Joshua 6
1 А Ерихон беше утврден и затворен поради страв од синовите Израелови; никој не излегуваше и не влегуваше во него.
2 Тогаш му рече Господ на Исус: „Еве, Јас го предавам Ерихон во твои раце и царот негов и силните луѓе;
3 обиколувајте го градот сите вие, способни за војна, по еднаш, и така правете шест дена;
4 и седум свештеници нека носат пред ковчегот седум труби од рогови; а седмиот ден обиколете го градот седумпати и свештениците нека трубат со трубите од рогови.
5 И кога трубите од рог ќе затрубат силно, веднаш штом ќе го чуете звукот од трубите, целиот народ нека воскликне, и градските ѕидишта ќе паднат сами до основата своја пред оние што викаат; и тогаш целиот народ да навлезе секој од своето место.“
6 Тогаш дојде Исус, синот Навинов, кај свештениците и им рече: „Земете го ковчегот на заветот Господов и седум свештеници нека носат седум рогови труби пред ковчегот Господов!“
7 И им рече, велејќи: „Заповедајте му на народот да го обиколат и да го опкружат градот; а вооружените нека одат пред ковчегот Господов.“
8 Штом Исус му го кажа тоа на народот, рече и седумте свештеници, што ги имаа седумте свештени труби, да појдат и да затрубат со трубите, и ковчегот на заветот Господов да оди по нив.
9 Вооружените, пак, одеа пред свештениците, кои трубеа со трубите; и оние што одеа по нив, по ковчегот, трубеа со трубите.
10 На народот, пак, Исус му заповеда и рече: „Не викајте и да не се чуе глас од вас, и да не излегува збор од устата ваша до оној ден, додека не ви заповедам: викајте! — и тогаш ќе викнете.“
11 Така ковчегот Господов тргна околу градот и еднаш го обиколи; и дојдоа во логорот и ноќеваа во него.
12 Исус стана утрината рано, и свештениците го понесоа ковчегот Господов;
13 и седумте свештеници, што ги носеа седумте труби пред ковчегот Господов, одеа и трубеа со трубите; вооружените, пак, одеа пред нив, а другите одеа по ковчегот Господов и свештениците затрубија со роговите труби.
14 И вториот ден го обиколија градот еднаш и се вратија во логорот. Така правеа шест дена.
15 На седмиот ден станаа рано и го обиколија градот седумпати; само тој ден го обиколија градот седумпати.
16 И при седмото заобиколување свештениците затрубија во трубите. Тогаш Исус му рече на народот: „Викајте, бидејќи Господ ви го предаде градот!
17 И градот, со сѐ што е во него да падне во проклетство, во името Господово; само блудницата Раав поштедете ја, неа и секој што е во домот нејзин; зашто таа ги сокри извидниците што ги пративме.
18 Но и вие чувајте се од проколнатото, за да не паднете и самите во проклетство, ако земете нешто од проколнатото, и со тоа на логорот и на синовите Израелови да им донесете проклетство, и нас да нѐ истребите.
19 Златото, пак, среброто и бакарот и железото се за Господ и да се внесат во ризницата Господова!“
20 И затрубија свештениците со трубите. Штом го чу народот гласот на трубите, сите извикаа со висок глас, и сите ѕидишта паднаа, и целиот народ влезе во градот, секој од своето место, и го презедоа градот.
21 И фрли во проклетство Исус сѐ што беше во градот, — мажите и жените, младите и старите, овците и магарињата; сѐ се истреби со меч.
22 А на двете момчиња што ја извидуваа тајно земјата, Исус им рече: „Влезете во домот на жената блудница и изведете ја оттаму неа и сите што се кај неа, бидејќи вие ѝ се заколнавте.“
23 Тогаш влегоа момчињата, што го разгледуваа градот во домот на жената и ја изведоа блудницата Раав и таткото нејзин, мајката нејзина, браќата нејзини и сите нејзини роднини и сите што беа кај неа, ги изведоа и ги ставија надвор од логорот на Израел.
24 А градот и сѐ што беше во него, го изгореа со оган; само среброто и златото, бакарот и железото ги предадоа за да се внесат во ризницата Господова.
25 Блудницата, пак, Раав и целото семејство на нејзиниот татко, Исус ги остави живи, и таа живее меѓу синовите Израелови до денес, зашто ги сокри извидниците што ги испрати Исус за да го разгледаат Ерихон.
26 Во тој ден Исус проколна и рече: „Проклет да биде пред Господ оној што ќе го издигне и изгради овој град Ерихон; врз првородениот син свој тој ќе ги положи основите негови и врз најмалиот син свој ќе ги постави портите негови!“
27 И Господ беше со Исус, и славата Негова се рашири по целата земја.