак им заповеда, и го симнаа трупот негов од дрвото, го фрлија пред градските порти во ров, и натрупаа врз него голем куп камења, кој постои до ден-денешен.
30 Тогаш Исус Му изгради жртвеник на Господ, Бог Израелов, на гората Евал,
31 како што Мојсеј, слугата Господов, им беше заповедал на синовите Израелови, за кое беше напишано во книгата на Мојсеевиот закон, — жртвеник од цели камења, до кои не допрело железо; и принесоа врз него сепаленици на Господ и жртви за мир.
32 И таму на камењата Исус напиша препис од законот на Мојсеј, што тој го беше напишал за синовите Израелови.
33 Сиот Израел, старешините негови и управителите негови и судиите негови, застанаа од едната и од другата страна на ковчегот спроти свештениците — левитите, кои го носеа ковчегот на заветот Господов, — како природените, така исто и придојдените жители, едната половина од нив кај планината Гаризим, а другата половина кај планината Евал, како што порано Мојсеј, слугата Господов, беше заповедал да се благословува народот Израелов.
34 Потоа Исус ги прочита сите зборови од законот, благословувањата и проклетствата, како што е напишано во книгата на законот;
35 од сѐ, што Мојсеј му беше заповедал на Исус, немаше ни збор што Исус не го прочита пред целото израелско собрание, пред мажите и жените и децата и придојдените што се најдоа меѓу нив.