Joshua 18
1 И целата заедница на Израеловите синови се собраа во Силом, ја поставија таму скинијата на собранието, бидејќи земјата беше покорена од нив.
2 А од синовите Израелови останаа уште седум племиња, кои не беа добиле свое наследство.
3 И им рече Исус на синовите Израелови: „До кога ќе се колебате да одите да ја завладеете земјата, што ви ја даде Господ, Бог на вашите татковци?
4 Изберете си меѓу себе по тројца луѓе од секое племе и јас ќе ги пратам, и тие ќе станат, ќе ја обиколат земјата и ќе ја опишат, според тоа како ќе треба да им се раздели на делови, и ќе дојдат кај мене.
5 И нека ја разделат на седум делови: Јуда нека го задржи пределот свој на југ, а синовите Јосифови да останат во пределите свои на север.
6 А вие разделете ја земјата на седум делови и донесете ми го предлогот овде. Јас ќе ви фрлам ждрепка пред Господ, нашиот Бог.
7 А за левитите нема дел меѓу вас, бидејќи свештенството Господово е нивни дел; Гад, пак, и Рувим и едната половина од племето на Манасија добија наследство од онаа страна на Јордан, на исток, што им го даде Мојсеј, слугата Господов.“
8 Тие луѓе станаа и отидоа. А на луѓето, кои отидоа за да ја опишат земјата, Исус им даде заповед: „Одете, обиколете ја земјата, обележете ја и вратете се кај мене; јас, пак, овде ќе ви фрлам ждрепка пред Господ, во Силом.“
9 Тие луѓе отидоа, ја обиколија земјата, ја разгледаа и ја обележија, според градовите нејзини, на седум делови, па дојдоа кај Исус во логорот, во Силом.
10 Исус им фрли ждрепка во Силом пред Господ, и ја раздели таму Исус земјата меѓу синовите Израелови, според тоа како што се делеа.
11 И се фрли ждрепка за племето на Венијаминовите синови, според родовите нивни. Според ждрепката границата им минува меѓу синовите Јудини и меѓу синовите Јосифови;
12 границата нивна на север почнува од Јордан, минува зад Ерихон од север, се искачува по планината кон запад и завршува во пустината кај Бет-Авен;
13 оттаму границата оди кон Луз, на југ од Луз, инаку Ветил, и потоа слегува кон Атрот-Адар, кон гората, што е на југ од Долни Веторон;
14 потоа границата свртува и се спушта кон запад, јужно од гората, што е спроти Веторон и завршува кај Кирјат-Ваал, инаку Кирјат-Јарим, град на Јудините синови. Тоа е западната страна.
15 Јужната, пак, граница оди од Кирјат-Јарим кон морето и стигнува до водните извори на Нефтоах;
16 потоа границата слегува кон крајот на гората што е пред долината Бен-Хином, северно од Рефаимската Долина, оди по долината Бен-Хином до јужната страна на Јевус, стигнувајќи кај Ен-Рогел;
17 потоа свртува кон север, минува кај Ен-Шемеш, оди кон Гелилот, кој е спроти ридот Адумин, и слегува кон Каменот на Рувимовиот син Бохан;
18 потоа, минува северно од рамнината, и слегува кон неа;
19 оттука таа поминува од северната страна на Бет-Хогла и завршува при северниот крај на Мртвото Море, кај устието на Јордан. Тоа е јужната граница. Од исток, пак, за граница служи Јордан.
20 Тоа е наследството на Венијаминовите синови, со околните граници негови, според родовите нивни.
21 На племето на Венијаминовите синови, според родовите нивни, им припаднаа овие градови: Ерихон, Бет-Хогла и Емек-Кециц,
22 Бет-Арава, Цемараим и Ветил,
23 Авим, Пара и Офра,
24 Кефар-Амона, Офни и Гева: дванаесет градови со селата нивни;
25 Гаваон, Рама и Беерот,
26 Мицпа, Кефира и Моца,
27 Рекем, Јирпеел и Тарала,
28 Цела, Елеф и Јевус, инаку Ерусалим, и Гиват и Кирјат: четиринаесет градови со селата нивни. Тоа е делот на Венијаминовите синови, според родовите нивни.