1По смртта на Мојсеј, слугата Господов, Господ му рече на Навиновиот син Исус, служител на Мојсеј, велејќи:
2„Мојсеј, слугата Мој умре; затоа сега стани, мини преку реката Јордан, ти и сиот овој народ, во земјата, што Јас им ја давам, на синовите Израелови.
3Секое место, на кое ќе стапнат стапалата на вашите нозе, вам ви го давам, како што му реков на Мојсеј:
4од пустината и од Ливан дури до големата река, реката Еуфрат, целата земја Хитиска, и до Големото Море на запад ќе бидат ваши предели.
5Никој нема да ти се спротивстави во текот на сите денови од твојот живот; и како што бев со Мојсеј, така ќе бидам и со тебе: нема да те оставам, ниту ќе те презрам.
6Биди цврст и храбар, зашто ќе му ја разделиш земјата на овој народ, во наследство за која им се заколнав на татковците нивни дека ќе им ја дадам;
7само биди многу цврст и храбар, и грижливо пази да го извршиш сето она што ти го заповеда слугата Мој Мојсеј; не се отстранувај од сето тоа ни надесно ни налево, туку постапувај разумно во сѐ што ќе преземаш.
8Да не се одделува од устата твоја оваа книга на законот; туку поучувај се од неа дење и ноќе, за да разбереш како ќе го извршуваш сѐ она, што е напишано во неа; зашто тогаш ти ќе имаш успех во твоите патишта и умно ќе постапуваш.
9Еве, ова ти заповедам Јас: биди цврст и храбар, не плаши се и не се ужасувај, зашто Господ, твојот Бог, е заедно со тебе, каде и да одиш.“
10Тогаш Исус им заповеда на народните управители и рече:
11„Влезете меѓу народот и заповедајте им на луѓето и кажете им: ‚пригответе си храна за пат, зашто по три дена ќе ја минете реката Јордан, и ќе влезете да ја преземете земјата, која Господ, Бог на вашите татковци, ви ја дава во наследство.‘“
12А на племето Рувимово, Гадово и на половината од Манасиевото племе, Исус им рече:
13„Спомнете си, што ви заповеда Мојсеј, слугата Господов, велејќи: ‚Господ, вашиот Бог ве успокои и ви ја даде оваа земја;
14вашите жени, вашите деца и вашиот добиток нека останат во земјата, што Мојсеј ви ја даде од оваа странана Јордан; а вие храбрите, што можете да војувате, тргнете вооружени пред браќата ваши и помагајте им,
15додека Господ, не ги успокои браќата ваши, како и вас; додека и тие не ја наследат таа земја, која Господ, вашиот Бог, им ја дава; тогаш вратете се во наследството свое и земете ја земјата, која Мојсеј, слугата Господов, ви ја даде од оваа страна на Јордан, каде изгрева сонцето.‘“
16Тие му одговорија на Исус: „Сѐ што ни заповедаш, ќе направиме, и каде и да не праќаш, ќе одиме;
17како што го слушавме Мојсеј, така ќе те слушаме и тебе; само Господ, твојот Бог, да биде со тебе, како што беше со Мојсеј;
18секој, што ќе се противи на твојата заповед и нема да ги послуша твоите зборови за сѐ, што ќе му заповедаш, ќе биде погубен. Само биди цврст и храбар!“