Joshua 7
1 Но синовите Израелови направија грев и зедоа од проколнатото. Ахан, синот на Карми, син на Завдиј, Зерахов син од Јудиното племе, зеде од проколнатото, и гневот Господов се разгори против синовите Израелови.
2 Од Ерихон Исус испрати луѓе во Гај, кој е наспроти Бет-Авен, источно од Ветил, и им рече: „Одете, разгледајте ја земјата!“ Тие отидоа и го разгледаа Гај.
3 И откако се вратија кај Исус, му рекоа: „Нека не оди целиот народ, туку нека отидат две до три илјади луѓе и ќе го разбијат Гај; не праќај го таму целиот народ, бидејќи тие се малку на број.“
4 И така, отидоа таму од народот околу три илјади души, но тие почнаа да бегаат пред жителите на Гај;
5 жителите на овој град убија од нив триесет и шест души, ги гонеа од портите на градот до Шеварим и ги разбија; од тоа срцата на луѓето се растопија и станаа како вода.
6 Исус ја раскина облеката своја и падна ничкум на земјата пред ковчегот на Господ и лежеше дури до вечерта, тој и старешините Израелови, и ги посипаа со пепел главите свои.
7 И рече Исус: „Ти се молам, Господи Боже, зошто го преведе Твојот народ преку Јордан, за да го предадеш во рацете на Аморејците на погубување? Ех, да си останевме да живееме од онаа страна на Јордан!
8 О, Господи, што да кажам, бидејќи Израел го сврте грбот пред своите непријатели?
9 Хананците и сите жители на земјата ќе чујат, ќе нѐ опколат и ќе нѐ истребат нас од земјата. И што ќе направиш за Твоето големо име?“
10 Господ му одговори на Исус: „Стани, зошто падна ничкум?
11 Згрешија луѓето и ја прекршија Мојата заповед, што им ја дадов; украдоа од проколнатото, и го сокрија меѓу своите предмети;
12 затоа синовите Израелови не можат да издржат пред непријателите свои и им свртеа грб, бидејќи тие потпаднаа под клетвата; нема да бидам веќе со вас, ако не го отстраните од вас проколнатото.
13 Стани, освети го народот и кажи: Осветете се за утре, бидејќи така вели Господ, Бог Израелов: Проколнатото е во тебе, Израеле; затоа ти не ќе можеш да издржиш пред непријателите свои, додека не го отстраниш од себе проклетството.
14 Соберете се утре според племињата свои; племето, пак, што ќе го покаже Господ, нека мине по родовите; и родот, што ќе го покаже Господ, нека мине по домовите што ќе ги покаже Господ, и нека мине човек по човек;
15 кој ќе биде фатен дека украл од проколнатото, со оган нека се изгори тој и сѐ што е негово, затоа што ја прекршил заповедта на Господ и направил престап среде Израел.“
16 Откако стана утредента рано, Исус ги преведе луѓето според племињата свои, и беше посочено на Јудиното племе;
17 потоа заповеда да минат родовите на Јуда, и беше посочен родот на Зерах; му заповеда на Зераховиот род да мине според домовите, и беше посочен домот на Завдиј.
18 Му заповеда на домот негов да мине човек по човек, и беше покажан Ахан, синот на Карми, син на Завдиј, Зерахов син, од Јудиното племе.
19 Тогаш Исус му рече на Ахан: „Синко, прослави Го Господ, Бог Израелов, исповедај се пред Него и кажи ми, што си направил; не криј од мене.“
20 Ахан му одговори на Исус и рече: „Навистина, јас згрешив пред Господ, Бог Израелов, и го направив ова:
21 меѓу запленетите предмети видов една убава облека од Сенаар и двесте шекели сребро и една златна шипка, со вредност од педесет шекели; тоа ми се допадна и јас го зедов; и, ете, тоа е закопано во земјата среде мојот шатор, а среброто е под него.“
22 Исус испрати луѓе, и тие отидоа во неговиот шатор; и ете, сето тоа беше сокриено во неговиот шатор, и среброто под него.
23 Тие го изнесоа тоа од шаторот, го донесоа кај Исус и кај старешините Израелови и го ставија пред Господ.
24 Тогаш Исус и сите Израелци со него, го зедоа Зераховиот син Ахан, среброто, облеката, и златната шипка, неговите синови и неговите ќерки, неговите волови и неговите магариња, овците негови и неговиот шатор, и сѐ што беше негово, и го одведоа во долината Ахор.
25 И рече Исус: „Затоа што некои од нас истреби, Господ ќе те истреби денес тебе.“ И сите Израелци го убија со камења — него и сите негови блиски, ги изгореа не само нив, туку и сѐ што имаа со оган, и нафрлаа врз нив камења.
26 И нафрлаа врз него голема грамада камења, која остана сѐ до ден-денес. Потоа стивна силата од гневот на Господ. Поради тоа, она место и денес се вика „Долината Ахор“.