Joshua 22006

1Исус, синот Навинов, тајно испрати од Ситим две момчиња и им рече: „Одете и тајно разгледајте ја земјата и градот Ерихон!“ И тие отидоа и влегоа во куќата на една блудница, по име Раав, и останаа да ноќеваат таму.

2Тогаш му јавија на Ерихонскиот цар: „Ете, некои луѓе од синовите Из­раелови дојдоа тука ноќеска, за да ја разгледаат земјата скришно.“

3Ерихонскиот цар испрати луѓе да ѝ кажат на Раав: „Изведи ги луѓето, што влегоа во твојот дом, бидејќи дошле скришно да ја разгледаат целата земја.“

4Но жената ги зеде оние две момчиња, ги сокри и рече: „Дојдоа, на­вистина, кај мене луѓе, но јас не знам од каде беа тие;

5кога, пак, на стемнување требаше да се затворат портите, тие излегоа; не знам каде отидоа; тргнете веднаш по нив, ќе ги стигнете.“

6А самата ги одведе на покривот и ги сокри во нечешлан лен, што беше спрострен кај неа на таванот.

7Испратените тргнаа потоа по патот кон Јордан сѐ до самиот премин на реката, а портите се затворија веднаш кога тргна потерата.

8Пред да легнат да спијат, Раав се качи кај нив на покривот

9и им рече: „Знам дека Господ ви ја дал вам оваа земја, бидејќи ужас нѐ опфати од вас, и сите жители на оваа земја се исплашија од вас;

10зашто чувме дека Господ ја исуши пред вас водата во Црвеното Море кога сте доаѓале од Египет, и како сте пос­тапиле со двајца аморејски цареви од онаа страна на Јордан, Сихон и Ог, кои сте ги погубиле.

11Кога го чувме тоа, срцето ни се стегна и во ниеден од нас душа не ос­тана поради вас; зашто Господ, вашиот Бог, е Бог на небото и на земјата долу;

12И така, заколнете ми се во Господ дека, како што јас ви покажав милост, така и вие ќе бидете милостиви кон домот на мојот татко, и дајте ми верен знак:

13оставете ги живи во домот на татко ми и мајка ми, браќата мои и сестрите мои, и сите што се во него, и спасете ги душите наши од смрт.“

14А луѓето ѝ рекоа: „Нашата душа да биде предадена на смрт наместо вашата, само да не нѐ предадеш. А кога Господ ни ја предаде оваа земја, ќе постапиме со тебе со милост и добрина.“

15И таа ги спушти по јаже низ прозорецот, бидејќи куќата ѝ беше во градските ѕидини и таму таа живееше;

16и им рече: „Одете сега во планината, за да не ве сретнат гонителите, и кријте се таму три дена, додека да се врати потерата што тргна по вас, а потоа одете си по вашиот пат.“

17А луѓето ѝ рекоа: „Ние ќе бидеме ослободени од клетвата твоја, со која нѐ заколна ако не постапиш вака:

18ете, кога ќе дојдеме во овој дел од градот, ова црвено јаже обеси го на прозорецот, низ кој нѐ спушти, и прибери ги во куќата кај себе твојот татко, твојата мајка и твоите браќа и целиот татков дом;

19и ако некој излезе надвор од вратата на твојата куќа, самиот нека си биде виновен, а ние ќе бидеме ослободени од оваа твоја клетва; а за сите што ќе бидат со тебе во куќата твоја, крвта нивна нека биде врз главите наши, ако некоја рака се допре до нив;

20ако, пак, некој ги открие овие наши зборови, ние исто така ќе бидеме ослободени од твојата клетва, со која нѐ заколна.“

21Таа одговори: „Нека биде според зборовите ваши!“ И ги пушти, и тие си отидоа, а таа го врза за прозорецот црвеното јаже.

22Тие тргнаа и отидоа во планината и останаа таму три дена, додека се врати потерата. Гонителите ги бараа по це­лиот пат и не ги најдоа.

23И се вратија двете момчиња, слегоа од планината, го минаа Јордан и отидоа кај Исус, синот Навинов и му кажаа сѐ што им се случи.

24И му рекоа на Исус: „Господ, ја предаде целата таа земја во наши раце, и сите жители на таа земја се уплашени од нас.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for Joshua 2.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.