Joshua 24
1 Тогаш Исус ги собра сите племиња Израелови во Сихем и ги свика старешините на Израел и кнезовите негови, судиите негови и управителите негови, и тие се претставија пред Бога.
2 И му рече Исус на целиот народ: „Вака вели Господ, Бог на Израел: вашите татковци, Тара, таткото Авраамов и таткото Нахоров, во старо време живееја од онаа страна на Реката и им служеа на други богови.
3 Но јас го зедов таткото ваш Авраам од онаа страна на Реката, го водев до земјата хананска, му го умножив семето негово и му го дадов Исак.
4 На Исак му ги дадов Јаков и Исав. На Исав му ја дадов во наследство гората Сеир; а Јаков и синовите негови влегоа во Египет.
5 Тогаш ги испратив Мојсеј и Арон и го совладаа Египет со она што го извршив таму, а потоа ве изведов.
6 Ги изведов татковците ваши од Египет, и вие дојдовте кај Црвеното Море. Тогаш Египќаните се спуштија по татковците ваши со коли и коњаници до Црвеното Море;
7 но тие повикаа кон Господ, и Тој спушти густа магла меѓу нас и Египќаните и го наведе на нив морето, кое и ги покри. Очите ваши видоа што направи Господ во египетската земја и вие останавте во пустината многу денови.
8 И ве воведе во земјата на Аморејците, кои живееја од онаа страна на Јордан; тие станаа против вас, но Господ ги предаде во ваши раце, и вие ја добивте како наследство земјата нивна и ги истребивте од пред лицето ваше.
9 Се крена Валак, синот на Ципор, моавскиот цар, и отиде со војска против Израел, и испрати да го повикаат Беоровиот син Валаам, за да ве фрли во проклетство;
10 но Господ не сакаше да го послуша Валаам, — тој ве благослови, и јас ве избавив од рацете негови.
11 Вие го преминавте Јордан и дојдовте во Ерихон. И почнаа да војуваат против вас жителите на Ерихон: Аморејците и Перизијците, Хананците и Хитијците, Гергесејците, Евејците и Јевусијците, но Господ ги предаде во вашите раце.
12 И испрати пред вас стршели, кои ги изгонија од пред вас двајцата аморејски цареви; без твојот меч и без твојот лак.
13 И ви даде земја, за која вие не сте се труделе, и градови што не сте ги граделе, и вие живеете во нив; и лозја и маслини, кои не сте ги саделе, а јадете плодови.
14 И така, имајте страхопочит кон Господ и служете Му со чистота и искреност; и отфрлете ги боговите на кои им служеа предците ваши од онаа страна на Реката и во Египет, и служете Му на Господ.
15 Ако, пак, не ви е мило да Му служите на Господ, одберете си сега, кому да му служите: на боговите ли, на кои им служеа предците ваши, кога беа од онаа страна на Реката, или на боговите на Аморејците, во чија земја живеете, а, пак, јас и домот мој ќе Му служиме на Господ.“
16 Одговори народот и рече: „Не, тоа никако! Нема да Го оставиме Господа и нема да им служиме на други богови!
17 Зашто Господ е наш Бог; Тој нѐ изведе нас и таковците наши од египетската земја, од домот на ропството, и правеше пред очите наши големи чуда и нѐ чуваше по целиот пат, по кој одевме, и меѓу сите народи, низ кои минувавме.
18 Господ ги изгони откај нас сите народи и Аморејците, што живееја во оваа земја. Затоа и ние ќе Му служиме на Господ, бидејќи Тој е наш Бог.“
19 Исус му рече на народот: „Не ќе може да Му служите на Господ, зашто Тој е свет Бог, Бог ревнител; Тој нема да го истрпи беззаконието ваше и гревовите ваши.
20 Ако Го оставите Бога и им служите на туѓи богови, Тој ќе испрати на вас зло и ќе ве истреби, место да ви направи добро.“
21 И народот му одговори на Исус: „Не, ние ќе Му служиме на Господ.“
22 Исус му рече на народот: „Сведоци ли сте вие за себе дека Го избравте Господа да Му служите?“ Тие одговорија: „Сведоци сме.“
23 „А сега, отфрлете ги туѓите богови што се меѓу вас и свртете го срцето свое кон Господ, Израеловиот Бог.“
24 Народот му рече на Исус: „На Господа, нашиот Бог, ќе Му служиме и гласот Негов ќе го слушаме.“
25 И тој ден Исус направи со народот завет и му даде наредби и закони во Сихем пред скинијата на Господ, Бог Израелов.
26 И ги запиша Исус тие зборови во книгата на законот Божји, па зеде голем камен и го постави таму под дабот, што е пред светилиштето Господово.
27 И му кажа Исус на целиот народ: „Ете, овој камен ќе ни биде сведок, бидејќи тој ги слушна сите зборови на Господ што Тој ви ги кажа денес; тој нека биде сведок против вас, ако некогаш лажете пред Господ, Вашиот Бог.“
28 И потоа Исус го испрати народот, секој во местото свое.
29 И по сето тоа умре Исус, синот Навинов, слугата Господов, на сто и десет години.
30 И го погребаа во пределите на делот негов во Тимнат-Серах, во Ефремовата Гора, на север од планината Гааш.
31 И Му служеше Израел на Господ во сите денови Исусови, и во сите денови на старешините, кои го поминаа времето со Исус и кои ги видоа сите дела што му ги направи на Израел.
32 И коските на Јосиф, кои Израеловите синови ги изнесоа од Египет, ги погребаа во Сихем, во оној дел на полето, што Јаков го беше купил од синовите аморејски, кои живееја во Сихем, за сто сребреници и му ги даде како дел на Јосиф.
33 Потоа умре и Ароновиот син Елеазар, и го погребаа на ридот Финес, кој му беше даден на Ефремовата Гора.